Засипнат глас

18.08.2017 14:41
Засипнат глас

БЕЛИОТ АНГЕЛ ОД МИЛЕШЕВА

И ете, стана голем земјотрес,
зашто Господов ангел слезе од небото...
Матеј 28. 2.

што да ти кажам поубаво од тоа дека си ангел
и дека за бог седржител би се прогласил и
би се распнал
и би воскреснал и пак долго долго би те гледал
на каменот гробен


што да ти кажам поубаво од тоа дека си ангел
дека и понатаму се вознесуваш со своите крилја
под кои скапале вековите и луѓето и самиот бог
кој ти го раскова
и да поверувам дека да се воскреснува е лесно
кога има бели ангели

што да ти кажам поубаво од тоа дека си ангел
и дека во таинственоста на храмот ги издаваш
тајните на убавината
од раката на човекот кој можеби љубел
и подарувајќи ти бели руби ѝ се предал на љубовта
која во тебе ја вткал

што да ти кажам поубаво од тоа дека си ангел
и дека безбожникот му е благодарен на бога
што умирал и воскреснувал
најсвето да ѝ се поклонам на твојата света тага
гледајќи те долго на каменот гробен

НА ЉУБОВИТЕ БЛУДНИЦА

Бевме предолго сами
за да можеме да помислиме на љубов

и трагавме
по срамните предели
и поганите места
а потоа паѓавме во мистичен срам
небаре убивавме
заветно битие

а тоа
сепак
беа љубови

НЕВРЕМЕ ВО ПРИРОДА

надоаѓаше невреме

се најдовме во самотија
(таа беше врвот на нашата слобода)

врз убиениот лет
и умрените пеперутки
падна дожд
и пак сликите
ужасни и за идно сеќавање
ги следеше
најубавиот рефрен на мојата митологија

се враќаме
таму каде беа нашите гробишта
(без умирање
за да ја препознаеме
вечноста)

бевме празнина
под отфрлената маска
задушени со зборовите
кои некогаш лесно можевме да ги речеме

КАКО ДА СЕ ПРЕЖИВЕЕ ВИЗАНТИЈА

Како да се преживее Византија –
велеше
и тресејќи се
чекаше да прашаме

а ние молчевме

тие полека
змиски
ни се вовлекуваат
во зборовите
и ние пак
жртви – велеше понатаму

тишина сакаа нејзините зборови

и миг разум

навистина како да се преживее Византија

пурпурните соби и царските злостори
слепите водачи
претешките пресуди
лудостите на бегствата
желбите за туѓа светлина

сечиво врз лицето на Богородица
нож во градите на Исус
пламен за иконите
за молитвите и восхитот

плутаме низ Византија

остров и капела на гробишта
и змии помеѓу коските и вечноста
и светци за чие божество нема верници
а малку понатаму
густеж и подивени ружи
крстачи без обележја

запуштени мртовци
во пристаништето кое повеќе не чека ни едра на хоризонтот
(секој живот се плаши од вакво замирање)

а по морето плутаат потопени бродови
цветови магнолија
и никогаш отворени книги

упатуваат црквите понекогаш мисла на вековност
и мирис на темјан
и раскош од сеништа
и траење

го чуваат понекаде и Бога
во треперливиот обред на монасите

но текот оној широк
носи сè пред себе
и мириса на мачно наследство

навистина како да се преболи Византија
да се остави во прав и восхит
кога овде
единствено минатото нема крај

НОЌ ОД ЛАПИДАРИУМОТ

1.
под кипарисите
остатоци од резбарски нежности
од тврдини и стели надгробни
од кршталници
портали и олтарски украси

камења значајни
големи
но за душата тешки

и го нема ова време
ниту другото
во чии темели гледам

на еден гробен камен
(крај на светот и симбол на бесмислата)
име скршено
како погоден гласник
чија порака е нагло прекината
и сликата која ја наѕирам –
линија
и три нееднакви ѕвезди згора
и уништени слова од седум стихови

само последниот збор го насетувам
– НОЌ
на крајот од седум редови живот

молитва
за ненамерни верници

за поглед и шепот
или молчење

ТОА НАИДУВА ТИШИНАТА

Прво ги нема оние кои биле тука, секогаш.

Тоа наидува тишината.

Зашто, сè повеќе, ги нема ни оние другите,
кои ги љубиме.
(Господе, ќе им простиш ли?)

Нашата кружница станува толку голема
што веќе не може да се задржи и хоризонтите
се распрскуваат во бесконечноста на семирот.

Сами сме.

По правило, само мртвите редовно навраќаат.

А ние траеме во белината на немоќта.
Непроодна.

И заклучуваме дека лошо сме одживеале.

Не е веќе важно што сè е отсекогаш така.
Небаре никогаш никому ништо слично не му се случило.

 

Препев од црногорски: Игор Исаковски
Извор: Засипнат глас, Блесок, Скопје, 2013
Слики: Martin Wittfooth

Младен Ломпар (1944-2017), црногорски поет и ликовен критичар. Дипломирал Историја на уметност. Објавил осумнаесет книги поезија. Бил уредник е на списанието за книжевност, култура и општествени прашања „АРС“. Освен книжевност, пишувал и книжевна критика и есеи. Бил куратор на Цетињското биенале, како и потпретседател е на Дукљанската Академија на науки и уметности и прв добитник на наградата Златен печат на Црноевиќ. Делата му се преведени на многу јазици. Бил член на Меѓународниот уредувачки одбор на Блесок, каде е објавена неговата поезија на македонски јаизк.