Ѓаволот во Белград

18.08.2017 15:36
Ѓаволот во Белград

Значи, во тој дамнешен век живеел и работел Свети Бернардин Сиенски, теолог и проповедник кој – а, тоа ни во сон не му била намерата – го трасирал патот на вртоглавиот подем на Аца Родиќ и Драган Ј. Вучичевиќ.

За да ја разјаснам мистичната врска помеѓу еден христијански теолог и двајца провинцијални антихристи, Вучичевиќ и Родиќ, ќе кажам дека Свети Бернардин 500 години пред споменатите новинарски магнати го зголемил својот (усен) тираж до вртоглави висини благодарение на таблоидноста достојна на Курир и Информер. Имено, незадоволен од незаинтересираноста и млакоста на ценетиот верски публикум, кој неговите проповеди за пеколот, покајувањето и така натаму, ги следел крајно незаинтересирано, зборувајќи си меѓусебно, поттурнувајќи се и чешкајќи се по газовите, свети Бернардин едно утро згрмел со проповедта: „Дојдете утре на миса, говеда, утре ќе ви го покажам вистинскиот ѓавол, од крв и месо, сосе рогови и копита.“

Секако, било „повеќе од предвидливо“ дека црквата утредента била претесна за да ги прими сите љубопитни кои дисциплинирано, во мртва тишина чекале Бернардин да им го покаже Ѓаволот, но тој – токму како што прават Родиќ и ДЈВ – им покажал нешто сосема поинакво од она што го ветил. „Погледнете се едни со други“ – извикал светителот – „па, ќе видите ѓаволи од крв и месо“.

Сега одиме назад во 21 век, ако тој век и воопшто настапил. Сметам дека Свети Бернардин би направил добрина ако стане од гробот – тоа нема да им се провлече на Информер и Курир – и преку платен оглас во жолтиот печат да најави јавно прикажување на вистинскиот ѓавол, во Сава центар, да речеме, а јас гарантирам дека таа најава на закажаното место би привлекла најмалку онолку љубопитни и провокатори колку што имаше на отворањето на мостот на Ада или на свеченото отворање на Икеа. Кој би одолеал на предизвикот да направи селфи со Ѓаволот. Е, сега, што на собраните – освен да се погледнат едни со други – би можел да им каже Свети Бернардин, не знам, но знам што би рекол јас, па тоа и ќе го кажам.

Вие, господа Срби, не сте во состојба да живеете во мир едни со други, туку се касате како бесни пци, а сакавте да ги натерате другите да живеат во мир со вас! Не бевте во состојба да ги асфалтирате патиштата и да обезбедите завои за болниците во Србија без покраините, а сакавте да ја проширите на север до Огулин, а на југ до Егејското море. Не сте во состојба да ја запрете војната на Китај Город и Еуро махала, а имавте на ум национално да се помирите со Бошњаците и Албанците, затоа слушајте: кога Свети Бернардин навистина ќе дојде еден ден, ќе ви го покаже вистинскиот ѓавол.

Извор: Danas
Сликa: Стив Хартвел

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Балкан / Историја
Балкан / Свет
Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото