Придавање важност на „женската работа“

19.08.2017 11:51
Придавање важност на „женската работа“

Во текот на следните неколку месеци, 12-те илјади вработени во седиштето на „Епл“ во Купертино, Калифорнија ќе завршат со селењето на нова и екстравагантна локација. „Вселенскиот брод“, којa се протега на 260 илјади квадратни метри, и вклучува центар за јога на два ката, патеки за трчање, дури и револуционерни кутии за пица во кои кората останува крцкава. Сепак, има една работа што таму не може да се најде, а тоа е детска градинка.

Кога станува збор за игнорирање на важноста на градинките за вработените родители, „Епл“ не се единствени. Непостоењето на градинка претставува голема пречка за родителите да го достигнат нивниот максимален економски потенцијал, а жените се оние кои се најмногу погодени.

Во светот, жените извршуваат двојно повеќе неплатени домашни обврски и обврски поврзани со нега – во кои се вклучени грижа за деца, грижа за стари лица или болни членови на семејството и обврски за управување со домаќинството – од мажите. Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

Овој „јаз во родовите задачи” ги ограничува можностите на жените, бидејќи тој претставува пречка за тие да стекнат формално образование, да обезбедат добра работа и да добијат еднаква плата. Впрочем, и покрај тоа што жените во светот работат повеќе од мажите, вкупно гледано (вклучувајќи платена и неплатена работа), нивната заработувачка е пониска за една четвртина од мажите во просек и тие имаат само една четвртина од извршните позиции во приватниот сектор, како и помалку од една четвртина од вкупната бројка на места во државните парламенти. Само половина од работоспособните жени во светот се дел од платената работна сила, споредено со повеќе од три четвртини од работоспособните мажи.

Оваа ситуација полека почнува да се менува. Неплатената работа во домаќинството и неплатената грижа постепено ја губи ознаката „женска работа“, а мажите денес преземаат сè повеќе обврски во домот во споредба со нивните татковци и дедовци. Некои земји, особено во Европа, ги ревидираат традиционалните политики за породилно отсуство, за родителите да можат да одлучат како ќе го користат тоа отсуство откако детето ќе се роди.

Пошироко, вредноста на неплатената работа во домот и грижата – не само за децата и членовите на семејството, туку и за долгорочното здравје на општествата и економиите – добива сè поголемо признание. Напорите да се измери придонесот од обврските за грижа во националните економии дале резултати кои се движат од 20% до 60% од БДП.

Во 2015 година, земјите членки на Обединетите Нации ги усвоиле Одржливите развојни цели (ОРЦ (SDGs), кои повикуваат да се признае, намали и прераспредели неплатената грижа – мерка која долго време ја предлагаат економистите феминисти и оние кои се залагаат за родова еднаквост. Прашањето сега е што фактички може да се стори за да се исполни оваа цел.

Прво и основно, одговорноста ја имаат владите. Сепак, бизнисите или здруженијата на месните заедници може да понудат опции за згрижување на деца додека родителите работат, но трошоците и квалитетот на тие служби драстично се разликуваат меѓу себе. Потребна е владина акција за да се обезбедат служби за грижа на сите на кои им е потребно – од деца во предучилишна возраст до болни лица, лица со инвалидитет и стари лица – и истите да можат да ги добијат и да си ги дозволат.

За да се постигнат одржливите развојни цели, покрај службите, потребни се и промени во политиките. Најважно е тоа што владите мора да утврдат услови за програмите за породилно отсуство. Заедно со приватните компании, тие може и да обезбедат парични стимулации за мажите и жените подеднакво да ја делат работата во домот и грижата. Таквите политики се покажале како ефективни не само во Северна Европа – најчесто наведуваниот модел – туку и во Источноевропски земји како Литванија, Естонија, дури и Унгарија, покажувајќи дека тие може да се применат секаде.

Во време кога многу влади, особено во земјите во развој, се соочени со повеќе фискални ограничувања, таквите интервенции може да се чинат како тешко изводливи. Но трошењето пари на секторот за грижа треба да се смета за инвестиција, а не трошок. Недамнешна студија во Турција покажала дека еден долар народни пари инвестиран во секторот за грижа би можел да создаде 2,5 пати повеќе работни места отколку долар инвестиран во градежната индустрија. Повеќе од половина од тие работни места – пристојни работни места кои може да ги зголемат приходите и стандардите за живот, особено за сиромашни домаќинства – би биле за жени.

Меѓународните институции може да играат важна улога во помагање на владите да ги искористат можностите претставени со инвестиции во секторот за грижа. Во Република Македонија, Програмата за развој на Обединетите Нации презела иницијатива со која им се помага на жените кои претежно целиот нивен живот работеле дома да најдат работа во секторот за грижа, со што им се овозможило да ги применат своите вештини, грижејќи се за деца и млади возрасни лица со инвалидитет, истовремено заработувајќи приход.

Додека населението расте и старее, секторот за грижа ќе добива сè поголема важност. Приспособувањето на овие нови околности сега ќе им овозможи на земјите значителна предност, бидејќи со тоа се зајакнуваат правата и слободите на жените, се создаваат нови работни места и општествата стануваат поеднакви. Тогаш, што чекаме?

 

Барати Садисвам е регионален советник за родови прашања на Развојната прогрмаа на Обединетите Нации за Источна Европа и Средна Азија

Copyright: Project Syndicate, 2017.

Извор: respublica.edu.mk