Дилавер Бојку-Леку и трговијата со бело робје

20.08.2017 00:12
Дилавер Бојку-Леку и трговијата со бело робје

Убиството на овој балкански макро ме врати 15-тина години наназад и пред очи ми се појавија стотици и стотици измачени лица на девојчиња и девојки - жртви на трговија со луѓе, измачување и сексуално насилство кои поминале низ струшко Велешта...

Се присетив на малолетните Романки, Молдавки, Украинки, Русинки кои низ плач ми раскажуваа како по цели денови биле најгрубо физички малтретирани, изгладнувани, затворани, со комплетно одземена слобода на движење и комуникација, а по цели ноќи најперверзно принудувани да даваат сексуални услуги на огромен број клиенти-гости во ноќните барови...

...Само за една година при полициските рации пронајдовме, а потоа заедно со уште една колешка од секторот за сузбивање на трговија со луѓе, разговарав со околу 300 странски државјанки – вистински жртви на трговијата со бело робје, девојчиња третирани како животни и добиток за продажба, изложени на највисок степен на понижување и сексуално злоупотребување, изложени на сериозни здравствени ризици без каков било пристап до основна медицинска заштита.

Ќе споменам дека и овој организиран криминал редовно е потпомогнат од властите, како во земјите на потекло, транзит, така и кај нас, како крајна дестинација. Поради ова, често на почетокот на контактите бевме пропратени со резервираност и сомничавост на жртвите во нашата добронамерност при земање на нивните изјави и сведоштва токму поради инволвираноста на полициски службеници во бизнисите на нивните „газди“ и никако не сакаа да слушнат да разговарат со инспектори – мажи!

Романката-сведок која цврсто застана против големиот балкански макро иако со денови ѕверски тепана и држена во селскиот бунар за да биде присилена на проституција и чија изразито долга коса под тркалата на разулавениот газда била прегазувана на струшкиот асфалт за да биде исплашена и уценувана и принудувана на проституција, единствено што побара при нејзината репатријација е основна безбедносна заштита и мала промена на нејзината коса, а од државава доби само торта и авионска карта до дома!

И тогаш не бев изненадена од малите затворски казни што Леку ги доби од македонскиот Суд, ниту пак сега ме изненади неговиот крај!

Извор: Фејсбук профилот на авторката

ОкоБоли главаВицФото