Дионис ја воодушеви публиката на „МакеДокс“

21.08.2017 00:52
Дионис ја воодушеви публиката на „МакеДокс“

Со македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Со љубов“, снимен по сценарио и во продукција на Атанас Георгиев, а во режија на Илија Цветковски, на 19 август во Куршумли-ан, беше отворено осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. На проекцијата на филмот во Куршумли-ан беше присутен голем дел од екипата на филмот, предводена од режисерот, сценаристот и, секако, главниот протагонист Дионис.

На отворањето на фестивалот, во име на целата екипа, која во рацете го држеше симболот на „МакеДокс“ – главица кромид, се обрати селекторката на филмската програма, Петра Селишкар.

„Добрeдојдовте на 8. ’МакеДокс‘! Ние птиците од сите земји што сме заљубени во документарните филмови повторно сме во своето гнездо – Куршумли Ан. Фестивалот ќе го отвориме со љубов, како што е насловот и на филмот на Илија Цветковски, што ја има својата македонска премиера. Токму со ова издание на фестивалот ќе погледнеме на нашето гнездо од птичја перспектива, бидејќи извесно време, можеби, нема да можеме да се вратиме во него. Но, би сакале нашето гнездо – Куршумли Ан, да остане отворено за птици како нас“, рече Петра Селишкар.

Филмот „Со љубов“ зборува за Дионис, наставник по биологија пред пензионирање, кој има пасија и сон. Наместо жена му, навечер друштво му прават над сто стари автомобили. Пред неколку денови филмот беше прикажан и на Филмскиот фестивал во Сараево.

„Вложивме многу љубов во снимањето на документарниот филм ’Со љубов‘ и би сакале таа љубов да биде препознаена и на филмското платно“, најави режисерот Илија Цветковски.

Ретко се случува во текот на една филмска проекција да одекне силен аплауз и да се слушнат овации на одобрување од публиката. Филмот „Со љубов“ поттикна навистина силни емоции кај публиката. Едноставниот и питом карактер на професорот Дионис освојува на прво гледање, а неговата страст во собирањето на стари автомобили поттикнува да се солидаризирате во остварувањето на неговиот сон – создавање на музеј на стари автомобили во неговиот град Неготино.

По завршувањето на проекцијата, екипата на филмот беше пречекана со силен аплауз и бурни стоечки овации пред платното.

„Вечерва сакав тишината да зборува место мене, но морам да кажам дека во светот ова мое хоби го третираат поинаку, како културно наследство. Драго ми е што се најдоа луѓе кои го препознаа тоа и со филмот дадоа поддршка на остварувањето на мојот сон“, рече главниот протагонист Дионис.

Режисерот Цветковски додаде дека „главната инспирација за снимањето на филмот доаѓа од страста на Дионис и неговите морална и етичка исправност, со кои се трудел во текот на целиот живот да го оствари својот сон“.

„Најмногу инспирира балансот што Дионис успеал да го направи во својот живот – да се радува на малите работи, а да не биде опседнат со материјалното, бидејќи за да ги купи сите тие стари автомобили му биле потребни пари. Мислам дека направивме убава животна филмска приказна“, додаде Цветковски.

На прашање од публиката, сопругата на Дионис, Грозданка Пашлакова (сопственичка на „Шугар арт“) рече дека е благодарна на поддршката од публиката и на проекцијата во Сараево пред неколку дена, и на скопската публика на „МакеДокс“ и објасни дека страста на Дионис била прифатена од целото семејство, а неговиот сон е остварен до крај. Таа од екипата на „МакеДокс“ доби подарок – торта со форма на стар автомобил.

На тоа реплицираше Дионис, кој рече дека одреден период се наоѓал во ’менопауза‘ (односно престанал да купува стари автомобили), и дека поддршката од семејството доаѓала во синусоиди. Кога сите виделе дека со купувањето ќе оди во бесконечност им дал чесен збор дека ќе престане со хобито кога ќе има 101 стари автомобили. Во меѓувреме се појавиле луѓе кои му подариле стар мерцедес, па БМВ и сега има точно 108 автомобили за својот музеј.

Дионис своето автомобилско наследство ќе го остави во посед на своите три сина, со надеж дека некогаш ќе успеат да направат вистински Музеј на стари автомобили во нивниот град.

Вечерта на отворањето на 8. „МакеДокс“ траеше до доцните часови во ноќта со концертот на групата „Фолтин“, која ја направи музиката за филмот „Со љубов“.

Пред проекцијата на филмот „Со љубов“ од програмата на кратки документарци беше прикажан филмот „Од филмското платно до фудбалскиот терен“ на Озгур Демирџи од Турција.

На првата сесија разговори „Под смоквата“ на 20 август гости беа Илија Цветковски, Атанас Георгиев и Озгур Демирџи од Турција, кои зборуваа за процесот на создавањето на своите филмови.

Вториот ден на „МакеДокс“ почна со работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ја води фотографот Сашо Н. Алушевски, и на која во наредните денови 20-тина учесници ќе направат свој модел на камера опскура и со истиот ќе се обидат да создадат фотографија.

Со филмот „Заслепувачката светлина на зајдисонцето“ на Саломе Јаши на 20 август на платото пред Куршумли-ан почна циклусот на современи документарни филмови од Грузија, која годинава е земја во фокус.

Фотографии: Сашо Н. Алушевски