Арсен Дедиќ, поет на нашата интимна географија

21.08.2017 03:27
Арсен Дедиќ, поет на нашата интимна географија

Среќните држави се подолговечни од своите луѓе, дури и од оние најголемите. Југославија не беше среќна, беше само убава и проклета, како кај Фицџералд. Затоа кутрата одамна ја нема, а нејзините луѓе сè уште на големо умираат и уште долго ќе заминуваат. Сега, еве, умре и Арсен Дедиќ. И со смртта ја намали за цела една автономна покраина, макар составена од само еден човек.

Земјата на неговото раѓање, живот, смрт и вечност ја спомнувам на самиот почеток затоа што Арсен почина секаде и за секого на кој му беше важен и драг. Значи, тој не почина во својот роден Шибеник и доживотниот Загреб, зашто не им пееше и пишуваше само ним, туку почина и во Кикинда и во Крањ и во Битола и во Мостар, т.е. за оние во тие и други човечки населби кои знаат што значи кога, во една празна куќа, опустошена од некои есенски отсуства, на масата уште лежат весниците со некои јулски датуми. А богами умре и за некои, безбројни таму некаде во Винипег или Топека, во Дуизбург или Малме, коишто неговиот глас и песни, неговите Сандри и Милени, ги носеа со себе во своите нови далечни живеалишта како скапоцен доказ дека не се тикви без корен, не се суштества без историја, туку луѓе кои биле достојни за некоја подобра судбина.

Ова не е пригода да се пишува за „патот кон врвот“ на Арсен, ниту да се рекапитулира еден животен пат во манирот на хроника; во време на Википедија тој труд е залуден и никаде не води. Можеме само, со денешниов ум, малку да се почудиме како е можно исклучителноста на Дедиќ да не биде веднаш и лесно препознаена: тешко е да се поверува, но веројатно е вистина тоа што пишува дека „Куќа поред мора“ била одбиена на фестивалите во Опатија, Загреб и Белград, а потоа едвај некако влегла на сплитскиот...

А што станува со неодбиените песни, се сеќава ли некој, некаде, каде било? Како и да е, Арсен имаше 31 година кога излезе ЛП плочата „Човек као ја“ со текстот на Игор Мандиќ на кориците, во кој сограѓанинот на Арсен нè предупредуваше дека имаме работа со уметник, пејач, автор од најблагородна сорта, а не со уште една минлива естрадна појава; тогаш, на крајот на шеесеттите години, Арсен веќе ги имаше напишано некои од своите највеличенствени песни и не заради тоа што подоцна не пишуваше добри или уште подобри песни, туку затоа што тој албум ја имаше силата на една Објава, каква што, дури две години подоцна, ја имаше првиот албум на Леонард Коен или малку порано, на Боб Дилан.

Споредбата не е изнасилена, туку логична. Слична работа ќе се случи две години подоцна кога ќе му излезе првата книга песни „Брод во шише“. Оттогаш поетската и шансониерската, или кантаворската кариера на Дедиќ ќе одат паралелно, одвојувајќи се, испреплетувајќи се и спојувајќи се во некој природен ритам, без грч, како што треба. Што, како и во кој момент ќе ја доживее милоста на вообличувањето, на крајот е секундарна работа.

Коен и Дилан барем имаа друштво, беа дел од една разгранета сцена со богата историја и расцветана сегашност; Арсен, пак, долго, со децении и со години беше сосема сам во нашите животи и на нашата сцена, неспоредлив и несведлив, тој не беше само „жанр по себе“, туку цела сцена олицетворена во еден човек. На една страна беше „забавната музика“, фестивалскиот шлагерај со повеќе или помалку (бе)смисла, на другата страна беше рокенролот, или макар она што настојуваше да личи на рокенорол, а Арсен од првото брзо отпадна (со што почна неговата „вистинска“ кариера) затоа што му беше неприлагоден и неприлагдлив, едноставно премногу добар, талентиран, суптилен, премногу музичар, отповеќе поет, а и на другата страна, исто така, не можеше да ѝ припаѓа зашто не беше од таков ков. И всушност така, долго, долго Арсен низ нашите животи беше „нашиот најдобар шансониер“ и воопшто не се шегувам кога велам дека титулата не беше помала заради тоа што долго време беше единствениот. Имено, тој не е виновен што беше така, да имаше ушете десет и уште сто, тој пак ќе беше најдобар, ама ги немаше толку, освен понекој некаде на маргините; првите значајни и навистина добри ќе се појават дури некаде длабоко во седумдесеттите години, главно во Словенија (Пенгов, Брецељ, Јани Ковачич), но дотогаш Арсен веќе беше класика.

Играјќи на тенката острица помеѓу световите на кои не можеше, ниту сакаше вистински да им припаѓа, Арсен Дедиќ своерачно создаде еден цел емотивно – експресивен дијапазон без претходници и внимание од вредни следбеници, обликувајќи, артикулирајќи, пеејќи за сето она што чувствувавме дека постои некаде во нас и го бара своето име и својот поет, а што – секако не на својот јазик – не можевме да го слушнеме од кој било друг. Неговата љубовна лирика секогаш беше без шеќер, што „шлагерските пејачи“ (логично нели?) никогаш нема да го научат, а кога ќе се зафатеше со „општествено критички“ осврти, опсервирање на човечката природа или пак со самоиронично размислување за сопствениот „занает“, неговата остра иронија беше лишена од брутален цинизам, кој речиси неизбежно го карактеризираше рокерскиот, а подоцна, панкерскиот сензибилитет.

Ги имаме сите причини Арсен да го гледаме и низ „геополитичка“ призма. Непроценливо важно е неговото длабоко медитеранство, неспоредливо со ништо што дотогаш сме го познавале, а во кое, пак, немаше ништо парафолклорно, експлоататорско и паразитирачко на две-три излитени праслики на јужњачкиот велтшмерц, туку во најавтентичната смисла на зборот беше урбано токму како Загреб, каде проживеа и постигна сè што се можеше, па и многу повеќе. Тоа медитеранство вушност беше неизбежната тајна состојка на арсеновштината, нејзин магистрален „конститутивен“ елемент; мислам дека на секој што барем три пати дочекал зајдисонце и утро во Загреб, особено во оној некогашниот, во кој засекогаш во една конзервирана временска капсула се слуша шумот на предвечерниот трамвај... не мора да му цртам зошто е тоа така... Што сакам да кажам? Не би можел да замислам дека Арсен ќе станеше Арсен на која било друга ширина и должина и повторно без никакво банално „загрепчанство“, во ниту еден негов животен или уметнички гест или во стих немаше никакво додворување на тој напорен клајнбиргерски нарцизам.

Напротив, им се потсмеваше, наведувајќи дека Загреб и тој се сакаат тајно, зашто тоа не би го одобриле роднините – ниту неговите, ниту оние на Загреб... Тој роден Југ и тој избран панонско-мителојропски Север (на кој „балканската“ опачина, нормално, му се гледа два метри од главната улица), Арсен малку го опеја, а малку, богами и самиот го создаде, зашто тоа го прават поетите (не и квазипоетите): ги обликуваат нашите светови, не се задржуваат на тоа да ги интерпретираат. Значи, Маркс со онаа своја единаесетта теза, кратковидо вложувал надеж во погрешна струка...

Гледано од која било страна, дали Арсен ги исцрта и засенчи нашите интимни географии? Дали некогаш ќе ни врне поинаку отколку кога сериозно врне како во октомври на островите? Не мораш ниту да погледнеш во тенкото корито на Сава, таму помеѓу Сигет и Трње, а сепак ќе знаеш да ги распознаеш боите на зелените и модри води на Загреб. Градските татковци и очуви може да дивеат колку што сакаат, но Белград што го сакаме и кој е нашето стварно културно наследство и духовна татковина е оној во кој се урива зелен автобус низ една белградска падина, затоа што тој зеленоавтобусен Белград за сите, па и за себе беше добар и најдобар: откако поцрвенеа автобусите, луѓето како да заборавија што е срам. И сето тоа само од една песна, онаа на која, заедно со мрморењето на Шербеџија, толку се воздивнуваше во моминските и студентските собички на еден исчезнат свет.

Има една тезичка, сум ја слушнал повеќепати, дека „мораш да навлезеш во некои години за да го разбереш Арсен“. Ако некој така мисли, нека си мисли, секој пат што води до Арсен е добар пат, но ова воопштување е bullshit. Некако испаѓа дека Дедиќ е поет на средовечни и уморни господа и дами, оние на кои минатото им е многу побогато од иднината? Никогаш не разбрав зошто би било така, особено ако не е така – а не е – со Коен, или пак, не знам, со Ван Морисон. Не се сеќавам кога точно го засакав Арсен, затоа што всушност, не се сеќавам на времето во кое не сум го сакал; ќе да се случило тоа во она време кога престанував да бидам дете, а престанував со секоја нова и добра прочитана книга и со секоја нова откриена плоча на мојот живот, а која можеше да биде од The Clash или од Мајлс Дејвис или од Арсен. Добро, тогаш бевме сограѓани, Арсен и јас, но не би рекол дека тоа е толку сè уште важно – тогаш бев сограѓанин и со Љупка Димитровска, па ништо... Да, Арсен е еден од пресудно важните поети и на мојата младост, иако навидум бевме сосема различни: да, кога ќе го чујам неговиот глас се наоѓам во најдиректен можен континуитет со континуитетот на сопствениот живот, во кој дефицитот на континуитет и онака зеде преголем данок.

Не го познавав лично, па сепак, светот без Арсен ми се чини некако незамислив, тоа е свет во кој допрва треба да научиме да се движиме.

Кога малку ќе размислам, се сретнавме еднаш, ако може така да се каже. Пред две или три години, летавме од Љубљана за Подгорица, одевме на истиот фестивал. Беше остарен и болен и беше заедно со Круно Л. Кога поминував покрај неговото седиште во авионот, Круно ме претстави, а Арсен ме погледна онака мангупски и ме праша: „И вие ли сте културен деец?“, па се насмеавме малку и си отидов на своето седиште... Подоцна гледав како на фестивалот му приоѓаат и познати и непознати, не давајќи му ниту минута мир и гледав дека му е доста, онака темелно - од сите и од сè. Веќе не му се обратив ниту со еден збор, а и зошто? Што имав да му кажам? А тој мене веќе толку многу ми имаше кажано.

Синоќа почина Арсен Дедиќ и цела ноќ дивееше You Tube, Југославија се простуваше од својот шансониер, луѓето гледаа и гледаа и гледаа, слушаа и слушаа сè од Арсен и за Арсен и од Арсен, гледав и слушав и јас, та како не? Тоа почнува и не може да се запре...

Која е „најдобрата“ песна од Арсен? Секој си има своја, невозможно е да се каже, тој има повеќе од 20 најдобри песни. Интимно, можеби најмногу „моја“ е „Све што знаш о мени“, ама ноќеска три пати ја изгледав „О младости“ и тоа не неговиот оригинал, туку разорувачките последни сцени на феноменалниот, а брутално потценет филм на Карановиќ „Јагоди во грло“: некогашните момчиња и полупоранешни пријатели се собрани на прославата на годишнината од матура која полека се претвора во саморазголувачки бродолом; над реката полека се разденува, сите се пијани и уморни, а Лепи Јовица со својот оркестар ја пее „О младости“ како суицидална унгарска романса, пее како да му е тоа последно што ќе го запее, додека зад него гудалото цивка и додека таму надвор светот почнува да се распаѓа, а за што, тогаш кога првпат го гледавме филмот, можеби не знаевме, а можеби насетувавме. Во таа сцена го нема Арсен, а сепак ништо од тоа не би било без неговата песна. Исто како во нашите животи и по нив, во нашата земја и по неа. „Nekim putem, tijesno kroz jesen, nas će odvesti vlak“, возниот ред веќе е направен, само се држи во тајност, тоа е сè.

Извор: Vreme, објавено на 20 август 2015 г.