Драга Кети, преиспитај си ги аргументите!

22.08.2017 10:15
Драга Кети, преиспитај си ги аргументите!

Драга Кети, Ти го читам последниот текст, како и многу други Твои претходни што ме пленеле со Твојата остроумност и вештина на перото - нештата да ги погодиш во самата срж! Но... овој последниот ми создаде горчина. Многу паушалности, несоодветни споредби и навреди пишуваш за сите оние што не се согласуваат со Тебе и со Твоите истомисленици. Извини, ама овој пат не се согласувам со Тебе и еве ќе ти кажам зошто.

Не се согласувам со Твојата констатација „...многу ликови ... не успеаја да сокријат дека зад нивната критика стои една главна поента: зошто не се сетивте на мене!?“ Сигурна ли си дека сите тие ликови сакаа да се видат на функцијата што му беше доделена на Дарко Лешоски? Не помисли ли дека еден голем дел од тие луѓе, меѓу кои бев и јас (а не сум ни поет, ни книжевник, ни литературен критичар или теоретичар), реагираа од пуста желба да не се повторуваат грешките од минатото (патем. никој од нас, сè уште, не заборавил кога на високи функции и позиции се поставуваа луѓе кои немаат врска со доделената задача)!

Твојата констатација „...како ќе најдете добар поет, писател, па и претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата? Нема таков, но каков апсурд – конкуренцијата е голема“, е, исто така, погрешна. Како што напишав пред некој ден на мојот ФБ-профил, на СВП одам од 11-годишна возраст. Со прекини сум присутна на Струшките вечери, речиси, 40-тина години и гледав како оваа значајна меѓународна манифестација - расте!

Оние што имаат подолго паметење од мене, кажуваат, деновиве, дека Златниот венец порано се доделувал за песна, денес веќе за целокупно творештво. Во 80-тите години на минатиот век, наградата за млади поети се доделуваше за стихозбирка на млади поети од СФРЈ, денес се доделува на европски млади поети. Порано „Млада Струга“ се организираше пред официјалните СВП, денес и младите и возрасните се на едно место.

И не е дека немаме млади автори. И не дека ги има премногу, ама ги има доволно. Да не се повторувам со мојата колешка од Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска. која вели: само со еден поглед наишла на три антологии на македонски млади автори во издание на СВП, уредени од компетентни луѓе кои работат и живеат од и за литературата. Меѓу нив и проф. д-р Владимир Мартиновски, доктор по литература на Сорбона, човек што знае најмалку два светски јазика и минимум три балкански...

Прашуваш: „Што ѝ донесоа на манифестацијата оние кои беа повозрасни и 'дораснати' за тоа место“, алудирајќи на тоа дека претходните не направиле ништо. Бидејќи континуирано сум присутна на СВП од 2011 година (на своја сметка, се разбира, и само, како публика, во која Тебе не сум те сретнала; знам, зашто да Те видев сигурно ќе Те гушнев како драг човек од детството), без некоја хронологија ќе ти кажам само неколку настани кои ги немаше во претходните години (тогаш кога јас бев студентка), а врз мене оставија силен впечаток (настрана, нели, оние официјалности со лауреатите). Тоа се: вечерта со Никола Маџиров и концертот на Зоран Маџиров (првпат имав можност во живо да го видам виртуоз на шишиња, кој за жал, неодамна нè напушти); музичкиот перформанс на една Израелка (чие име не го знам); изложбата на Сергеј Андреевски; рециталот на Васил Шишков и Билјана Таневски; претставувањето на Современата словенечка поезија под водството на нашата меѓународно призната авторка, Лидија Димковска; незаборавните миниперформанси на младите, но и не толку млади, македонски поети. како Звонко Танески, Иван Шопов, Ѓоко Здравески, Нина Андова-Шопова, Митко Гогов, Иван Антоновски, Елена Пренџова, Винета Огненоска-Талимџиоска, Јулијана Величковска, Драгана Евтимова, Славица Гаџова-Свидерска, Билјана Стојановска и уште многу други извонредно талентирани, образовани литерати, литературоведи, преведувачи, филолози, филозофи и други зналци (нека ми простат оние што не ги спомнувам, зашто само на овие се сетив во моментов), кои со својата енергија, младост, неконвенционалност, необична и питка смисла за хумор, внесоа нов дух и нова енергија на СВП. Им се восхитував и им се радував, понекогаш и тивко страдав заедно со нив, тогаш кога ќе сетеа дека се онеправдани, изневерени... а имаше и такви моменти, за кои, искрено, жалам.

Во изминативе години редовно бев присутна на Ноќ без интерпункција, на разни локации во Струга: во подрумот на „Дрим“, па на Кепенци, па пред Домот на културата, па на една платформа поставена над езерото... Е тие магични моменти што ги даваат струшките студеникави вечери, зачинети со убави стихови, нежна музика и другарувања, е тие - не може да ги знае никој што макар за миг не бил присутен таму. Оваа зима за првпат отидов на Зимскиот салон на СВП (иако се организираат последниве 4-5 години), во Домот на младите во Скопје и морам да Ти кажам дека уживав! Уживав додека ги слушав поетите од различни страни на светот како пеат секој на својот јазик. Длабоко ме допреа стиховите на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, Ивица Џепароски. Пријатно ми беше додека ги слушав интерпретациите на песните на англиски јазик со извонредната дикција на нашата актерка Арна Шијак. Потоа, во фоајето, пак ги видов младите поети, професорките од Катедрата за компаративна книжевност Лидија Капушевска-Дракулевска и Елизабета Шелева, Наташа Аврамовска, Влада Урошевиќ и многу други.

Видов многу автори што значат нешто на македонското литературно небо, ама не и Д. Лешоски, зашто тој, нели, фестивали презира, па затоа сега треба да му се додели толку висока позиција за да се појави на најзначајниот и најголемиот поетски меѓународен фестивал што се организира во нашава земја. Малку е апсурдно! Ќе се согласиш, нели?!

Велиш: „Струшките вечери на поезијата подолго време тонат во шаблонизираност, небаре заглавени меѓу сопствената архива и новото време, подложени на дневни политизации и клановски надмудрувања, препуштени на бирократско славење на творештвото каде што станува поважно да дојдат повеќе политичари отколку поети, со гласни 'поетски читања' за (не)доволноста на финансиите, меѓу другото, и од страв дека нема да остане нешто за лична 'инспирација', но и за сето тоа жестоко да се залее на крајот. Не недостигаа ни молби до новинари да не објавуваат фотографии од зрели и дораснати, ама мртви-пијани поети, некои клапнати меѓу чашите на масите, или други, кои со стиховен ритам ги празнеле своите бабулиња во Дрим. Чест на РЕТКИТЕ исклучоци, ама ваквите 'мали' фрагменти од придонесот на дораснатите и седи глави, со години ја крепат општата слика за СВП. И тоа мора јасно да каже.“

Големи навреди кажуваш, Кети! Прво, околу шаблонизираноста: СВП има еден шаблон, кој е веќе традиционален и кој му го дава белегот на фестивалот: отворањето со читањето на „Т`га за југ“, претставувањето на венценосецот третата вечер од СВП во „Света Софија“, Ноќта без интерпункција без кои СВП нема да личат на себе! Второ, од Тебе ли некој побара молба за необјавување инкриминирачки фотографии или тоа ти кажал некој колега новинар? Па продолжуваш: „ Да, јавноста е, и треба да биде врвен коректор, но врз основа на аргументација“. Пред да обвиниш за неаргументираност, добро би било да ги преиспиташ сопствените аргументи.

Велиш: „Ајде да ги оставиме да пораснат, да побелат во косите, да се збрчкаат во лицето, да се стопат во системот, да го изгубат индивидуалниот белег, да станат подобни, дораснати, соодветни, обележани со сериски број за употребливост на општествени функции, заведени во некој државен регистар и – ставени на чекање“. Уште едно извртување на фактите, Кети! Најголемиот број од оние што се огласија во јавноста, а од кои еден поголем дел беа луѓе со компетенции, и со, речиси, редовна присутност на СВП, се огласија против назначувањето на Д. Лешоски, не поради неговата младост, туку поради тоа што сметаат дека меѓу младите автори има такви кои имаат поголемо искуство и на самите СВП и на други меѓународни поетски манифестации надвор, во Европа и во светот. (Убедена сум дека никој немаше да крене поголема врева доколку на клучните места во Управата на СВП се појавеа имињата на некои од погоре споменатите, па макар биле и помлади од Д. Лешоски, а некои и со искуство на организирање поетски фестивали!)

Извини, споредбата на Дарко Лешоски со 27-годишниот Џон Фавро, нема да ја коментирам, зашто по малку ми е мешање на баби и жаби.

Ни со ова не се согласувам: „Ние немаме пропустливост за таков вид енергија. Зачаурени сме во фрустрации, злоба, себичност, недоверба и стереотипи за тоа како треба да изгледа еден 'функционер' “. Не драга, Кети! Не се работи за стереотипии! Поголемиот дел од нас само сме презаситени од млади и неискусни некадарници, па некои од нас сакаат да ја сменат матрицата којашто „удобно се залегна“ во нашето општество повеќе од две децении.

Најпријателски совет, Кети! Препрочитај си го овој свој пасус: „Покажавме дека на нашиот јазик најдобро знаеме да мразиме, омаловажуваме, етикетираме, а најмалку да твориме и комуницираме. А зборуваме за силата на зборот, јазикот, поезијата, манифестацијата, идентитетот… Каква страшна демагогија“. И запрашај се: зрем не го правиш и ти истото за што критикуваш, со овој свој текст?

П.С. Заборавив да кажам: во последниве две години беше востоличена и наградата „Енхалон“ за најдобра песна напишана од млад македонски автор.

 

Извор: Плусинфо
Мурали: Klone 

ОкоБоли главаВицФото