Протестно писмо против Оливер Стоун: Болното срце на Сараево

22.08.2017 09:36
Протестно писмо против Оливер Стоун: Болното срце на Сараево

Емир Кустурица мора да е толку задоволен што веројатно сè уште не може да престане да се смее откако дознал дека примајќи ја наградата за животно дело на „Сараево филм фестивал“, Оливер Стоун го понудил Владимир Путин како личност „која денес има големо влијание и чиишто говори и акции можат да направат многу работи“. И има право славниот режисер!

Навистина, Владимир Путин има многу направено: со руската војска го масакрираше народот во Чеченија, овозможи Башар ал Асад неказнето, со хемиско оружје да ги сотира сириските цивили, создаде амбиент за неказнети убиства на најхрабрите руски новинари и опозициски политичари, прогони на уметници, интелектуалци и припадници на геј популацијата... Иако, не дека јунакот на Стоун не го задолжи и Сараево: подолго од една деценија, тој е заштитник на најголемите воени злосторници од регионот на поранешна Југославија, тој е налогдавач, покровител и финансиер на најистакнатите разнебитувачи на Босна и Херцеговина... па сè до неодамнешната акција кога со руското вето во Советот за безбедност во Обединетите нации беше оневозможено да се чествуваат жртвите на геноцидот во Сребреница.

Фактот дека дури и Сараево му се поклонува на авторот на новинарски лигавото интервју со Владимир Путин, е уште еден доказ за многу функционалното вртење кон „soft power“ методата на руската надворешна политика. Треба само да се најдат доволно такви како Стивен Сигал, Жерар Депардје, Оливер Стоун... и секогаш и секаде ќе се најдат доволно срца, како сараевското, кои со трошката на толку посакуваниот холивудски гламур, сосе црвениот килим, ќе ја проголтаат двојната доза на руската пропаганда.

А четиричасовното интервју, измонтирано од 20-те часа снимен восхит на Стоун за Путин и неговата импресионираност со тоа што царот го пуштил во неговите приватни одаи, е школски пример на пораз, не само на моралот, туку и на новинарството. За жал, лекциите по новинарство Стоун ги доби откако беше емитувана неговата ода за Путин. Тоа што тој не му го направи на Путин - му го направија американските новинари кога во серијата интервјуа по промоцијата на видео памфлетот, тој се обидуваше да ја оправда својата понизност и фасцинираност од Путин. „Вие се однесувате како да верувате дека е несомнена вистина сè што кажува Путин?“ го праша новинарката на CBS. „Па, јас го интервјуирам, зошто би лажел“ - одговора Стоун, неуверливо глумејќи наивник.

Списокот на искажаните лаги на Путин за време на четиричасовното сликање со Оливер Стоун е долг, но можеби најмногу ќе се памети циничната насмевка на Владимир Путин додека изговараше: „За разлика од некои наши партнери, ние никогаш не би се мешале во внатрешните работи на другите држави“.

Во интервјуто со Путин, Стоун служи како келнер задолжен да го држи послужавникот на кој шефот на кујната ги сервира сопствените интерпретации на историјата и на вистината – од распадот на СССР, неговиот напредок во власта, сегашната геополитичка слика на светот, руската „чесна“ политика на „добри намери“, па сè до невидената слобода на медиумите што владее во Русија и неговата невиност во анексијата на Крим и разбивањето на Украина.

Сега е веќе дефинитивно јасно дека руската „мека моќ“ го достигна врвот во филмот на Оливер Стоун. Иако, овде демонстрираната „мека моќ“ е само фенси ознака за тврдокорна пропаганда во КГБ стил. Стивен Колберт (Steven Colbert) ѕвездата на американската сатира, го викна на гости Стоун, по промоцијата на неговото дело и откако трпеливо ги ислуша пофалбите за Путин, го праша Стоун: „Дали откривте нешто негативно за Путин? Нешто, што било? Или можеби го држи вашето куче како заложник во некој кафез?“

Во текстот „Левичарски ревизионисти“, објавен во 2003 година, историчарот Марко Хоаре маестрално ја деконструира поддршката што српскиот лидер Слободан Милошевиќ ја имаше од меѓународните левичари кои, треба ли да се сеќаваме на тоа, се противеа на интервенцијата на НАТО во Босна и Херцеговина и кои го порекнуваа, а и денес го прават тоа, дури и геноцидот во Сребреница. Антиимперијализмот е основната, појдовна точка на левичарскиот ревизионизам на кој ни најмалку не му се гадат дури ни масовните злосторства и тешките кршења на човековите права доколку за нив се одговорни „антиимперијалистите“. Исто како што политичкиот Запад има двојни стандарди и ги затвора очите за злосторствата на своите „кучкини синови“, така Оливер Стоун нема проблем да им се восхитува на своите соговорници – од Фидел Кастро, Хуго Чавез до Владимир Путин. Да се награди со „Срце на Сараево“ авторот на сјајни филмови („Вод на смртта“, Роден на четврти јули“, „ЏФК“, „Небо и земја“, „Родени убијци“...) токму за време на неговата светска турнеја на која го промовира памфлетот со Путин е исто толку бизарно како што во деведесеттите години на минатиот век, беше славењето на австрискиот писател Питер Хандке кој беше „Стоун на Милошевиќ“.

Како и да е, не е тешко да се претпостави како се чувствува Емир Кустурица, еден од следните добитници на „Срцето на Сараево“. Но, како ли се чувствува Гари Каспаров, докажан пријател на Босна и Херцеговина во нејзините најтешки денови, додека гледа како Сараево своето срце му го подарува на Оливер Стоун, новинарскиот палјачо на Владимир Путин? Од истите мотиви заради кои беше во Сараево и за Сараево, додека овде се пукаше, Каспаров храбро протестираше против диктатурата на Путин на улиците на Москва, а тогаш се пукаше во него.

Со доделувањето на „Срцето на Сараево“ на Оливер Стоун, сараевскиот филмски фестивал и неговиот сопственик, Мирсад Пуриватра, демонстрираа нешто што е (пое)етика на Емир Кустурица и на неговиот фестивал во Мокра Гора. Тажно.

Извор: Tacno.net

ОкоБоли главаВицФото