Наумоски: Андреј Жерновски е катастрофален градоначалник

22.08.2017 12:51
Никола Наумоски: Андреј Жерновски е катастрофален градоначалник

Мактел: Господине Наумоски, вие сте дел од невладината Плоштад Слобода, и ми се чини дека го насочивте вашето работење во следење на работата на градоначалниците во Скопје, пред сѐ Скопје и Центар, поправете ме ако грешам...

Н.Н: Па, да, локалните власти ни се примарен интерес.

Мактел: Вие, ми се чини, сте доста меродавни да ја оцените работата на екипата на Жерновски, како ја оценувате нивната работа? Дали би препорачале негово повторно кандидирање за градоначалник на Центар или пак дури и на Скопје, има такви амбиции кај Андреј, а и јавно се зборува дека е еден од можните кандидати за градоначалник на Скопје... Повелете објаснете во повеќе точки...

Н.Н: Катастрофално. Барем за прашањата кои нас нѐ интересираат, а тоа се СК014, јавните добра и простори.

Во однос на првото, Жерновски направи „ревизија“ на СК014 која е далеку полоша од онаа на БИРН, ги предаде спомениците на одржување на Коце Трајановски (како со тоа да не се плаќаат големите трошоци од сечии пари), ја доизгради колонадата кај обвинителството со „врзани раце“ бидејќи морал, не се обиде да спречи ниту еден нов објект од СК014 заради тие проклети „вразни раце“, а богами не успеа да ја урне и очигледната дивоградба пред зградата на ВМРО, иако најавуваше.

Кандидирањето на Жерновски ќе биде катастрофална грешка за коалицијата. Човекот нема никаков сенс за јавните простори, за доброто на послабите учесници во сообраќајот, за децата, хендикепираните, велосипедистите...

Човек кој ниту еднаш не се појавил на работа на точак, оди со кола низ Дебар Маало, кој никогаш не платил казна или имал проблем да најде паркинг, не може да знае каков е животот на овие луѓе.

Мактел: А што е со другото, градинки, школи, улици, паркови?

Н.Н: Би се воздржал од коментари за градинките, школите и сл. бидејќи ниту ни се од интерес, ниту пак сум родител за одблиску да сум информиран. Во однос на улиците и школите, тука лежи најголемата манипулација на Жерновски. Погледнете ги новите улици во општината. Реновирани се само коловозите, но не и тротоарите! Улицата не е само делот што го користи тој (оној со колите)!

На секоја од новите улици тротоарот е претворен во паркинг (кој патем корумпирано се наплаќа), на оние каде што има столбови за да ги заштитат пешаците, сепак не се проодни затоа што се неисчистени од стара урбана опрема. Во Дебар Маало нема ни 50 метри слободен тротоар! Еве го канам Мактел да оди на терен и да најде! Вклучувајќи ја и најголемата лажга - боемска улица.

Во однос на парковите, битно е да се укаже дека тоа се стари локации коишто се само раззеленети со прескапо платени грмушки, цвеќенца и „високошколувани дрвја“. Земете го за пример паркот кај Кино Карпош. Одеднаш го отвори, којзнае колку чинеше, а ако погледнете во ДУП-от, се работи за градежна парцела. Тоа значи дека уште утре може сопственикот да дојде, да ги пресече дрвјата и да почне да гради.

Еве, не мора утре, може на 16 октомври веднаш по изборите. ДУП-овите што сакаше да ги донесе, особено оние во Дебар Маало, предвидуваа дополнително намалување на зеленилото на сметка на зградите. И тоа вели морал да го направи, зашто му биле врзани рацете.


Мактел: Значи кај вас има една генерална недоверба во однос на тој изговор врзани раце, можно ли е навистина да му се врзани рацете, зарем очекувате ДПМНЕ така лесно да му ги даде спомениците за тој да ги руши со хилта? И кога велите прескапо платени, со кои аргументи го кажувате тоа, имате ли споредба направено со други такви паркови, ги знете ли цените на тие грмушки и останати апликации, како што се детски игралишта итн. кои се дел од овие паркови... Ние новинарите добивме чувство дека се работи за градоначалник кој работи домаќински, 14 пати помалку трошел на репрезентација, со релативно мали пари направи многу убави училишта и градинки споредено со она што го трошеше режимот за споменици и фонтани...


Н.Н: Никој од него не барал да ги руши со хилта, дури ни во најлудите сништа. Но, мораше да има каков било осмислен пристап кон СК014. Врзаните раце беа убав изговор за него да не се бави со горлив проблем и да се фокусира на потребите на боемите во Скопје.

Во однос на СК014, погоре ви наведов неколку примери, но би додал и дека не поднел ниту една кривична пријава против претходниот градоначалник или неговата администрација за злоупотреби со спомениците (самиот во ревизијата најде лиени споменици платени како мермерни).

Цените не се достапни на увид во јавноста, бидејќи се затскриени со тековни програми, а не со јавни набавки - еднократни тендери.

Така што, нека повели Жерновски нека каже колку чини една грмушка и ќе видите зошто ги има толку многу на квадратен метар во секое паркче.

Секоја споредба со режимски градоначалник би го направила Жерновски да личи на ангелче, но сепак, да го мериме со асални луѓе.

Мактел: Кој поднесува кривични пријави, тој или обвинителството и МВР, ние и ден денес немаме никакви кривични за никого а СДСМ е на власт 3 месеца ради копукот Зврлевски?

Н.Н: Кривична пријава може да поднесе и физичко и правно лице, но и институција. А тој ги има на располагање општината, документите, правната служба, сите ресурси за да поднесе кривична пријава, а не го направил тоа.

Инаку, да ве потсетам дека обвиненијата на СЈО беа првично процесирани како кривични пријави од СДСМ до ЈО на Зврлевски, така што очигледно е можно.

Мактел: Овие ваши ставови дали се лични или се на повеќе луѓе во вашата НВО, колку луѓе брои Плоштад Слобода, дали овие ставови се раширени меѓу останатите луѓе кои живеат во Центар?

Н.Н: Не само што не се лично мои, туку имам впечаток дека сѐ повеќе луѓе се согласуваат со овие ставови. Распрашајте се по невладините организации, луѓето што живеат и работат во Центар, дали се задоволни од неговата работа.

Мактел: Дали во критицизмот кон сработеното ги земате предвид сопките кои му ги ставаше режимот, дали е ова можеби максимум што можеше да се направи или мислите дека се работи за нешто друго?

Н.Н: Многу е јасно дека имаше сопки, тоа никој не го оспорува. Но, јасно е дека не му беше проблем и да се ујдисува со режимлиите за лична корист.

Земете ја за пример зградата на КК Работнички. Жерновски си објави дека на парцелата Бауер ќе гради нова сала со јавно-приватно партнерство. Како може да објави такво нешто ако не е во договор со најголемиот изведувач на СК014!?

Мактел: Значи алудирате на корупција?

Н.Н: Апсолутно! Друг пример: скараните Шиповиќ и Жерновски на крајот на минатата година се договориле дека нашите тротоари ќе ги дадат за некоја фирма да печали пари со билборди.

Распишале оглас на 31.12 со рок од седум дена, се појавила една фирма и ги добила локациите по багателна цена (500 евра по билборд чинам или 10.000 годишен приход за општината). Па уште и Коце го наговориле да им ги одобри локациите! Кога се работи за корупција, нема врзани раце!

Еве и линк до веста што порталите упорно ја игнорираат: http://gradzasite.mk/11-bilbordi-na-orce-nikolov-6-na-leninova/

Мактел: Која е таа фирма, како се вика?

Н.Н: Пишува на линкот погоре.

Мактел: Да, некоја Медиа Центар Маркетинг... Сумите се навистина комични...

Н.Н: Ете така, децата ќе немаат тротоари и паркчиња, а општината ќе добие 10.000 евра за тоа. Кој е овде луд!?

Мактел: А како ја оценувате работата на Паркинзи Центар?

Н.Н: ПОЦ го сметам за бесмислено претпријатие. Не затоа што паркинг фирмите немаат смисла, туку затоа што кога е јавно, тогаш мора да се грижи за општото добро, а не за парите.

Во таа смисла, ПОЦ нема никаква мисија да го уреди јавниот простор, да воведе ред, да едуцира, да помага. Напротив, целта им е само да генерираат поголема наплата и затоа не им е проблем да наплаќаат и од неуредно паркирани коли на необележани места.

Општина Центар нема поим колку коли има во општината, колку секојдневно се влеваат и излеваат, колку паркинг места има, колку од нив се на улица, колку се на тротоар, колку има во приватни гаражи или парцели.

Ги нема овие податоци и не сака да ги има. Затоа што тогаш ќе мора да се бори со проблемот со паркингот, наместо да го јава. Единствена олеснителна околност во оценката е постоењето на Градски Паркинг и нивните постојани кавги коишто веројатно обесхрабруваат каква било севкупна паркинг политика.

Мактел: Па нели треба да има приход со кој ќе се плаќаат паркинг простори, катни гаражи итн.? По таа логика не треба да има ниту Паркинзи Скопје?

Н.Н: Треба да има, но не треба да биде приоритетен пред слободното движење, здравјето и безбедноста. И на Менхетен можат да имаат богато паркинг претпријатие, најбогатото во светот веројатно, па ете се движат кон ослободување на островот од возила.

Мактел: Последниот смртен случај во Дебар Маало крена многу врева, се префрли одговорноста на општината, а не на возачот или пешакот?

Н.Н: Таа уличка (Грубишиќ и Дебарца) беше тема на разговор и преписки со Жерновски многу одамна и многу често.

Му укажавме дека има хаос на улицата, дека нерегуларно се паркира, а никој не казнува, дека секојдневно има камиони што возат во рикверц (заради запушената улица) на место каде што има школо, библиотека и факултет, каде старци секојдневно одат на пазар и се враќаат со тешки торби. Жерновски не само што ги изигнорира нашите барања, туку и сакаше да ја направи уличката двонасочна и да ја отвори кон Партизанска.

А богами и во текстуалниот дел на ДУП-от сакаше да прошверцува и бензинска пумпа на местото на пазарчето. Возачот е секако највиновен во случајот, но вакво нешто ние предвидувавме дека ќе се случи бидејќи и неодговорните возачи треба да ги имате предвид при проектирањето на просторот.

Мактел: А од каде ви се толкавите познавања за уредување на простор, преку невладините или сте по образование архитект каде овие работи се учат? Овие размислувања првпат ги слушам, ретко се отвораат вакви дебати, освен онаа старата тема дали да се градат или не згради, на што вие знаеме дека сте против...

Н.Н: Не сум архитект, но зелените политики ме интересирале од секогаш. А тоа се политики на јавни добра, простори и одржливост. Не сум против градење, апсолутно. Против непланско и неодржливо градење сум!

Мактел: Но, кога сме на таа тема што е со интересот на бизнисмените, сопствениците на парцели, идните жители кои би сакале да живеат во атрактивна општина, идните дуќанџии и фирми кои сакаат деловен простор таму? И самата општина што треба да наплати комуналии за да инвестира потоа во нови потребни школи, градинки итн...

Н.Н: Одлично прашање. Всушност, голема придобивка од зелените политики имаат малите и средните бизниси. Ослободените тротоари го зголемуваат прометот во продавниците и кафаните. Тоа е вистина докажана многу пати во секој напреден град.

Преселувањето од кола на точак го намалува загадувањето, ја зголемува безбедноста и просечниот животен век во градот и дури и тоа може да се квантификува во пари за да се докаже дека е повредно.

А за зградите - градењето на неплански, непотребни згради, ниту ја намалува цената на квадратот (како што гледаме насекаде во Скопје), ниту го подобрува животот во маалата.

Лошо поставените и изградени згради ја спуштаат вредноста на соседните станови, го влошуваат проблемот со паркингот, со тротоарите и никако не придонесуваат кон подобар локален развој. Во однос на приходите од комуналиите, ве поканувам да ги видите бројките на Општина Центар за да заклучите дали се навистина толку потребни. Најголемиот дел од буџетот на општината доаѓа од други места, а не од комуналии. А и секаде е така.

Впрочем, кои комуналии ќе ги наплаќа Општина Центар кога ќе се изгради зграда и на последната празна парцела? Како ќе се финансира тогаш?

Мактел: Ви благодарам за интервјуто.

 

 

РЕАКЦИЈА НА АНДРЕЈ ЖЕРНОВСКИ: Дали некој верува дека Груевски, кој сакал да ме шамара, ме оставил мене раат нелегално да работам во Центар? Наумовски зборува паушално и покажува огромна омраза кон мене, но еве ги фактите!

Господинот Наумовски повторно демонстрира големо непознавање на работите од една стана, но и голем личен анимозитет спрема мене од друга страна.

Јавноста не треба да остане изманипулирана и лошо информирана, па решив да одговорам на неговите обвинувања.

Ревизијата на криминогениот проект „Скопје 2014“ е одличен документ, изработен од поранешните претседатели на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски и Слаѓана Тасева, како врвни експерти во наведената област, кој имаше огромно влијание во разбивање на власта и откривањето на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.

За негова информација, документот е во јавното обвинителство уште ден по неговата изработка. Со промената на Зврлевски, обвиненија по таа ревизија може да се донесат веднаш.

Второ, кога ја презентиравме ревизијата во јавноста, за првпат и медиумите и граѓаните можеа одблиску да се запознаат со обемот и начинот на кој се правел криминалот од страна на тогашната власт.

Трето, ревизијата беше преведена на англиски јазик и веднаш доставена до сите меѓународни организации и амбасади, кои многу сериозно го разгледаа тој документ и врз кој ги правеа информациите за работата на Владата на Груевски.

И за крај, таа ревизија беше основа за градење на предметите на СЈО за „Скопје 2014“, што подоцна го потврди и самото СЈО. Ако ова не му е доволно на г-дин Наумоски, тогаш или е политички неук или е крајно тенденциозен.

Наумоски манипулира кога вели дека не сум направил ништо да го спречам „Скопје 2014“ Еве шанса да го потсетам што сѐ направив во таа насока, па нека суди јавноста.

Спречивме изградба на три барокни катни гаражи и ги пренаменивме парите или парцелите за нужни капитални инвестиции.

Кредитот за барокната катна гаража кај „Нова Македонија“ го пренаменивме за изградба на новото основно училиште, најсовремено на овие простори, кое него, цитирам, не го интересира.

Барокната катна гаража, пак, кај „Автомакедонија“ ја спречивме целосно и не се изгради. А огромната и најгрдата од сите, катната гаража во Градски парк, ја спречивме и на тоа место во моментов имаме конкурс за предлог-решение за изградба на спортска сала.

Второ, ВМРО-ДПМНЕ, по губењето на власта во Центар, над 20 пати пати вршеше промена на Законот за градење и Законот за просторно и урбанистико планирање, при што се одземени ингеренциите на локалната самоуправа (нормално, поради Општина Центар) и дадени на Градот Скопје.

Со овие промени, ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги префрли ингеренциите за менување на фасадите на зградите во рацете на Град Скопје и на тој начин продолжија со унаказување на центарот. Сѐ останато, кое ние можевме да го спречиме, го спречивме.

Трето, имав преку десет прес конференции со кои алармирав за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, за тоа кои луксузни парцели во Центар ги одзедоа од локалната власт под превезот на „градби од посебен интерес“. Дури на една од овие прес конференции бев заедно со Наумоски, се чудам како тоа го заборавил.

Наумоски не ја кажува вистината ниту за ДУП-овите. Манипулира со фактот кој го знае добро, а тоа е дека Општина Центар не може да спречи градби за кои се добиени дозволи поради претходното изгласаните ДУП-ови од страна на претходната општинска власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Повторувам, сѐ што се гради во Центар во овие четири години е изгласано од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ! Законски не смее да се спречи издавање на дозвола за градба, колку и да сме против тоа.

Што предлага Наумоски, да одговарам кривично за попречување на градби? Ние во нашиот мандат не донесовме ниеден ДУП и со тоа де факто имаше мораториум на нови градби. Единствен ДУП кој е донесен е оној кој ВМРО-ДПМНЕ го донесе со поддршка на Претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ.

Многу е чудно како и тоа не го споменува Наумоски. Со тој ДУП се започна изградбата на десеткатницата на Водно, да го потсетам. Второ, во сите предложени ДУП-ови во прва фаза, ги продолжувавме јавните анкети за двојно повеќе од предвидениот законски рок, за граѓаните и нивната невладина организација да имаат доволно време да ги разгледаат.

Ниту една друга општина го нема сторено тоа, најмалку Центар со претходното раководство. Преку 10 состаноци сме имале и транспарентно сме работеле во таа насока. ДУП-овите нема да се донесат без отворена консултација, а колку што се сеќавам, низа забелешки се прифатени токму од него и неговата група.

Ноторна лага е дека сум се обидел да го „прошверцувам“ ДУП-от Дебар Маало, каде сум сакал да дозволам изградба на бензиска пумпа. Убаво се сеќавам и одговорно тврдам дека тој и неговите соработници беа први кои во рака го имаа предлог ДУП-от и таму немаше никаде бензиска пумпа! Сакам, за крај, да му порачам нешто и за омаловажувањето на притисоците и сопките, за кои вели дека сум ги имал, ама не биле за оправдување.

Никола Наумоски не може ни да замисли, ни на сон може да му дојде, за какви притисоци и закани по мене и по мојата фамилија станувало збор. Од сесрце му посакувам такво нешто да не му се случи никогаш, особено не на неговите деца. Правните и политичките сопки да не ги ни спомнувам, тие него и не го интересираат.

Според обвинувањата во интервјуто, очигледно е дека го избегнува тоа, не сака да го призае како проблем во работењето на општината. Наумоски многу лесно си изјавува дека „апсолутно имало индиции“ за некаква корупција во Центар. За каква? Има ли докази? Ќе го истражи ли тоа, ќе поднесе ли обвинение? Ние ништо не криеме, но паушални обвинувања не трпиме.

Второ, знае ли Наумоски, дека ако имаше некаква корупција, досега ВМРО-ДПМНЕ ќе ме имаше затворено десет пати? Знае ли Наумоски дека финансова полиција имаше три екипи кои исклучиво и посветено работеа на барање криминал и неправилности во општина Центар и не најдоа?

Дали некој верува дека Груевски, кој сакал да ме шамара, ме оставил мене раат нелегално да работам во Центар? Шпекулации и неосновани обвинувања за корупција се недозволиви за некој кој се дефинира себеси како борец за правда. Тоа не е правда. Тоа не е во ред и зад тоа однесување на Наумовски сметам дека има скриени намери кои само тој си ги знае.

Многу е очигледна неговата нетрпеловост од фактот што ниеднаш не пофалил ниеден проект во Центар. Пазете, кажува дека паркот во Дебар Маало, кој е прв парк по 13 години во оваа населба, бил на градежна парцела и некој ќе го срушел. Смешно. Не спомнува преку 250 насадени дрвја и реконструирано зеленило, кое го смета за „обична работа“.

Не ги спомнува новите дрвореди во Дебар Маало, на улица каде ВМРО-ДПМНЕ ги исече итн. Знаете, станува малку смешно и проѕирно ова што се случува деновивие со паушалните обвинувања за криминал во Центар. Се чини некој се намерачил да си ја земе општината под контрола, па се обидува во последен момент да ме дискредитира.

Сакам да им порачам дека тоа е многу очигледно и граѓаните го препознаваат. Нема да ја остварат целта на тој начин.

За крај, сакам да се произнесам за случајот каде трагично загина жена во Дебар Маало. Мене ми е многу жал за тој случај и како што веќе кажав, отворен сум за соработка со институциите вклучително град Скопје и МВР да го надминеме проблемот со сообраќајот во Дебар Маало. Знам дека тука има потреба од темелни промени и осмислување на целиот кварт, со цел решавање на паркирањето и сообраќајот.

Во овој мандат се посветив пред сѐ на изградба и реконструкција на градинки и основни училишта. Во следниот планирам да се посветам на темелни промени во делот на паркирањето, сообраќајот и велосипедската инфраструктура. За овие области веќе имаме решенија кои ќе бидат дел од програмата. Но, да се обвинува општината за сообраќајна незгода во која се знае кој има најголема вина, е трагично и несериозно. Тоа е политичко профитирање и манипулација од најнизок ранг.

Извор: Мактел

ОкоБоли главаВицФото