Чиле: одбиле рударски проект вреден милијарди долари поради пингвини

22.08.2017 13:41
Чиле: одбиле рударски проект вреден милијарди долари поради пингвини

Чилеанската влада одби рударски проект вреден милијарди долари бидејќи негативно би влијаел на живиот свет во морето, вклучително и на загрозените пингвини. Компанијата „Андс ајрон“ сакаше да извади милион тони железо и да изгради ново пристаниште во северниот регион Коквимбо.

Министрите, сепак, рекле дека проектот не дава доволно гаранција за заштита на животната средина. Коквимбо се наоѓа близу островот кој претставува резерват за Хумболтовиот пингвин.

На тоа подрачје живеат 80 отсто од светската популација на овој вид пингвин, како и други загрозени видови животни, како синиот кит и морската видра.

„Силно верувам во развојот, но неговата цена не може да биде еколошко наследство или ризик по здравјето на ниту едно еколошко подрачје во светот“, рече министерот за животна средина Марсело Мена.

Според него, одлуката на министерскиот комитет се основа од технички аспект и доказите обезбедени од 14 агенции, и била донесена „без политички мотиви“.

Националното рударско друштво на Чиле ја соопшти одлуката како „лоша вест за рударството во државата“. Компанијата, пак, има право на тужба.

Рударските компании во последните години имаат потешкотии да добијат дозвола за ископување во Чиле поради сѐ поголемиот интерес на политичарите и јавното мислење за животната средина.

Извор: Радио МОФ