СВП како хамбургер од МекДоналдс

23.08.2017 00:26
СВП како хамбургер од МекДоналдс

Современиот италијански писател Алесандро Барико, кој е исклучително популарен кај нас, има напишано еден огромен есеј (книга) во кој сè позасиленото влијание на далечниот запад го споредува со „доаѓање на варварите“ и крај на европската цивилизација и нејзиното културно наследство. Според Барико, светот на „варварите“ (читај „малограѓанството“), помеѓу останатото, го одликува спектаклукот, и, она што е посебно интересно за авторот на овој текст - исчезнувањето на суштината.

Печеното пиле, списанието и хамбургерот

Колку што се сеќавам на „Варварите“ (ја читав книгата пред некои десетина години), Барико зборува за печеното пиле, списанието и хамбургерот, за тоа како станале примери за губење на суштината, односно за тоа како се измениле под наездата на шкргестите варвари.

1. Печеното пиле

Ако појдеш во некои супермаркети во Америка, и порачаш печено пиле, ќе те прашаат: а, сакате пиле со вкус на рузмарин, со вкус на зеленчуци, или со вкус на зачини? Ти им велиш - не, сакам обично пиле. Продавачите велат: не може; одберете со вкус на рузмарин, со вкус на... Не. Сакам пиле со вкус на пиле. Е па нема, мора со додаток. Значи, нема пиле со вкус на пиле. Ја нема суштината. Суштината е на маргините. Додатокот го оправдува отсуството на суштината.

2. Списанието

Во списанијата, суштината се текстовите, пренесувањето на инфомациите, културата, итн. Но, сè почесто, во современите списанија, за да се зголеми нивната привлечност и исплатливост (и читаност?), сè повеќе место зафаќаат рекламите. Реклами на цели страни. Освен тоа, се нудат купони, гратиси. Постери. Потоа брошури, каталози, и најразлични прилози. Потоа, се нудат и гратис подароци (се сеќавате веројатно на Џоја, и чешлите и ластичињата кои одеа со списанието). И, што се случува? Покрај сите додатоци, ние забораваме дека суштината на списанието, текстот, станал едвај изговор за на купчето хартија да му се даде назив списание. Повторно, суштината е на маргините. Ама, додатоците го оправдуваат отсуството на суштината.

3. Хамбургерот

Што е суштината на хамбургерот? Плескавицата. Сте ја пробале ли плескавицата на МекДоналдс? Веројатно сте јпробале. Но, не ни знаете дека сте ја пробале. Затоа што тоа нешто нема вкус. Ја нема суштината. Она што им дава смисла на овие американски хамбургери се единствено додатоците: кога порачувате хамбургер од МекДоналдс, вие добивате лепчиња помеѓу кои се наоѓа таа безвкусна смеса што се нарекува плескавица, и потоа: кашкавал, краставички, кечап, сенф, пржени компирчиња (њам), невидлив, јак засладувач, видлив газиран сок, а веројатно и играчка, или чаша, или некаков друг додаток. Уште еднаш, додатоците го оправдуваат отсуството на суштината.

СВП како хамбургер од МекДоналдс

Зошто СВП личи на американски хамбургер? Затоа што, што е суштината на СВП? Поезијата. Но, сите овие денови, поезијата никаде ја нема. Суштината исчезнала. Кој уште рецитира стихови, колкумина се потсетија на некои песни, зборува ли некој за стилски одлики, знае ли некој макар еден наслов од една песна од Маргарет Атвуд, знае ли некој каква е поетиката на Чарлс Симиќ? (Кој е Чарлс Симиќ?...) Никој. Во последно време се зборува за скандали, за правилници, за покани и функции, се зборува за сè, но најмалку за поезија. Нашиот поет Ѓоко Здравески, пред некој ден на Фејсбук го напиша овој статус: „има еден коренит проблем со Струшките вечери на поезијата, кој константно се провлекува низ годините. Тоа не се струшки вечери на поезијата, туку се Струшки вечери на поетите. Тие се во центарот на вниманието, поезијата е само некаде на маргините. Додека е така, никако нема да ја биде работава.“ Значи, и Ѓоко пишува за тоа како поезијата е турната на страна, односно како суштината е на маргините. Но, тоа не е така само со СВП. Така е на многу други полиња. Во денешново време на пост-вистина, вистината, поезијата, суштината, е истурката на маргините. Така, без и самите да забележиме, сме станале варвари (повторно читај - малограѓани). Колку за контраст - не случајно поезијата е една од првите одлики на цивилизацијата.

Линк до целиот текст: bulevarosloboduvanje.weebly.com

Слика: Fouablog

ОкоБоли главаВицФото