Десетто издание на меѓународната графичка работилница „Софија“ во Богданци

23.08.2017 00:41
Десетто издание на меѓународната графичка работилница „Софија“ во Богданци

Во наредните десет дена Богданци по јубилеен десетти пат ќе биде центар на графиката и на уметноста во Македонија. Од 23 август до 3 септември, традиционално по десетти пат ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот. Станува збор за еден од најпрестижните настани од ваков тип, кој започна скромно во 2008 година, но во меѓувреме прерасна во регионален културен бренд.

„Навистина сме горди што десет години по ред ја организираме графичката работилница, чија основна цел е на младите и талентирани автори да им овозможи размена на искуства и можност за создавање графички дела во сите техники. Ова е особено важно, со оглед на тоа што графиката како техника, заради условите во кои се работи, е помалку застапена, не само во Македонија туку во целиот регион. Се надеваме дека на овој начин барем малку придонесуваме за промоција на уметноста и културата во нашата земја“, велат од Здружението на граѓани „Графичка работилница Софија Богданци“, кое е организатор на работилницата.

На годинешната главна сесија ќе учествуваат 15 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Нови Сад, Ниш, Загреб, Сараево, Софија, а за првпат оваа година ќе има двајца учесници од академијата во Варшава, Полска. Ментор на работилницата ќе биде Тони Васиќ, универзитетски професор и истакнат графичар од Македонија.

Завршната изложба ќе се одржи на 2 септември во галерискиот простор на печатница „Софија“ во Богданци. Во нарединиот период се планирани повеќе изложби во градови низ Македонија и регионот.

Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа околу 160 графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

На Фејсбук страницата секојдневно ќе се објавуваат информации и фотографии за текот на Графичката работилница.