Конкурс за микро расказ на тема СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ

23.08.2017 13:56
Конкурс за микро расказ на тема СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ

Од 8 до 10 септември во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се одржи второто издание на книжевниот фестивал Друга приказна.
Темата на овогодинешното издание е: СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ. За потребите на фестивалот и на порталот Окно распишуваме конкурс токму на таа тема. Пристигнатите раскази треба да бидат необјавени (фејсбук не го сметаме) и не треба да бидат подолги од една страница (околу триста зборови).
Најдобрите десет раскази ќе бидат наградени со книги на книгоиздателството Темплум. Вкупниот награден фонд изнесува 15000 денари. Наградите (книгите) најдобро оценетите автори ќе можат да ги подигнат на штандот на Темплум, за време на одржување на фестивалот.
Рокот за испраќање на вашите раскази, почитувани читатели, е трети септември (недела, до 24 часот). Освен што ќе бидат наградени, најдобрите раскази ќе бидат објавени и на Окно.
Расказите испраќајте ги на оваа адреса: drugaprikazna@gmail.com
Во продолжение, како поттик за пишување, ви нудиме пет раскази на, според нас, истата тема. Преведувач на расказите е овогодинешниот лауреат на фестивалот Друга приказна, Влада Урошевиќ.

Пол Фор
ЌОРАТА МАЧКА

Кога робијата му е наменета на човекот, морето на жената, тогаш на ќората мачка ѝ е наменето...
Жената заминала да собира морска трева, мажот е испратен на сургун во Гијана. И малата куќичка е сама по цел ден.
Сама? Но низ зелените капаци се гледа како во темнината светка нешто како една единствена капка на морето.
Кога робијата му е наменета на човекот, морето на жената, тогаш на ќората мачка ѝ е наменето да ја чува малата куќичка по цел ден.


Клод Сењол
СТАОРЦИ ОД СРЕДИНАТА НА ЛЕБОТ

Во 1888 година, во областа на Сен-Арнул-ан-Ивелин, жандармите беа затвориле еден скитник, вистински загрозувач на јавната безбедност, баран поради вештерски дејанија: тоа беше еден „произведувач на стаорци“. Полските имоти на кои бил лошо примен, или од кои бил избркан, биле преплавени со стаорци по неговото заминување. Неговата постапка беше проста: средината на лебот ја гмечеше во облик на малечки стаорци и ги растураше околу куќите, на стотици; овие лебни стаорци се претвораа во вистински, брзи и алчни, кои навалуваа на амбарите и таваните. Истрагата трае, стручњаците не разбираат ништо, заглавени во неверојатностите и одбиваат да поверуваат во една таква преобразба. Во својата ќелија, во затворот во Версај, скитникот видливо се здебелува, изобилно хранет со компири од страна на чуварите кои не му даваат леб за да не им посее стаорци насекаде.

Марсел Беали
ПТИЦА

Долго време имав, како средство за заработка, една голема птица што ја покажував на јавни места. Народот се восхитуваше на моќта на нејзиниот полет, на изненадувачката вештина на нејзините движења. Плашејќи се да не ми избега, јас ги бев прицврстил мошне солидно врвките околу нејзините нозе за мојот појас и, кога таа ќе се кренеше во височина, јас ја тргав жестоко за да ја донесам поблиску до основните закони што владеат тука долу. (Каква е потребата да се крева толку високо кога јас, нејзиниот господар, останувам со нозете на земјата?)
Додека бадијалџиите се клештеа гледајќи како овој жител на облаците се прпелка во уличниот канал, јас го користев времето за да соберам наоколу некој грош. Но, откако ќе ја стресеше нечистотијата од крилата, таа одново полетуваше. Нерамноправен дуел!
Нејзините паѓања, одлично вежбање, ѝ ги засилуваа мускулите и кога таа ќе се најдеше в лет јас тогаш требаше да се свиткам и да ги вложам сите сили за да одолеам на нејзината сила. Требаше, додека за тоа уште имаше време, да му ја вратам слободата на тоа нескротливо суштество чиј благороден порив не прифаќаше повеќе да биде во моја служба. Но ние бевме премногу тесно врзани ‒ зар не сум ја одгледал со свои раце? ‒ за таквата можност да се појави во мојата или во нејзината свест и приказната имаше еден инаков крај. Силината на големата птица стана таква што ме повлече со себе, во небото што јас себично ѝ го одземав, натерувајќи ме да ги напуштам засекогаш моите приземни муштерии, нивните исклештени лица и нивните ситни грошеви.


Фернандо Арабал
ЖЕНИТЕ ИМАА БЕЛИ РОГОВИ...

Жените имаа бели рогови и маски од црно кадифе.
Мажите, клекнати пред нив, ги преколнуваа. Насекаде присуствував на иста глетка. Слегнав низ скалите и пак присуствував на иста глетка, и пак истата глетка се отвораше пред мене во секоја соба во која влегував.
Кога влегов во дворот чув еден глас што доаѓаше од пресушениот бунар. Слегнав во бунарот; таа беше таму, во едниот агол, со своето лице од керамика и со големите втренчени очи. Таа носеше околу вратот синџир и едно мало клуче. Ми го даде клучето и јас го отклучив нејзиното здолниште. Нејзиниот секс беше покриен со маска од црно кадифе од која излегуваа два наострени рога.
Таа ме бакна со своите камени усни и јас почувствував како нејзините рогови ми отвораат рана. Крвта бликна.

Жермен Нуво
ПАРАДА

Мошне сигурни никаквеци. Повеќемина од нив ги искористувале вашите светови. Без потреба и не многу приморувани да ги стават во движење своите сјајни способности и своето познавање на вашите совести. Колку зрели луѓе! Нивните очи, глупи како летна ноќ, црвени и црни, тробојни, од челик посипан со златни ѕвезди; со изобличен, оловен, блед, согорен израз на лицето; со палави зарипнатости! Свирепо однесување на лажните вредности! ‒ Има меѓу нив неколкумина млади ‒ како би го погледнале тие Херувимот? ‒ обдарени со страшни гласови и со некои опасни средства. Ги праќаат да го нападнат од грб градот, наконтени со една одбивна раскош.
О најжесток Рај на бесно клештење! Нема споредување со вашите Факири и со другите сценски лакрдии. Во костими измислени според вкусот на лошите соништа, тие играат тажаленки, трагедии на разбојници и на духовни полубогови какви никогаш немало во историјата и во религиите. Кинези, Хотентоти, чергари, простаци, хиени, Молоси, стари лудила, кобни демони, тие ги мешаат народните мајчински мајстории со животинските ставови и нежности. Тие ги прикажуваат новите пиеси и ги пеат песните на „умните моми“. Мајстори на циркуските вештини, тие прават преобразби на места и личности и се служат со хипнотизерската комедија. Очите горат, крвта пее, коските се шират, солзите и танките црвени шурки течат. Нивното подбивање или ужасот што го шират трае една минута, или со цели месеци.
Единствено јас го имам клучот на таа дива парада.


Слики: Макс Ернст
Превод: Влада Урошевиќ
Извор: Шуми под море; Сигмапрес, 1994

сроден прилог