Land art или сведок на рецесијата

27.07.2010 13:23
Land art или сведок на рецесијата

Во пустинската област на Калифорнија, околу 120 км оддалечена од Лос Анџелес, се наоѓа гратчето California City. Ова калифорниско гратче е исклучително по фактот дека при планирањето било замислено како многу поголем град, а подготовките за ширењето на градот се направени преку улиците, но останатата инфраструктура никогаш не е изградена. Фасцинантните фотографии од воздух го прикажуваат пејзажот на внимателно испланираните улици кои попрво изгледаат како некаков landart или античка геоглифа, на пример, како оние во перуанската пустина Назка, отколку како сообраќајни коридори нанесени врз чакал.

Почетокот на градот датира од 1958 година, кога претприемачот и трговецот со недвижнини Нет Менделсон купил 320 км квадратни земјиште во пустината Мохаве, каде замислил да основа и изгради нов огромен калифорниски град. Планираниот град, во неговата идеја, еден ден требало да ја досегне големината на Лос Анџелес, но таквите претпоставки поради економски и финансиски фактори, никогаш не се оствариле.

Денес областа вон централното подрачје на градот е непрегледна правлива пустина, прошарана со мрежата планирани улици кои имаат малку застрашувачки изглед и на кои човечката рака оставила трага, но која ненадено се повлекла, оставајќи го местото празно и недовршено. Градот Калифорнија Сити денес има повеќе од 14 000 жители, а го следат интересни бројки како последица на неостварената градба. Имено, според површината, тој е третиот по големина град во сојузната држава Калифорнија, но според населението, тој е еден од најмалите.

Во необичната географија на областа се истакнуваат два впечатливи белега – зградата на градскиот затвор и фабриката на Хонда за автомобилски тестови. Неостварената и донекаде утописка визија на Нелденсон за новиот Сити, пространите остатоци на случајно остварениот пејзаж, сведочат за економската пропаст на една идеја неколку десетлетија пред денешната рецесија, кога слични сценарија се остваруваат ширум светот.

Извор: pogledaj.to