1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Во дискусиите што неодамна се актуелизирааза воведување промени во однос на лектирите има интересни идеи за изборот на нови книги и надополнување на постојните. Но, овде ќе се задржам на една тема што не беше толку во фокус во дискусиите за лектирите, а тоа е – пристапот во нивната обработка.
Уште од осумдесетите години, кога мојата генерација беше во основно и средно училиште, а можеби и порано, лектирите се обработуваа писмено, при што требаше да се напише: сиже, тема, идеја, опис на ликови и белешка за авторот. Од она што можам да го забележам од своето искуство и разговорите со луѓе поврзани со образованието, и денес е доминантен сличен пристап: прераскажување на содржината, опис на ликови, белешка за авторот, додека многу помалку се дискутира со учениците за некои спорни прашања што може да произлезат од книгите.
Немам ништо против раскажување на содржината, активност што ги учи учениците како да определат што е важно да се извлече при раскажувањето, но да се користи истиот овој пристап во текот на сите години основно образование, за по седум или осум лектири годишно е контрапродуктивно бидејќи може да спречи да се развие љубов не само за литературата, туку и за аргументирано дискутирање и за логично размислување. Еден пример за поткрепа: заедно со моите деца ја читавме Двојната Лота од Ерих Кестнер, книга којашто за многу деца од мојата генерација беше омилена. Не можев да се сетам на содржината, па искуството ми беше како првпат да ја читам. Повеќе од половина книга мислевме дека мајката со едната ќерка и таткото со другата ќерка биле раздвоени насилно, поради војна или некоја природна катастрофа и дека воопшто не знаат дека другите двајца се живи,а среќниот крај ќе настапи кога ќе откријат. Ни беше шокантно кога откривме дека тие, всушност, се договориле таткото да живее со едното дете, Луиза, и никогаш повеќе во животот да не го види ниту да знае нешто за другото дете, Лота; а мајката да живее со Лота без некогаш да дознае нешто за Луиза. Овој договор звучеше сурово и неверојатно. Разводот, разделбата, животот со еден родител лесно може да им бидат објаснети на децата, но доброволната одлука на мајката или на таткото никогаш повеќе ништо да не знае за своето дете е многу тешко да се објасни, па разговорите за оваа книга кај нас дома траеја со часови. Доколку наставните програми не предвидат повеќе време за лектирите и доколку не се потенцира важноста на вклучување на децата во дискусии за вакви проблематични теми што ги погодуваат, како во Двојната Лота, тоа може да ги направи сите книги – без оглед кои книги и да се одберат за лектири – здодевни, бесмислени, нерелевантни за животот и размислувањата на учениците.
Уште еден пример што може да ја илустрира важноста од дискусии за книжевни дела, овој пат на песна (истото важи и за лектирите), е песната „Поткажувало“ од Бистрица Миркуловска од учебникот за петто одделение. Во таа песна станува збор за едно дете, Сашо, кое другите деца го удираат по глава, го штипаат, го сопнуваат, го тегнат, го бодат со молив. Детето се жали на наставничката за сите овие малтретирања (оттаму насловот). Оваа песна е интересен избор затоа што е многу податлива за дискусија, ноако нема дискусија, пораката може да биде многу спорна. На пример, ова се некои од прашањата/коментарите што следат по песната: „Зошто децата имале мака од Сашо?“ или „Можеби и меѓу вас има ваков Сашо. Тој самиот ќе се препознае и ќе се засрами“ – и прашањето и констатацијата без поговор го застапуваат гледиштето дека вината е во Сашо и тој треба да се срами што се пожалил за малтретирањата. Ова во никој случај не смее да биде начин на дискусија на песна, расказ, приказна, роман. Во најмала рака, многу посоодветни прашања би биле: Дали го осудуваш Сашо; зошто или зошто не? Дали Сашо згрешил што и се пожалил на наставничката? Дали сметаш дека другите деца се однесувале нефер со него – зошто или зошто не? Ако вината автоматски се префрли на оној кој поткажува (како што имплицираат и песната и прашањата) и ако нема дискусија во која сите ќе бидат поттикнати да размислат кој и зошто бил или не бил во право, тогаш учениците ќе ја усвојат идеологијата дека „посилните секогаш имаат право“, јасно назначена во констатацијата дека Сашо треба да „се засрами“ и во насловот на песната.
Што се однесува до содржината, во дискусиите што последниве два месеца можеа да се проследат во медиумите беа изнесени интересни предлози во поглед на избор на понови книги, комбинации од домашни и странски автори, како и дополнување на списокот со филмови. Но, бидејќи сум длабоко уверена дека не постојат целосно објективни (или исклучиво естетски) критериуми за проценка на квалитетот на едно книжевно дело, би предупредила од опасноста новиот список да биде составен само од задолжителни лектири и да важи повеќе години. Напротив, сметам дека би било многу подобро бројот на задолжителни книги да биде помал од бројот на изборни книги, кои би можеле (но и не мора) да бидат предложени од подолг список на можни книги, каде што би можеле секогаш да се внесуваат и новообјавени книги кои не се на списоците за лектири; истовремено, списокот со задолжителни лектири да се менува на секои четири или пет години. Причината за ова е што со определување список од само задолжителни лектири што ќе важи повеќе години се воспоставува однос дека одбраните книги треба без приговор да се прифатат за врвни книжевни дела и се обесхрабрува (наместо да се охрабрува) дискусија што ќе ги стави под сомнеж критериумите за квалитет; а ваквиот однос често трае и по завршување на основното и средното образование.
Не се согласувам и со едно гледиште споменато во дискусиите – дека книгите што добиле награди за литература за деца треба да имаат предност во однос на други книги (и од светската и од македонската книжвеност) што се објавуваат последниве години. Некогаш наградите се последица на определена идеологија во однос на темите или методите што во даден момент се модерни и побарувани, а некогашнаградите дури и може да се поттикнати од вонкнижевни феномени. Секој учител што се занимава со книжевност ја има убавата обврска да ги следи современите дела (не само наградените) од својата област, а со тоа станува компетентен сам да процени која книга би била најсоодветна за возраста и за групата ученици на кои им предава. Се разбира, ова прашање е поврзано со достапноста на книгите на македонски јазик, а во тој поглед е потребна поддршка за превод на литература за деца.
За крај, со една (подолга) реченица ја поддржувам и идејата за воведување по некој анимиран и игран филмови како задолжителна лектира: на пример, Мулан одлично ги обработува темите на барање на идентитетот, поместувањето на родовите улоги, неприпаѓањето и другоста; Бебето шеф (Boss Baby) на хумористичен начин, а истовремено со многу разбирање, ја обработува траумата на децата при раѓање на помало братче/сестриче со која се соочуваат и тешко се справуваат многу деца; додека Превртено (Inside Out) е маестрална алегорија, која убедливо и многу реално го прикажува судирот на емоциите при соочување со промени, неприфатеност и други тешкотии, и со тоа е поуспешна и поверодостојна дури и од некои познати алегории од светската книжевност уште од Средниот век наваму, кои некогаш (заради пораката што сакаат да ја пренесат) знаат да бидат поедноставени и наивни. Но, и за филмовите треба исцрпни дискусии, зашто ако само се бара прераскажување на содржината, залудни ќе бидат сите промени во изборот и на книгите и на филмовите.
Слики: Tyson Adams
Калина Малеска