Како никогаш да не кажеш „точно“

25.08.2017 13:43
Како никогаш да не кажеш „точно“

Во тек е борбата против стереотипите кои го освојуваат италијанскиот разговорен јазик. Еден од нив, како што знаете, е зборот „точно“. Повеќето луѓе велат „точно“ кога сакаат да го изразат своето одобрување. Употребата на овој збор први ја имаат поттикнато телевизиските квизови во кои за означување на точниот одговор е употребуван американскиот израз „that's right“ или „that's correct“. Не е погрешно да се каже „точно“, но оној кој го изговара покажува дека учел италијански гледајќи телевизија. Да се каже „точно“ е нешто како во дневната соба да ставиш енциклопедија со која се наградуваат купувачите на одреден детергент.

За да им излезам во пресрет на оние кои сакаат да се ослободат од зборот „точно“, составив листа со прашања и тврдења на кои денес најчесто се одговара со „точно“, а во заграда ги предложив алтернативните знаци на одобрување.

Наполеон умрел на 5 мај 1821. (Многу добро!) Извинете, дали е ова Пјаца Гарибалди? (Да.) Ало, дали е тоа Марио Роси? (Јас сум, повелете.) Значи, јас ви должам десет илјади лири? (Да, десет илјади.) Што велите, докторе, имам сида? (Да, жал ми е.) Се вклучивте во нашата програма затоа што го знаете точниот одговор? (Како погодивте?) Полиција: Вие сте господин Роси? (Карла, спакувај ми ги работите!) Ти, значи, не носиш гаќи? (Конечно забележа!) Барате десет милијарди за уцена? (А како поинаку да ја платам телефонската сметка?) Ако добро разбрав, имаш потпишано чек без покритие на десет милијарди и си го дал моето име како гаранција? (Одушевен сум од твојата остроумност.) Дали задоцнив на авионот? (Ја гледате онаа точка на небото?) Велите дека сум никаквец? (Токму така.)

Сѐ на сѐ, ме советувате никогаш да не кажам точно?

Точно.

(1990)

Извор: IL SECONDO DIARIO MINIMO

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Култура
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура

ОкоБоли главаВицФото