Огнен Чемерски, 1974-2017 - ЕНЕ ВИ ГО ШАРЕН НАД ГРАДОТ

25.08.2017 13:52
ЕНЕ ВИ ГО ШАРЕН НАД ГРАДОТ

Почина едно од најблагородните, најумните, најобразованите и највредните суштества во нашата држава...

 

Под ребра и грозомори во китот
Ме надсводил вилен свод мрачина
Татни од Божјите далги бабот
Дури удолу тонам в наказ и судбина.

 

(Мелвил, Моби Дик; превод: Огнен Чемерски)

 

 

ИЗБОР ОД ОБЈАВИТЕ, мај-јули 017

Филип Чемерски
9.8.1966 - 4.7.2014

Немам други зборови освен оние со кои пред три години морав да ја заменам посветата за жив човек:
,,Преводов му го посветувам на брат ми Филип Чемерски, возвишениот летач сонувалец кој ме очовечи, каде и да едри таа благородна душа, вивната во крушевските облаци или во соѕвездијата над нив."
04.07.17.

Фала ви на сите за убавите зборови и мисли, за секој спомен што ви дошол. Еднаш мене ми дојде на сон. Не ми рече ни збор, само ме гушна нежно, а гласот му жубореше како поток, без зборови, на јазик над јазиците, и пак сè го разбрав.
05.07.17.

Велалучка колиба, сега под Водно. Ни ја подари Станка. Седевме пред 11 години на асталчено десно во увала близу до Вела Лука, под лоза и чемпреси, над огромно сињо море и сркавме попара од груј што баш тој ден го извадивме од нивната врша и што ни го спреми мајка му на Пере со лукче на маслиново и на домашно бело винце од нивното лозје. И редевме шкрилци за скалиште до морено долу и се потевме и ги слушавме жегалците, па се фрлавме во соленицата на длабоката модрина, а жедта ја гасневме со беванда од истоно благотворно вино што Пере штедро го раздаваше со широките морнарски раце. Рад сум пак да ги препатам долгите друмови до онде.

04:17. Водно ја загадува Партизанска со бучава. Џивџаните онаму дигаат некоја џева.
20.06.17.


Петочки:
,,Отмено јас сега кромид ставам за гарнир,
грав дур јадам со дивен господски манир,
Ропкам и зелка, додавам и сол,
Оцет придај и зејтин тука клај,
Утробава моја не познава гас и бол!"
Едмон Ростан, ,,Свирано де Фажолак"
(Превод мој)
09.06.17.


Бидејќи Црногорец по мајка, да ви кажам еден виц. За првпат од раѓање проговорува тинејџерот Црногорец, и тоа на трпеза, па ко Његош строго вели ,,Соли!" и пружа рака. Пискотници на асталон, мајка вели ,,Па ти говориш! Што нијеси досад?" Одговара младичот мирно: ,,Нијесам имао примједби".
Ја не знам зошто се дигна џева околу проговарањето, не знам дал тоа имало некој бележит настан и дал некој нешто важно проговорил. Нека говори кој што сака, арно е тоа. Колку ќе му соли солта откако ќе проговори е друга работа.
09.06.17.


К'не сум бил. Е, к'не... Попрво на слонот ќе му падне сурлата отколку мене.
06.06.17.


Син ми има 10 години. Во неговиот речник торта значи и зграда. Кога имаше 4 или 5 години, почна да ги гушка дрвјата зашто гледаше како секојдневно му исчезнуваат заедно со центарските тревници. Оној 5 мај, дома уплакан виде засолнет мирен човек тепан со пендрек. Рано научил што е политика. Сега за него почнува некое ново време. И знае.
Ќерка ми има 1 година. Зелче. Има шанси да расте во поправедни околности од брата си. Ептен се надевам.
01.06.17.


Веднаш до влезот на клиниката во Љубљана, каде што е Prva pomoč, има кафана по име Druga pomoč. Онака ми текна, дека е духовито.
24.05.17.


Толпата беше пуштена во Собранието за да се обезличи злосторството преку аморфниот поим „народ". Но, за инает, оттогаш злосторот сè појасно си ги укажува лицевите црти преку муцките на Груевски и на неговите поданици, преку лицата на обвинителите и на судиите. Овие условниве се само мозолки на тоа грдо лице. И, еден ден, сигурно, ќе мора да влезат во ќелијата заедно со него.
23.05.17.


Талентот му бил талири да збира, дарбина му било жолтици да реди, нему дукати и дубли ситна му се друмарина, он туѓиот грош золота го прави.
22.05.17.


Бидејќи 70 години немавме филхармониска зграда, луѓето не знаат дека Е пристојно таму да им се свика УА на деспоти, на насилници и на криминалци. Всушност, само тоа е пристојно. Аплаузот се чува за други.
22.05.17.


Кога се фалат дека мислат со своја глава, многумина претерано имаат доверба во неа.
19.05.17.


Едниот мозаик во претседателската палата се вика ,,Земјата памети". Да знаеш, Иванов, дека сè ќе ти памети. Другиот се вика ,,Македонија - светла земја". Долго помагаше да се држи в мрак. Не си ти никаков светлоносец, но можеби од денес земјата има шанса пак да се озари.
17.05.17.


И да, пречка ти материна!
17.05.17.


Излегувам на тераса и ми замирисува на готвење. Ама не е вообичаената запршка. Не е сјајно, ама не е ни лошо. Сфаќам зошто не е лошо. Во ресторанот на военото одморалиште сум во Купари. Имам 9 години. За оние од рецепција 7. Од фоајето грми Светско првенство. Однадвор повеј од чемпрес. И гласот на нана ми Ангелина. Синестезија. Сенти-менти. Фини.
15.05.17.


Морам калоши да обујам на кнежевскиве стапалца, зашто загазувам в гумно.
Ме цитира, јавно ме прозива секако, само не по име и по презиме, зашто била пристојна и зашто, пази, сум го носел презимето на некој ,,што го почитуваме". Дај, вистина Великодушно и длабокоумно. И потоа плете фантазмагорични приказни за мојот стиснат па повлечен лајк од таа нејзина прозивка, нешто како теорија за кемтрејлс (палецот, драга, знае да кликне глупост кога скрола по дисплејот - стара мариовска). Само, пропушта да се цитира себеси и да им дочара на своите читатели поради кој тоа нејзин исказ сум рекол дека е пакосна и без зрачец дух. И немој со тие фори за почитуваните презимиња и педигреа, одвратни се. (Нема можност да коментирам кај неа, па морам вака.) Мојот ѕид е отворен и тука може да коментира.
15.05.17.


- Тато, па како тоа три месеци нема Мали забавник?
- Не носат Политика, мацки.
- Па тоа не е политика!
14.05.17.


Во 1974, кога мајка ми била тешка со мене, имало такви што на улица ѝ дофрлале ,,А убаво ти беше кога го правеше?" Немаме еволуција од омразата и презирот кон жените. Ние, особено со Фејсбуков, сме кромањонци на стероиди.
12.05.17.


Најголемите борби некои ги бијат склопчени под ќебе. Ова не е критика на таквите, туку славослов.
08.05.17.


,,Црномурести маратонци" во коментар на МРТ. Ма носи се, бледолики; преку мојов од примитивност.
07.05.17.


Гадно и незрело ми е што скарани објавуваат преписки од сандаче - кој што рекол за кого. ,,Роман во девет писма" сум го читал од Достоевски. Тоа е сјајна книжевност. А ова другово ми е повраќаница. Се раздружувам од таквите.
07.05.17.


Некој во студентска група на Филолошки прашува: ,,Дали некој знае каде може да се најдат материјали за АК 4? [т.е. за предметот Англиска книжевност 4, м.з.]". Јас читам ,,материјали за АК 47" [Калашников] и неколку секунди се чудев што тоа читам. Откако глумецон Владо Јовановски јавно бараше експлозив и по она што се случуваше во Собранието пред камери, мозоков ми е тотално збунет и не може да се справи со лудилово.
04.05.17.


Основна одлика на маалските силеџии е да бидат кротки коа ќе им дојде дасата, а после зад грб да му праат фаци и по старо да ги тормозат другите маалци коа овој ќе си отиде. Ова се учи на Основи на маалско понашање.
01.05.17.


Многу кралевито и свето се чувствувам на вакво време. Штом стежнат облаците, мене некоја круна ми го стега и ми го тишти черепот. А откако ќе изврне, круната ми леснува и станува ореол. Ене ви го шарен над градот.
29.05.17.

Brian Eno - By This River

 

ОкоБоли главаВицФото