Скопје отсекогаш бил отворен град

25.08.2017 14:30
Скопје отсекогаш бил отворен град

Скопје отсекогаш бил отворен град, отворен за секој добронамерник, како што и светот бил отворен за добронамерните скопјани. Скопје било отворено и за оние кои судбината ги принудила да побараат хуманост од Скопјани, а и светот бил хуман кон Скопје кога му било најпотребно.

Ова некакво #Будење на ксенофобијата (и ред други фобии, да не ги редам) од реално непостоечка „закана од бегалци“, која деновиве ја гледаме во градот, тоа не е Скопје. Тоа е една тажна симулациска епизода на омразата и стравот во губитнички обид да надвладеат со скопјани. Не постои страв, бројка, ниту потпис, кои можат да му го одземат хуманиот идентитет на Скопје.

Хуманоста на Скопје е вплетена во неговата историја до степен на топоними кои сведочат за отвореноста и хуманоста на Скопје низ времето. Бегалците од разни вери и етноси, бегајќи од војни и несреќи, секогаш можеле да најдат прибежиште во градот. Дебар маало е населба во која биле доселени бегалци од Дебар и околината по Првата светска војна. Маџир маало е населба каде се сместиле бегалците (маџири, muhadžiri) од Босна и централен Балкан по австро-унгарската окупација на БиХ во 1878. Во градот биле примени и бегалците од Егејска Македонија по Втората светска и од Балканските војни, како и бегалците од војните во бивша Југославија.

Човечноста и љубовта на скопјани секогаш биле посилни од стравот и омразата, така и ќе остане, залудно е некој да го опитува тоа. Стравот и омразата можат да им наштетат на тие кои се нивна цел, но се погубни за тие кои ги (зло)употребуваат од какви и да е побуди.

ОкоБоли главаВицФото