Антисемити кои го сакаат Израел

26.08.2017 02:07
Антисемити кои го сакаат Израел

Мојата тешта допатува од Израел за да го помине летниот одмор со нас. Прво си играше со внуката. Потоа отпакувавме нејзините прекрасни ќупови и шолји. Потоа разговаравме за Тел Авив - за луѓето, времето, новите ресторани. Потоа преминавме на политика и тоа на сите ни го расипа расположението: Израел е одлично место кое има ужасна политика.

Минатата недела премиерот Бенјамин Нетанјаху инсценираше демонстрации на своите поддржувачи. И покрај сѐ погласните обвинувања за корупција, им го возврати ударот на медиумите и либералната елита, кои, велат, сакаат да го симнат од власт. Сѐ се тоа лажни вести, рече тој. Постојат големи сличности помеѓу израелскиот премиер и Доналд Трамп, и тешко е да се каже кој кого копира.

Нетанјаху постојано се фали со своите добри врски со американскиот претседател. Затоа тешко му паднаа настаните во Шарлотствил и млаката осуда на Трамп на американскиот фашизам. Ако го осуди Трамп би можел да го налути, а ако не го осуди ќе испадне попустлив кон неонацизмот.

Некои други израелски политичари немаа таков проблем. Реагирајќи на изјавата на Трамп дека „секоја приказна има две страни“, Јаир Лапид рече: „Не постојат две страни. Маршот на неонацистите во Шарлотствил со антисемитски слогани во име на белата супремација заслужува едногласна осуда“. Но на израелскиот премиер му требаа три дена за да го осуди неонацизмот во еден твит на англиски јазик.

Проблемот на израелската десница е што американската десница главно не ги сака Евреите, но му се восхитува на Израел и го поддржува поради инсистирањето на расна чистота на својата земја.

Гостувајќи во вести на израелската Втора програма, Ричард Спенсер од американската алтернативна десница, еден од водачите на демонстрациите во Шарлотствил, даде шокантен пример за филозофијата на „антисемити за Израел“: „Евреите се преку секоја мера присутни во американскиот естаблишмент, а белите луѓе се истиснати. Израелските граѓани кои се горди на својот народ и неговата историја треба да разберат некој што има слични чувства кон белите луѓе. Би можело да се рече дека јас сум бел ционист - зашто важни ми се мојот народ и безбедноста на мојата татковина. Баш како и вам во Израел.“

Тоа е шокантна изјава. Ричард Спенсер скандираше „Хајл Трамп“ за време на вашингтонските демонстрации, а неговите поддржувачи му одговараа со нацистички поздрав. Пофалбата на Израел од вакви антисемити бараат сериозно преиспитување на израелската десница. Таквите обожаватели никому не му се потребни. Поранешниот премиер на Израел, Ехуд Барак, вака ги прокоментира настаните во Шарлотствил: „Упадливи се сличностите со демонстрациите на Lehave или активностите на групата La Familia или врескањето против новинарите кои се занимаваат со обвинувањата против Нетанјаху за корупција.“

Lehava е кратенка на името на организацијата „Против асимилација во Светата земја“. На нејзина мета се особено мешаните бракови (како што е мојот) помеѓу израелските Евреи и неевреи. Освен тоа, таа сака да го ослободи Израел од христијанството. Членовите на La Familia се навивачи на фудбалскиот тим Беитар Ерусалим. Пред неколку месеци отидов да гледам нивен натпревар со израелскиот арапски тим Бнеи Сахнин од Галилеја - иако на навивачите на Сахнин не им беше дозволено да присуствуваат. Мојот оскуден хебрејски не беше доволен да разберам што пеат навивачите кон празните редови од спротивната страна. „Ќе ви ги запалиме селата“, ми преведе еден пријател.

Ехуд Барак е во право: понекогаш е тешко да се избегнат паралелите со Шарлотствил. Тука е и новиот застрашувачки проблем со радикалните групи ширум светот - тие од маргините се прелеаја во средиштето на нашите општества.

Извор: Giles Fraser, The Guardian, 17.08.2017.