Обвинувањата за руско мешање во Македонија не се неосновани

26.08.2017 10:32
Обвинувањата за руско мешање во Македонија не се неосновани

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод интервјуто на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за агенцијата „Блумберг“ (во кое таа рече дека новата Влада ги зајакнува напорите за влез на Македонија во НАТО и дека членството во воената алијанса ќе ја заштити земјата од руското мешање), изјави:

Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани.

[Извор: Мета, датум: 15.08.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја сметаме за невистинита.

Во изминатиот период се објавувани повеќе написи кои го демантираат тврдењето на Захарова дека „обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани“, а овде ќе наведеме само неколку.

Во јуни 2017 година видео-порталот НОВА ТВ објави заедничко истражување со партнерите „ОССРП“ (Мрежата за известување за оганизиран криминал и корупција OCCRP) и Српската мрежа за истражување кримнал и корупција – „КРИК“ во партнерство со британскиот весник „Гардијан“, според кое:

Руски шпиони и дипломати биле вклучени во речиси децениски долги напори за ширење пропаганда и провоцириње раздор во Македонија како дел од пошироки регионални напори за спречување на балканските држави да му се придружат на НАТО.

Заклучоците кои произлегуваат од документите (од тајните македонски служби) кои повеќе недели ги анализирал и проверувал тимот новинари од четири држави, укажуваат дека:

Со употреба на сите техники и методологии на такаранечената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската федерација на Балканот, целта е изолација на земјата (Македонија) од влијанијата на Западот“, се вели во еден од документите. „Уште повеќе, руската надворешна политика е во тесна врска со енергетската стратегија чија што цел е контрола врз стратешките енергетски ресурси преку партнерства со балканските држави“, пишува во еден од извештаите според коишто долгорочната цел на Русија е да ја смести Македонија во состојба на „ексклузивна зависност од руските политики“.

Настрана ова, туку документите објавени во ова истражување говорат и дека во изминатиот период во земјава се основани дури 30-ина македонско-руски асоцијации, што претставува значителна бројка, а толку билатерални пријателски асоцијации во Македонија нема со ниедна друга земја.

Понатаму, во мај 2017 година „Спутник Србија“ (регионалното претставништо руската информативна агенција основана и во сопственост на Кремљ), потпирајќи се на неофицијална информација од „Вечерње новости“ објави текст со наслов: „Во Македонија од Косово влегле 800 вооружени ветерани на ОВК “ во кој тврди дека:

Српските служби за безбедност откриле дека околу 800 вооружени ветерани на озогласената терористичка организација ОВК од Косово влегле на територија на Македонија.

Овој маневар е извршен во два наврати, а според оперативните податоци албанските екстремисти биле опремени со автоматски пушки. На македонска територија влегле во групи, а тајно пренесувале и товари оружје…

Со ова, државниот „Спутник“ влезе во кампањата која ја водеа проруските весници во Србија, но и некои во Македонија, објавувајќи вести за наводни стотици екстремисти на македонските западни и северо-западни граници, а кои во најголем број ги имаше пред настаните на 27 април во Собранието на РМ и насилството врз пратениците од новото владејачко мнозинство. Како што сега веќе знаеме, никакви вооружени екстремисти ниту имаше, а уште помалку тие влегоа на македонска територија.

На 06.04.2017 година „Спутник“ објави текст „Косово плус Македонија – Голема Албанија“, во кој пишуваше дека:

Сегашната криза во Македонија е подметната од странство, со цел земјата да се федерализира со отцепување на Албанците, што претставува последен чекор кон создавање на „Голема Албанија”, е заклучено во емисијата „Светот со Спутник”.

Ова не се единствени примери во кои „Спутник“ подгреваше предвоена еуфорија во земјава. Се објавуваа написи со кои се навестуваше војна во Македонија и се цитираа изјави кои велеа дека „постои потенцијал да дојде до инцидентот помеѓу припадниците на спротивставените страни, но и опасност да се случат организирани напади, како што беше оној во Куманово, во мај 2015 година“ (Стои ли ЦИА позади конфликтот во Македонија 26 април), создавајќи впечаток како да е таа „пред врата“.

На 21 мај 2017 година руската информативна агенција објави текст во кој вели:

Иако во Македонија веќе не постои вистинска патриотска партија, тоа не значи дека земјата нема патриоти.

Според „Спутник“, „стотици илјади активисти на граѓанското општество кои учествуваа на демонстрациите за задржување на нивната сакана Обединета Македонија, како и некои познати новинари, би можеле да го сочинуваат јадрото на новата про–македонска партија“. Текстот дури и спомнува имиња на потенцијални лидери на таквата партија, при што станува збор за лица кои отоврено го напаѓаат НАТО и кои во минатото имаат изнесено про-руски ставови.

Така што, наспроти тврдењето на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Захарова , овие примери говорат дека „Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија “, сепак, не се исконструирани и неосновани.

ИЗВОРИ:
• Мета (15.08.2017): Русија бара транскрипт од интервјуто на Шекеринска за „Блумберг“[Пристапено на 16.08.2017]
• Веб- страница на Министрерство за Одбрана (09.08.2017): Шекеринска за Bloomberg: Република Македонија со очи вперена кон НАТО за да се одбрани од мешањето на Русија [Пристапено на 16.08.2017]
• НОВА ТВ (04.06.2017): Руски и српски обиди за мешање во внатрешните работи на Македонија [Пристапено на 16.08.2017]
• Спутник Србија (26.04.2017): Стои ли ЦИА позади конфликтот во Македонија [Пристапено на 16.08.2017]
• Спутник Србија (06.05.2017): Во Македонија од Косово влегле 800 вооружени ветерани на ОВК [Пристапено на 16.08.2017]
• Спутник (28.04.20217): „ Се заканува ли нова балканска војна“ [Пристапено на 16.08.2017]
• Спутник (06.04.2017): „Косово плус Македонија – Голема Албанија“ [Пристапено на 16.08.2017]

________________________________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: http://vistinomer.mk/