Горан Чолакхоџиќ: Најлошо ми е кога ме прашуваат „за што пишуваш“

27.08.2017 16:23
Горан Чолакхоџиќ:

Горан Чолакхоџиќ е роден 1990 година во Загреб. Од училишна возраст па до денес живее во Самобор, што, уверен е, позитивно влијаело на неговото пишување, но и на груги интереси, како што е градинарството. Дипломирал англистика и романски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Преведува од хрватски на романски и обратно, а повремено и од англиски и француски. Објавувал поезија на повеќе портали и списанија во Хрватска и регионот. Во 2015 година, за збирката „На крајот таа градина“ ја добива наградата Горан за млади поети, која се доделува во рамки на манифестацијата Горанова проле, што се одржува во чест на поетот Иван Горан Ковачиќ. Неодамна, Чолакхоџиќ ја доби и наградата „Мостови на Струга“, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО. По тој повод, разговараме со него за неговата книга, темите што го опседнуваат, пристапот кон нив, како и за неговите гледишта поврзани со поезијата на своите врсници во Хрватска и регионот.


На почетокот, би те прашал нешто по малку безобразно: Дали повеќе се доживуваш како поет или градинар? Или можеби кај тебе овие две нешта тешко се раздвојуваат?

И едното и другото, а тоа одговара и на прашањето што ми е поважно или што сум во поголема мера: би рекол еднакво. Но многу порадо велам за себе дека сум градинар, отколку тој збор - поет. Јас сум повеќе некој што пишува песни, повремено. Зборот „поет“ е проследен и со некои конотации - јавност, суета, ексцентричност - кои не постојат кај „градинарот“.

Се чини дека големо внимание обрнуваш на архитектониката на книгата, на нејзината структура. А имињата на циклусите во збирката најчесто кореспондираат со некаков простор – „Добра е земјата“, „Нешто нерасчистено со градот“, „Зрели пејзажи“... Што претставува просторот за тебе? Нешто од што целосно зависи твојот поетски израз, сензација која е само повод за песна, или можеби нешто трето? Можеш ли да се замислиш да пишуваш поезија во некаков вакуум, во некоја замислена безпросторност?

Многу сум чувствителен на просторот. Главно добро се снаоѓам во него и потоа му давам и некои посебни значења, па така тој станува простор на сеќавањето, размислувањето, потрагата по подлабоко разбирање на светот. Структурирајќи ја книгата, циклусите ги подредив повеќе интуитивно, отколку размислувајќи посебно за тоа. Но сега деловите на оваа книга ги гледам како да се осветлени од различни видови светлина, ја чувствувам книгата како низа простори. Освен просторот, многу ме интересира и времето, а најмногу врската помеѓу тие два феномена (кои се всушност едно исто). Тешко ми е да замислам пишување надвор од некој простор, макар апастрактен.

Современиот човек во голема мера е отуѓен од природата. А ти, се чини, си во нераскинлива врска со неа. Какво е искуството во однос на рецепцијата - може ли еден поет опседнат со шумите, природните пејзажи и природата да се надева на публика во овој „бетонизиран“ свет?

Всушност, моите искуства се многу добри. Мислам дека барем на некои читатели им одговараше она „менување на парадигмите“, дека им се допадна промената во однос на таканаречената „стварносна“, (хипер)реалистична поезија која досега ја читаа. Секако, моите теми не се нови, но можеби долго не беа во фокус. Дополнително, не мислам дека фактот што живееме во свет во кој доминира урбаното е неповолен за книжевноста за земјата; за зелениот свет. Напротив, потребен е баланс. И јас живеам во некоја зона на премин помеѓу бетонот и шумата, така што и за себе барам рамнотежа.

Се занимаваш со теми кои во светот на книжевноста се прилично „измалтретирани“. Но, никако не запаѓаш во патетика или баналност. Како изгледа процесот на пишување во твојата творечка лабораторија? Дали борбата да се избегне баналноста е жестока, тешка и мачна, или просто се препушташ на сопствениот сензибилитет и перцепција на светот кој некако автоматски се преточува во стихови?

Најлошо ми е кога луѓето ме прашуваат „за што пишуваш“. Зашто одговорот звучи сосема како клише: за љубовта, природата, смртта... тоа е доказ дека е важно како се пишува, како ѝ се пристапува на некоја тема, повеќе отколку за која тема станува збор. Се случува да напишам почеток на песна и потоа веднаш да го избришам, зашто сфаќам дека е премногу директен, дека сликите се едноставни и дека сѐ заедно е на работ на сентименталноста. Но тоа е ретко. Јас сум личност која не изразува некакви романтични емоции, по карактер сум флегматик, така што ми е природно да бидам воздржан, да не претерувам. Секако, читателот е тој што одлучува дали тоа нешто е банално или сентиментално. Познатиот е советот до авторите да ѝ пристапат на секоја тема како да не знаат ништо за неа, како светот штотуку да почнал. Тоа е тешко, но е корисна умешност.

Во едно интервју нагласуваш дека твојата поезија е прилично дионизиска. Несомнено има доста сетилност и ерос во твоите песни, но, сепак, интервенциите на рациото, на места би рекол силни, не можат да останат невидливи. Кога би можел да бираш, што би бил? Поет-интелектуалец или поет-дивјак?

Некако премногу го читав Ниче пред пишувањето на книгата и мислев дека сѐ сум сфатил. Се шегувам - мислам дека го има она дионизиско мешање на светлината и темнината, инстинктот и силните желби за живот, особено во првиот дел на книгата. Но, се согласувам, секогаш тука има нешто рационално. Не можам да побегнам од тоа, зашто мојот карактер е таков. Затоа мислам дека не би можел да бидам вистински „поет дивјак“, туку секогаш повеќе интелектуален поет. Кога би инсистирал на тоа да бидам дивјак, би се видело дека се форсирам.

По Горановата награда за млади поети, Мостови на Струга е втора награда која ја добиваш за збирката „На крајот таа градина“. Како ги доживуваш наградите и дали имаат некаков посериозен придонес за пробив кон малку поширока читателска публика?

Мене сѐ уште ми е многу необично што збирката доби две важни награди. Многу сум благодарен за нив, но секако дека секоја награда е и обврска: треба да се продолжи со квалитетно пишување. Дефинитивно наградите се значајни за статусот на оваа збирка меѓу поетите и критиката, но кај поезијата „поширока публика“ е еден матен поим. Само се надевам дека наградата ќе биде препорака за читателите без страв да се обидат да ја читаат мојата книга. Тоа е најмногу на што треба да се надевам. Освен тоа, наградите можат да доведат до тоа збирката да биде преведена на други јазици, како што во Струга на македонски извонредно ја преведе Никола Кукунеш.

Твоите песни се објавени во повеќе списанија и портали во Хрватска и регионот, а си учествувал и на повеќе фестивали. Имаш ли увид во поезијата на твоите врсници во регионот? И како би ја коментирал поетската сцена во Хрватска, особено помладите автори?

Всушност, современа, нова продукција читам многу помалку отколку што би сакал, но со оглед на тоа колку малку вистински квалитетна поезија има, би рекол дека читам и премногу. Мислам дека ситуацијата инаку е добра, динамична, многу се пишува, а многу и се објавува. Најдобро сепак ја познавам хрватската сцена, донекаде и српската, а за словенечката и македонската знам многу малку, делумно и поради поголемата јазична бариера. Но еве, мојот престој на Струшките вечери на поезијата сигурно ќе го подобри мојот увид во македонската поезија. Би рекол дека меѓу моите врсници има многу интересни и талентирани поети, но недостасуваат зрели и препознатливи индивидуални гласови. Има важни исклучоци, како што се Матеја Јурчевиќ во Хрватска или Срѓан Гагиќ во Србија. Многумина го менуваат својот поетски глас од месец во месец, во зависност од тоа што читаат или што се чини дека е популарно, дека добро поминува. Но, да речеме дека во Хрватска веќе се гледа големо поместување од реалистичната поетика на 2000-те кон послободни, па и пофантастични пристапи во поезијата. Засега главни актери на тие важни поетски движења се сепак поетите нешто постари од мене, оние родени во 1970-тите и 1980-тите години. Поезијата живее, а вистинските проблеми се во малата публика, лошата ситуација во издаваштвото и посебно во дистрибуцијата на книгите.

Песни од Горан Чолакхоџиќ на Окно можете да прочитате овде.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото