Не е готово

29.08.2017 02:45
Не е готово

Никогаш не е готово додека дефинитивно не е готово. Овие ништо не се сеќаваат, дури „не паметат“ ни како, ниту каде ги трошеле државните пари од картичките – пуфлана дури „не знае“ ни дали ги трошела од нејзината или од службената картичка – некои, се покажува, имале и двојни (можеби и тројни?) идентитети (од Г.Г. на В.В., а можеби и „нешто треќе“!) па сега државава не знае кого всушност бара, тврдокорнине пак ќе маршираат – а „промаршираа“ и на сцената на СВП, каде од првите редови, повторно, се ѕвереа истите петрифицирани лејки, само Паскалчо по правило ѕиркаше од третиот ред – градежните работи си продолжуваат со забрзано темпо да се фатат роковите… И – било готово?! Што? „Скопје 2014“? Како да не! Од Плоштадот „Скендербег“ се возвишува нов соцреалистички етно-ораториум како современа „замена“ за некогашниот „кубистички ораториум“ (Б. Петковски) на Борко Лазески во старата Железничка станица во Скопје. Овој е само неколку стотини метри кон Север, и на отворено, луѓето да не се мачат да влегуваат во разноразни објекти за да го видат. Денес побрзо се живее, се нема време за губење. Впрочем, додека ние педесетина години се каниме божем да го обновиме стариот, некој се сетил да ни направи – нов! Е сега, не бил таков, бил ваков, бил онаков… бил смешен… па смешно е и времето во кое што живееме, нели? Кога би тргнале по логиката на смешното, би умреле од смеење! А и споменикот на Скендербег добил нов постамент, речиси идентичен како оние некогашни два на српските престолонаследници, лево и десно од Камениот мост. Чиста „постмодерна“!

И според австралиски стандарди – земја која што апсолутно не е за потценување – кај нас ќе биде готово дури после 138 години, што ќе рече некаде во далечната 2155 година. Тогаш, можеби, ако ги достигнеме австралиските височини на размислувањето, ќе почнеме сериозно да се занимаваме со прашањето на „Скопје 2014“. Зашто ним, на Австралијците, со сета нивна демократска позадина, им требале точно толку години да се свестат дека споменикот на оној Џејмс Кук во Сиднеј им раскажува лажна приказна, па едни посакале да ја менуваат само таблата а други богами и да го урнат целиот споменик. Не знам дали нашава група за „СК 2014“ ќе издржи до 2155 година за да сè биде готово, иако не знам дали и во тој рок ќе се успее сè да се заврши.

Како и да е, приказната продолжува, со добро темпо. И иако, ете, дури и од Полска нè прозиваат за нашите „етноцентристички модуси“, немам ама баш никаква намера да анализирам – иако не знам дури и што тука би се анализирало – нешто околу т.н. мурали за Скендербег. А би можел, зашто знам некои од решенијата што беа нудени на конкурсот, пред година-две. И кои што се како бог и шеширџија во однос на ова што го гледаме, а кое што некој сака некому да му го продаде како мурал односно како уметност. Дури не би се согласил дека тоа е етноцентристички модус. Тоа, за мене, е – идиотски модус, па кој како сака. И не гледам што тука би требало да се додаде!

Но, да се вратам на времето, она после некои цирка 140 години, кога ќе ни стаса од газот до главата дека тука нешто не штима, дека ова околу нас е чист идиотизам, белки тогаш нема повторно да формираме работни групи туку ќе излеземе, тоест ќе излезат, здушно Македонци и Албанци, со чекани и хилти в раце, па и багери ако треба, и ќе ги решат овие лепешки. За некои не ќе треба мака, самите дотогаш ќе се распаднат во прав и пепел, последново „ремек-дело“ сигурно, но врз тоа што ќе остане – бронзата не е така лесно разложлива – ќе мора конечно да се интервенира. Иако тоа може(ло) да се направи и вчера, и денес, па и утре, ако сакате, и животот ќе ни тече(л) еднакво среќно по истите патеки. Зашто тука воопшто не е во прашање Скендербег или Аце Велики, Ченто или Гоце, Питу или едикојси. Тука станува збор само за алчност, коруптивност, криминал… и ништо друго. Но, како сакате, можеме и да причекаме, што се пак 140 години наспроти вечноста?

Инаку, дека ама баш ништо не е готово и дека секој овде може да прави што ќе му прдне на памет покажува и најсвежиот пример пред училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела вода, каде некоја будала, веројатно со амин на „големата“ глупица (не е техничка грешка!) којашто глуми градоначалничка, распослала две голи (гипсени) жени среде тревникот и мисли дека завршила голема работа! Затоа, пред да викаме по Скендербег, ѕирнете си во дворот – училишниот, малскиот, домашниот… Со ваков народ никогаш не е готово!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото