1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 06:59
И покрај сите симпатии за Заев, не би можел да се вклопам во драмата на неговиот светоглед во кој „Македонија е сè што имаме!". Прво, затоа што Македонија не е сè што имам, а второ, затоа што не сум сигурен дали и колку јас ја имам Македонија. Да не зборуваме за тоа колку, пак, Македонија може да биде сигурна дека ме има мене. И која Македонија, односно кои Македонии. За кои Македонии зборуваме ако е јасно дека Македонија не е ниту една ниту, пак, е единствена. Овој патетичен глигоровизам во пригодната изјава на премиерот е продружен со уште еден став кој е во судир со вистината, со денешната вистина и со историската вистина, со уставноста и со определбите за поствмровска рехабилитација на државата врз основата на европските вредности на демократијата, правото и моралот, со категоричната примена на принципот на секуларноста, меѓу другото. Тоа е ставот дека црквата е нашата покровителка. Таа беше нешто како верско-религиозна, односно клерикална покровителка на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и по таа линија, повеќе на измеќарството, отколку на покровителството, убедливо демонстрираше што може да се случи кога црквата ќе ви дојде да биде реален или умислен или изрентиран фактор во државните работи. Никогаш не била вистински покровител. Мислам, покровител на слободата и на државата, секогаш била фантастично вклопена во несреќата на овој народ. Во таа смисла, можеби, сепак би можел да бидам малку повнимателен и да кажам: да, црквата била и е покровител на нашата несреќа!
Да не зборуваме кој сè како субјект и кои сè вредности треба да има како покровители и ориентири едно општество кое се стреми кон модернизам и европеизам!
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: ШкАрт