Југоносталгија по иднината

29.08.2017 13:18
Југоносталгија по иднината

Пред неколку денови, на едно домашно дружење кај мене и сопругата, една наша роднина застана покрај мапата на СФРЈ, во нашата кујна. „Па вие навистина сте носталгични! А едвај се сеќавате на таа држава!“, добронамерно нè подбуцнуваше, но не без искрено чудење. Притоа алудираше на некои претходни семејни расправи во кои, во нашите ставови, препознала сентиментален и прокровителски однос кон некогашната држава. „Ама, работата воопшто не е во сеќавањето или во минатото, требаше да кажам, но како што често ми се случува во живата комуникација, дури отпосле се сетив како требаше да реагирам (Французие тоа го нарекуваат „духот на скалилата“,esprit de l’escalier), па само ги поткренав рамениците. Сепак, причината заради која не реагирав, веројатно беше и тоа што до крај не ми беше јасно каква е заднината на мојот однос кон Југославија. Релативно често, некој – отворено или прикриено, сериозно или на шега, меѓу четири ѕида или во јавен простор, другарски или непријателски – ме прозива за „југоносталгија“. Ова обвинение никогаш не го сфаќав доволно сериозно за да се занимавам со него. Па, сепак, по неколку епизодички како оваа, почнав да размислувам: дали сум „југоносталгичар“? Има ли нешто во таа одредница?

Во постјугословенската книжевна и поширока културна сфера, поимот „југоносталгија“ подеднакво е осуден и од националните десници (особено од хрватската, која веројатно и го измисли), како и од (по)новата лева мисла која во нашите простори се формираше по 2009 година. Сосема се согласувам со вообичаената критика на „југоносталгијата“ од лева позиција: болежлив копнеж по минатите времиња и бескрајно пребарување по минатото што припаѓа на популарниот колективен имагинариум навистина го парализираат политичкото размислување и ориентација, како во сегашноста, така и во минатото. Уште повеќе, како што покажаа редица автори, сентименталната идеализација на провербијалното време на Тито не е ништо друго освен опачина на десничарската денунцијација на „тоталитарниот“ југословенски режим. Меѓутоа, во поново време насетувам дека постојат и поинакви облици на „југоносталгија“ отколку брборењето за црвениот пасош добредојден на секој граничен премин, шверцот во Трст, евтините летувања на Јадран и останатите митеми. Ми се чини дека кај мојата генерација, а тука рамковно мислам на луѓето родени во осумдесеттите години, сè поприсутно е чувството поврзано со социјалистичка Југославија што не може да се одреди како носталгично.

Заклучив дека нашите роднини можеби и имале право: навистина страдам(е) од некој вид „југоносталгија“. Но, сентиментот за кој станува збор не подразбира свртеност кон минатото, уште помалку копнеж за телепортација во некое посреќно и поедноставно време. Всушност, моето растење воопшто не беше обележано со југословенскиот социјализам, туку со војните кои го растурија тој систем и со капитализмот кој влезе галопирајќи во нашите животи; социјалистичка Југославија за мене не конотира одредена држава, а уште помалку некое конкретно искуство на секојдневие. Напротив, „Југославија“ за мене е име за одредена иднина, или повеќе иднини што не се реализирале, но чиешто ветување опстојува, макар и во облик на авет. Овој вид „југоносталгија“, најкусо би можела да се опише како носталгија по иднината.

Неодамна починатиот музички критичар Марк Фишер, ингениозно пишуваше за почетокот на 21 век, како за време без иднина. Според Фишер, привидниот глобален триумф на неолибералниот капитализам се совпаѓа со сеприсутната исцрпеност на социо-политичката имагинација: повеќе не успеваме да ја замислиме иднината надвор од диктатурата на капиталот и хоризонтот на „возможното“ што тој го воспоставува, т.е. надвор од параметрите на „капиталистичкиот реализам“. Како последица на парализата на замислувањето на иднината, константно нè прогонуваат духовите на иднината што не успеале да се остварат, пишува Фишер; на пример, англофоната музичка култура на 21 век, со која тој се занимава, е фатена во анахрона и деконтекстуализирана преработка на фрагменти од дваесетвековната култура, вклучувајќи ги и визиите за иднината, но без способност да се артикулираат сопствени визии. Ако ги примениме увидите на Фишер за „свет без иднина“ врз нашата, југословенска состојба, феноменот на „југоносталгија“ ни се покажува во поинакво светло.

Според историчарот на уметност, Бранислав Димитриевиќ, самиот означител „Југославија“ повеќе се однесува на одредена состојба отколку на одредено општествено уредување, државно – правна рамка или политички принцип. „Југославија“ на начинот на којшто ја дефинираше југосоцијалистичкиот проект (спроти двата империјалистички и репресивни проекти кои, исто така, беа под југословенското име), би ја означувале состојбата на радикална историска отвореност, амбивалентност, расположеност за експеримент и воопшто, можност за промена. Дефинитивната „разделба“ со таа состојба дојде во пакет со ветувањето за среќна и просперитетна капиталистичка иднина во која, конечно, ќе фатиме чекор со „нормалниот“ свет, само прво да го скротиме своето варварство и да ги пребродиме војните и некако да ги подмириме своите илјадници мртви, прогонети и унесреќени. Но, наместо да нè пронајде таа посветла и цивилизирана иднина, се најдовме во време без иднина – делегирани во вечна „транзиција“ без почеток, во вечно враќање на истото. Многу е пишувано за тоа како самиот концепт на „транзиција“ се карактеризира со особен вид на атемпоралност, своевидно исчашување од времето.

Кога ќе се сетам на своето растење и созревање, кои во голема мера се совпаѓаат со деведесеттите и нулта годините, би кажал дека тоа во значителна мерка, важи и за нашата „транзиција“. Со други зборови, „постјугословенската состојба“ суштински се карактеризира со губење на југословенската иднина.

Истражувајќи ги југословенските медиуми и култура, насекаде наоѓам траги од можните иднини кои навистина ме прогонуваат, се покажа дека метафората за аветите, на Фишер, не е претерана. Така, во печатот од педесеттите и шеесеттите години биле популарни сензационалистичко-визионерски проекции во стилот „како ќе изгледа Сараево во иднината“; популарноста на овој жанр малку ќе се намали по реалполитичкото отрезнување во двете следни децении, но очекувањето дека иднината ќе донесе нови шанси и ќе отвори нови перспективи и понатаму ќе биде неизоставен аспект на општата култура. Дури и кога ги читам полемиките за програмите „Хрватска 2000“ или „Словенија 2000“, економски стратегии што настанаа во осумдесеттите години врз основа на, главно, капиталистичка пресметка, тие ми делуват визионерски и утопистички: имено, не можам да заборавам дека 2000 година онаква каква што ја знам, неповратно му припаѓа на некој друг свет.

И кога се занимавав со (суб)културата на научната фантастика во Југославија, еден од ретките сејугословенски феномени во сферата на книжевноста, ми се чинеше дека нејзиниот пад е нераскинливо поврзан со исцрпувањето на хоризонтите на иднината во колективната имагинација, па набрзо дојде на сцена националистичко-каптиталистичка реалполитика (да нема забуна, овој сентимент не е во врска со, на пример, тематиката на СФ литературата, напротив, оваа многу често беше дистописка).

Доколку жалам по Југославија, како што сакаат да кажат националистите, тогаш жалам по југословенската иднина: нејзините бројни духови постојано ме предупредуваат на пропуштените шанси, на затворените хоризонти и отфрлени перспективи. Од југословенска перспектива, како да претставуваме крајно недостојна иднина, онаа што се случи во најлошото можно сценарио. Сепак, добро доаѓаат овие авети и чувствата што ги побудуваат ако брутално отрезнувачки нè потсетуваат дека лошата стварност во којашто живееме не е произлезена од линеарното, неизбежното, или, од логичниот след на работите. Ако за миг се вратиме кон јазикот на литературата, можеме да кажеме дека животот во постјугословенската неолиберална дистопија постојано упатува на утописките потенцијали на југословенското минато.

Југословенот Дарко Сурвин, пионер на академското проучување на научната фантастика, често ги наведува дефинициите за утопија, кои ги формулирал филозофот Ремон Руе: les choses pourraient être autrement – „работите би можеле да бидат поинаку (поставени)“. Токму чувството дека можеше поинаку, во краток спој со капиталистичкиот реализам во кој растев, е всушност моторот на мојата „југоносталгија“.

Извор: Proletter

Слични содржини

Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став / Историја
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото