Хотелот Ѕвездено Небо

29.08.2017 13:33
Хотелот Ѕвездено Небо

Поезијата е одбрана на индивидуалноста. Тоа е начин човек да се брани од сѐ, од своето племе, семејство, религија... Поетите отсекогаш стоеле настрана, а поезијата е единственото место каде што човек може да каже: „Слушајте, сето тоа е убаво, сите ваши историски планови итн., но јас го имам својот живот. Тука сум сам, и се обидувам да ги разберам овие ѕвезди, женава што ја сакам, мојот град, бавчичето во кое си имам работа...“

Чарлс Симиќ

 

МОЈОТ ЗАМОР СО ЕПСКИ РАЗМЕРИ

Ми се допаѓа
кога го убиваат
Ахил
па дури и другар му Патрокло —
па и оној Хектор со лута нарав —
сета грчка и тројанска
Jeunesse dorèe 
толку стручно сотрена
за на крајот
да завладее
мир и спокој
(Боговите во тој миг
замолкнуваат)
Може да се чуе
пој на птица
и како една ќерка ја праша мајка си
дали смее да појде до бунарот
секако дека смее
по она прекрасно патче
што кривулесто врви
низ маслиновата гора

 

ВЕЧЕРНА ПРОШЕТКА

Оддавате впечаток дека ми ги слушате
мислите, О дрвја,
наведнати над патот по кој одам
една доцна летна квечерина
кога секое од вас е стрмно скалило
по кое бавно слегува ноќта.

Високото лисје е ко усните на мајка ми
што постојано треперат, неодлучни,
зашто дувка благо ветре,
и божем слушаш гласови,
или уста преполна пригушен смев,
огромна, темна уста што сите ќе нѐ збере
и што наеднаш ја покрива рака.

Сѐ е тивко. Светлина
од некоја друга вечер талка напред,
одамна, вечер на свилени фустани,
боси нозе, коси без шнола, во пад.
Среќно срце, какви ли чекори правиш
додека ги следиш во сенките.

Небото на крајот од патот е бистро и сино.
Ноќните птици се небаре деца
кои не сакаат да си дојдат на вечера.
Загубени деца во шумите што се мрачат.

ХОТЕЛОТ ЅВЕЗДЕНО НЕБО

Милиони празни соби со вклучени телевизори.
Не бев таму, но видов сѐ.
Титаник потона како роденденска торта на екранот.
Посејдон, дежурниот службеник, ги дува свеќите една по една.
Во три часот наутро, апаратот за мастики во лобито
со распукано и измачкано огледало,
е новата Мајка божја со детето Исус,
која сака да знае колкав бакшиш да му даде на носачот.

 

ЦАРСТВА

Баба ми го претскажа крајот
на вашите царства, О будали низаедни!
Таа пеглаше. Радиото работеше.
Земјата се тресеше под нас.

Некој од вашите јунаци држеше говор.
„Ѕвер!“ го нарече таа.
Се чуја извици и рафали за поздрав на ѕверот.
„Ми иде да го убијам со мои раце“,
така ми рече.

Немаше потреба за тоа. Сите тие
наскоро ќе заминеа кај ѓаволот.
„Немој пред некого да си се излајал за ова“,
ме предупреди.
И ме истегна за уши за да се увери дека сум сфатил

 

НЕДЕЛНИ ВЕСНИЦИ

Касапењето на невините
никогаш не запира. Тоа е барем
најсигурно од сѐ друго, само за тоа
може да сме најсигурни, мила,
дури и посигурни од што сме за печеното.

Недела е. Верниците уредно
излегуваат од црквата
преку улица. Мнозина
носат библии в раце.
Нејасна желба за вистина
и за моќниот страв од неа
што ги натерало да дојдат
и покрај прекрасното пролетно време.

Во ходникот, еден стар пес
токму сега собрал чесност
да ’ржи на сопствениот одраз во огледалото,
пред тетераво да појде кон кујната
каде во твоите испружени раце
го држиш јагнешкото печено
со мирис на лук и рузмарин.

НА СОНИШТАТА

Сѐ уште живеам на сите стари адреси,
носам темни очила дури и внатре,
скришно го споделувам креветот
со фантоми, одам в кујна

само по полноќ за да ја проверам славината.
Доцнам за на училиште, и кога ќе стасам
се чини никој не ме препознава.
Седам отсутен, одделен, повлечен.

Овие дуќанчиња отвораат само ноќе
и во нив пазарам незабележано,
Овие скришни кино сали во трошни маала
сѐ уште прикажуваат стари филмови за мојот живот.

Јунакот секогаш полн со превисока надеж
за да загуби сѐ на крајот? – така некако беше –
потоа надвор на студот, недоверлива светилка
чека со затворени усни на излезот.

Извор: Чарлс Симиќ, Одбрани песни, СВП, 2017.
П
ревод: Зоран Анчевски
Везови врз фотографии: Алине Брант

ОкоБоли главаВицФото