Што е ДРУГА ПРИКАЗНА?

29.08.2017 18:47
Што е ДРУГА ПРИКАЗНА?

Што е ДРУГА ПРИКАЗНА? Скопски книжевен фестивал за мали фикции што се основаше 2016 година кога зовре потребата од друга приказна во политиката, културата и во целото општество.

Меѓу поважните цели на фестивалот се популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда...

Поднасловот на фестивалот, Мали фикции, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата...

На прагот на второто издание на ДРУГА ПРИКАЗНА (8-10 септември, во Музејот на современа уметност во Скопје), еве едно мало потсетување зошто треба да се посети и вториот по ред фестивал:

Минатото прво издание донесе три нови книги: „Свињата која чекаше да проба од сопствените чварки; сто мали приказни“ од Бранко Тричковски, „Кога лавот го изеде сонцето“ од Емил Алексиев и „Градот што веќе не е мој“ од Јовица Ивановски.

Познатиот српски и светски писател Давид Албахари беше добитник на главната награда и беше промовирано неговото концептуално книжуле со 16 флеш раскази, „Стар сум во Скопје“ и сетот поштенски картички „Девет лизарчиња од Давид Албахари“. Беше прикажан и четирисетминутен филм за творештвото и животот на Албахари.

На фестивалот учествуваа десетина странски гости, главно од регионот и триесетина домашни писатели, теоретичари, уметници.

Со своите „едноминутни новели“, во програмата ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ на отворена сцена се бореа: Драган Протиќ, Драгана Младеновиќ, Слободан Бубњевиќ, Теа Тулиќ, Бојан Бабиќ, Јасна Димитријевиќ, Милена Илиќ, Срѓан Тешин, Бранко Тричковски, Лилјана Дирјан, Ѓорѓи Крстевски, Владимир Лукаш, Југослав Петровски, Марта Маркоска, Ѓоко Здравески, Александар Прокопиев, Оливера Ќорвезироска, Калина Малеска, Живко Грозданоски, Горан Петревски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Рамадан Рамадани…

Се организираа работилниците за пара вести како сатирична, паракнижевна форма и „Книжевноста како игра“ посветена на неколку алтернативни, експериментални и игриви начини на креативно пишување.

На фестивалот се разговараше на тема Книжевноста и активизмот со Срѓан Тешин, Роберт Алаѓозовски, Јасна Димитријевиќ, Драган Протиќ, Јасна Котеска, Свирачиња, Југослав Петровски, Дарко Лешоски, Луми Бекири, Ирена Цветковиќ...

Ете, ова се само неколку аргументи дека не се работи за уште еден здодевен фестивал со предвидливи содржини и гости.

Темата на годинашното издание на фестивалот е СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ. Наскоро повеќе за гостите и содржините на второто издание на ДРУГА ПРИКАЗНА.

Слични содржини

Книжевност / Култура
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото