Климатските промени и ураганите

30.08.2017 10:31
Климатските промени и ураганите

Што можеме да кажеме за придонесот на климатските промени за досега невидената катастрофа која го зафати Хјустон со доаѓањето на ураганот Харви? Постојат одредени фактори поврзани со климатските промени за кои со сигурност можеме да тврдиме дека придонесоа за потешки последици од оваа катастрофа.

Растот на нивото на морето кој се припишува на климатските промени - а делумно и спуштањето на брегот поради активностите како што е вадењето нафта во крајбрежните зони - изнесува околу 15 сантиметри во последните неколку децении (солидно излагање за тоа можете да прочитате овде). Тоа значи дека бранот на бурата започна од 15 сантиметри повисока позиција отколку што тоа било случај пред само неколку децении, што го засили поплавувањето и разорувањето.

Исто така, последните децении температурата на површината на морето во регионот порасна за околу половина степен, од приближно 30 степени на 30,5 степени, поради што површинската температура на водата сега е релативно висока (од 30,5 степени до 31 степен).

Едноставната термодинамичка релација изразена со Класиус-Клапејроновата равенка покажува дека со порастот на температурата на воздухот за половина степен влажноста на воздухот расте за приближно три отсто. Температурата на површината на морето во зоната во која ураганот се засили беше помеѓу 0,5 и 1 степен повисока од денес очекуваните просечни температура, то ест, помеѓу 1 и 1,5 степени повисока од очекуваната „просечна“ темепратура од пред неколку децении. Резултатот е влажност на воздухот зголемена за 3 до 5 отсто.

Големата количина на влага придонесува за настанување на обилни дождови и посилни поплави. Разорната поплава која го погоди Хјустон е последица на истовременото доаѓање на крајбрежниот бран на поплави и интензивни дождови.

Но, во Мексиканскиот залив не е зголемена само површинската температура, туку истото важи и за подлабоките слоеви на заливските води. Тоа е енергија која придонесе за рекордно засилување на ураганот со неговото приближување до брегот. Топењето предизвикано од човечка активност продира и во длабочината на океанот и создава длабоки топли слоеви во Мексиканскиот залив и во другите води.

Харви речиси сосема сигурно е значително посилен отколку што би бил во отсуство на топење предизвикано од човечки активности, заради што ветровите беа посилни, штетата поголема, а бранот на бурата поизразен. (Како пример како функционира тоа прикажавме зошто климатските промени доведоа до драматичен раст на опасноста од бури и поплави во Њујорк, поради што веројатноста за јавување на ураган како Сенди е сѐ поголема.)

Конечно, тука се и некои други, помалку очигледни, но потенцијално важни климатски фактори: необичната разорна сила на Ураганот Харви делумно може да се објасни со неговото долго задржување во близина на брегот. Тој продолжува да го бомбардира Хјустон и соседните региони со навидум бескрајни поројни дождови кои ќе потраат со денови и веројатно ќе достигнат височина од 122 сантиметри на метар квадратен.

Задржувањето на едно место е последица на малата сила на вообичаените локални ветрови кои не можат да ја потиснат бурата кон морето, поради што таа се движи во релативно мал простор. Малата сила на ветровите, од друга страна, се објаснува со моментално раширеното суптропско подрачје на висок притисок над поголем дел од САД и потиснување на млазните струи на север. Токму таков образец на суптропска експанзија е предвиден со моделите на симулација на климатски промени предизвикани од човечки активности.

Уште еден веројатно важен фактор се многу нагласените, речиси „стационарни“ обрасци на распоред на летната клима од овој вид, по што временските аномалии (суви/врели зони со висок притисок и дождовни зони/зони на бура со низок притисок) долго се задржуваат на исто место, за што исто така, веројатно, придонесуваат климатските промени. Неодамна објавивме статија за оваа појава во академското списание Scientific Reports.

Во заклучокот, не можеме да тврдиме дека климатските промени го „предизвикале“ ураганот Харви (таквото прашање е погрешно формулирано), но можеме да кажеме дека тие придонесоа за засилување на ураганот и го зголемија ризикот од штетите и загубата на човечки животи. Нема сомнеж дека климатските промени ги зголемија неговите ефекти.

Извор: The Guardian, 28.08.2017.
Фотографии: Дејвид Џ. Филип