Нови пресметки во ДПМНЕ

30.08.2017 10:58
Нови пресметки во ДПМНЕ

Никој не поверува во зборовите на партискиот лидер Никола Груевски, вклучувајќи го и него, дека ВМРО-ДПМНЕ кога ќе отиде во опозиција ќе биде конструктивна. Веќе нема кому не му е јасно дека откако тој ја презеде, партијата е толку отидена што сега може да биде сѐ друго само не конструктивна. Без разлика од која позиција дејствува. Не само што го потврди тоа, туку партијата уште од првиот опозициски дена се труди со сите (мрачни) сили да докаже дека може да биде деструктивна до степен што никој не можеше да го претпостави.

Но, како и вистината и промената – и тоа на подобро! – е како шило, што би рекол Груевски. Кога-тогаш, свесно или несвесно, таа ќе се пробие, ќе излезе на виделина. Ни моќната, обвинета за тежок криминал партиска врхушка, која дава силен, неконструктивен отпор против какви било реформи во партијата, не може да ја спречи промената во начинот на мислење, на „аргументирање“ во политичката битка. Пример: „За изминативе три месеци СДС од девизните резерви и од распишаните аукции на државни хартии истроши 334 милиони евра. Со нив можеше да изгради околу 40-ина современи болници кои ќе бидат од корист за граѓаните. Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат каде се трошат нивните пари кои секојдневно се одлеваат од државната каса“, се вели во едно од многуте слични партиски соопштенија.

Партијата не кажува како и за што СДСМ ги истрошила парите, но многу побитно е дека долго потиснуваната нормалност се пробила низ уште подолго одржуваното лудило. Конечно и таа почнала да размислува дека парите може да бидат „од корист и за граѓаните“. Можеби не е преоптимистички да се очекува во ДПМНЕ да почнат пресметките за тоа што се можеше да се изгради со парите потрошени на еден споменик, порта, фасада…

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби