1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
На скопскиот книжевен фестивал ДРУГА ПРИКАЗНА, кој годинава ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје (8-10 септември), концерт ќе одржи Томислав Вречар (9 септември). Вречар (1976) е словенечки поет, перформер и мултимедијален уметник. Автор е на шест поетски збирки и еден роман. Преведува од италијански јазик, а понекогаш и пишува на италијански. Создава и настапува и под псевдонимот Сома Арсен. Живее и работи во Љубљана како слободен уметник.
Во продолжение, претставуваме дел од неговото поетско и музичко творештво.
ПЛОД
Во мене има болест
слична на јаболково дрво
нејзините гранки се нем страв
самиот плод, кој чека
да се спушти во празнината
да го преземе наследството
Љубљана, 28.6.2003
ЛУЛУ
Кога во Љубљана секогаш би имало сонце,
јас би бил најголемиот поет на Земјата.
Вака, нема сонце, ќе морам да се преселам,
но не можам, премногу сум мрзлив за таков подвиг,
останувам во Љубљана, останувам најголем мрчатор во околината.
Младиот Ален Делон штотуку легна некого на екранот.
Младата Лулу е фатена во Варшава, пред камера,
сонува за Англија, во која има пријатели,
сонува за агенцијата во која работат полски девојки,
сонува со насмевка развлечена преку интернет камерата,
чисто сонце е, и вели дека сивилото ја фрла во депресија.
Бојата на ангелот е модро сребро, солена е како море.
НАДВОР ВРЕМЕТО Е УБАВО
Внимавај на коските кога ќе го составуваш лицето на младоста.
Знај дека кога ќе биде во полн сјај, повеќе нема да биде твое.
Обрни внимание на птиците, тие му пеат на небесното синило,
ја пеат истата песна секој ден на друг начин.
Скрши го огледалото, скрши се себеси во очите на другите,
твојата мелодија е работа на тишината, самотијата не е чеп,
самотијата ќе те разгради на елементарни честички, во неа ќе пливаш,
како маста во прегратката на млекото, ќе се полниш самиот себе, колку помалку ќе те има
толку повеќе ќе бидеш ти, одново ќе го составуваш своето лице и тоа повеќе нема да биде исто.
ДРЖАВА ПОД ТРИГЛАВ
Државо под Триглав!
Шаламун го симнав од престол со еден бакнеж.
Државо под Триглав!
Носам име на хрватски крал, и ти го крадам заливот на малограѓанската безветрица.
Државо под Триглав!
Твојот надбискуп скија по мојот љубовен тепих
додека му ја полнам со вера канализационата цевка на пеколните црева.
Државо под Триглав!
Уште од мали нозе ме учат дека поетот е сиромав, а не господин.
Државо под Триглав!
Сакам синтетички дроги без морален мамурлак.
Државо под Триглав!
Го јадам месото на твоето потомство, без оглед на полот.
Државо под Триглав!
Не ги поднесувам твоите училишта, зашто не се по моја мерка.
Државо под Триглав!
Стоковните куќи ти се кино-сали за луѓе без карти.
Државо под Триглав!
Мислиш да го соѕидаш националниот интерес од мртвите коски на своите пратеници?
Државо под Триглав!
Моите јајца се мустаклести терористи над белата Љубљана, му се молат на сонцето.
Државо под Триглав!
Од твојата грижливост и стабилност добивам морска болест.
Државо под Триглав!
Ако убиеш човек од љубов, долго потоа и самиот си мртов.
Државо под Триглав!
Устоличи ја полигамијата, нека твоите мајки примат црно семе.
Државо под Триглав!
Твојата маленкост е во ширината, не во должината.
Државо под Триглав!
Сонцето не е луксуз, попрво е природна состојба.
Државо под Триглав!
Твоите субвенции го затнуваат грлото и ги полнат стомаците.
Државо под Триглав!
Ангел сум кој не се плаши од празнината.
Државо под Триглав!
Библиотеките се мртва река на твоите солзи.
Државо под Триглав!
Конзервирај ги липицанерите, до следната австроунгарска монархија.
Државо под Триглав!
Самоникнат сум, оној сум кој го отфрли социјалниот реализам.
Државо под Триглав!
Моите хормони градат дигитална порнографија.
Државо под Триглав!
Твој блуден син сум, кој не ти го знае името.
Државо под Триглав!
Јас сум ти и ти си јас.
КАЖИ ДИРЕКТНО
Љубљана е котлина, луѓето овде се исти, котлинести.
Не знаат да плукнат в лице, одгледуваат мрена и халогенска светилка на небото.
Органски тежнеат кон северот и препуштаат разумот да ја распореди крвта.
Се полнат во мензите, со густа и безоблична храна, се штитат во стада,
бараат смеа, кога би морале да го прифатат плачот, со забите грабаат снег, бел чаршав,
кој исчезнува како и нивното лице обвиено со темнина. Поет овде може да биде секој,
додека не го бакне сонцето и не согори во сопствениот сок, како пеперутка
свесна за својата судбина. Смеата овде е чеп, иако оддава грчеви на хистерија,
килави брбливци, апсурдна грижливост, заробеност во алпскиот систем.
Морето е како прстофат сол во говедска супа, без мртовци нема величина, без хоризонт нема ширина.
Нормата е поблагородна од златото, и ѓубривото мириса во малограѓанските домаќинства, како благородно зелје.
Оружје на самосвеста е хармониката, легално оружје за самоубиство е подуеното лице и цирозата на црниот дроб. Сѐ останато се само никулци на духот, мртовци без виза за влез, соништа за стварното.
КАРТА, МОЛАМ
Ожујско пиво, големо,
станица, Загреб, кралот Томислав на коњ,
се чувствувам како дома, воз во 21:35
дванаесет часа до Сплит,
зборот е тежок и непосреден,
еден час чекање, а потоа воз, па море,
брег, Диоклецијановата палата,
бел камен, мазен и мрсен,
рецепционерката немарно ми наплаќа карта,
над Загреб се спушта запад,
топло, во воздухот портокалов песок.
Загреб, 6.7.03.
Превод: Иван Шопов