Веган случајно изел црв од јаболко

31.08.2017 11:02
Веган случајно изел црв од јаболко

Скопје, 31 август 2017

За Дарко Трпески од Скопје, инаку долгогодишен веган, попладневниот оброк се претворил во вистинска ноќна мора, кога сфатил дека среде вкусното јадење изел црв од јаболко, мислејќи дека јаде зрел плод кој штотуку паднал од гранка.

Тој сега е загрижен за своето здравје, бидејќи внел 3 грама протеини од животинско потекло во својот желудник.

„Некаде околу 19:30 го примивме повикот од господинот Трпески со молба итно да дојдеме кај него, за да направиме детоксикација, во народот попозната како перење желудник, зашто се сомнева дека добил труење“, вели д-р Марина Илиева од службата за брза помош.

Мобилната екипа на клиничкиот центар го хоспитализирала Трпески, кој на приемот во болница тврдел дека неговата хомеостаза е сериозно компромитирана, а последиците по неговиот организам ќе бидат несогледливи доколку протеините стигнат во неговиот крвоток. Малку потоа, Трпески е отпуштен од болница без да ја добие бараната терапија. Неговите соседи имаат полно разбирање за неговото незадоволство.

„Срамота е што не му ја дадоа бараната терапија. Дарко е добар и исклучително одговорен комшија. Строго води сметка за својата исхрана. Кога и да дојде на гости, по три пати проверува што му се сервира пред да изеде или да испие нешто. Во Скопје веројатно не постои човек кој не е запознаен со прехранбената определба на Дарко“, вели за Пара вести еден од неговите соседи.

Инаку, концентрацијата на црви во јаболката и во другото овошје и зеленчук, според одредени вегански стандарди не смее да биде поголема од 3 промили, што изнесува една петина на еден просечен црв. Трпески не беше расположен да дава изјави за медиумите.

Невладината организација „Rott Qua“ која се занимава со промоција на веганството и заштита на животните, го осуди чинот на Трпески и го нарече убиство без умисла.

Извор: Njuz