Локални избори 2017 - за моето Скопје / 3

01.09.2017 08:14
Локални избори 2017 - за моето Скопје / 3

 

„Птиците кои живеат во кафез, мислат дека летањето е болест.“

 

Се сеќавате на Кермес. Тој беше во сенката на најубавите дрвја и нема поубаво место за да можеш да ручаш во градот. Неговата положба е природна. Тој мора да се подигне, и тој треба да биде како стакленик, да е прозрачен, да се претопи во паркот, а и одразот на дрвјата во него би бил толку убав.

Исто така и „Езерце“. Симболите на градскиот живот сега се најтажните места во градскиот парк.

Градскиот парк мора да е слободна wi-fi зона. И не само една - треба сите компании да го покријат тоа. Тоа ќе значи помал трошок за сите.

Дебар маало треба во недела да се прогласи за пешачка зона, барем две улици: Боемската 2 и коцката која води покрај општина Центар кон Градски парк.

Треба да се обнови и ресторанот во СРЦ Сарај. Да не се лажеме, секој сака да има простор каде што ќе може да се освежи. СРЦ Сарај е идеално место за хиподром. Знаете ли колку овие животни им помагаат во терапијата на децата со аутизам. Тие имаат толку убава енергија. Нема кој не би сакал да ги гледа пред себе. Таму е и клубот за кајак. Потоа има базен и целиот парк го омеѓува за жал денес веќе не толку чистата река Треска. Исто така, СРЦ Сарај е најбезбедното место за најмладите - нема автомобили!

Овие предлози се самоодржливи, отвораат нови работни места. Младите архитекти и дизајнери може да направат предлог проекти за нови содржини во СРЦ Сарај и Градски парк.

Треба на сити-лајтот низ центарот и на автобуските станици да има инфо со програма за културните настани во градот.

Пред сѐ, да се воведе комисија за настани од јавен и забавен карактер.

Треба да има комисија која ќе одлучува и какви објекти ќе се отвораат, со каква содржина, која им е целта. Не може една до друга во строгиот центар на градот да се продаваат мекици и книги во книжарница со читална, спроти нив да се продаваат семки, до семките врвки, итн. Или најголемата глупост од сите: барокна сендвичара во која се продава донер пред Македонската опера и балет и пред Филхармонија. Ги почитувам сите до еден! Но мора да го планирме центарот на градот. Вака е целиот хистеричен. Тоа не го забележуваме, ама ја забележуваме нервозата која ни се собира во текот на денот.

Водовод, патишта, осветлувања и пристапност на јавен превоз, амбуланти, градинки, аптеки... се најголемиот приоритет! НАЈГОЛЕМИОТ. Тоа е хардверот на градот. Многу чинат и само стручни лица можат да го преземат ова. Јас драги мои, пишувам за софтверот. За меките работи. За културата, уметноста, за меѓучовечките односи. За нитката која само што не се скинала. За вистинскиот живот. Оној кој нѐ чека откако ќе ја затвориме вратата дома. Овие работи не чинат ништо и не можеш да ги изразиш во евра, да ги покриеш со фондови, да отплаќаш камати. А чинат богатство. И во оваа немилосрдна трка на алчност и профит беа истуркани на маргините на општеството.

Социјалниот живот е многу битен за секој град. Многу луѓе се осамени, повлечени, мора да ги испровоцираме да се движат, да запознаваат нови луѓе. Да учествуваат во градскиот живот.

ЗАБРАНЕТ ВЛЕЗ ЗА НЕВРАБОТЕНИ - овој натпис може да стои пред секој театар, филхармонија, опера, балет, големи рок-концерти, музеи. Влезниците во театрите, а сега и во новата филхармонија, концертите, се влезници кои можат да си ги дозволат само малкумина. Знаете колку невработени има во РМ. Кажете ми, кога ќе може една текстилна работничка со плата од 8-9000 денари да отиде на некој концерт во новата зграда на филхармонија - никогаш! Кога прашав едно момче кое постојано доаѓа на клупата во Музејот на современата уметност: ја сакаш? (мислам на Современа) - Ми рече: „Да. Барем можам да видам дел од изложбата низ овие стакла.“ Што е помачно од тоа за една држава која, нели, толку многу ја сакаме?

Една сума од паркинзи нека се насочи во фондот за влезници во театри, музеи, концерти - да се симне под итно скороевичкиот и квази елитизам од овие институции. Да се симне барокот од граѓаните.

Поздрави рој,

Вашата севселенска градоначалничка

 

Кон првиот дел
Кон вториот дел


Слики: Тамара Забазноска

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото