Светот после 22 јули 2010

28.07.2010 12:11
Светот според Вук

Од оној историскиот 22 јули 2010 – значи, пред точно десет години – кога Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе одлука дека декларацијата за независност на Косово не претставува кршење на меѓународното право, светот повеќе не беше ист.

Бидејќи за истата срамна одлука набрзо потоа следеше подеднакво непромислената потврда од страна на Генералното собрание на ОН, „Пандорината кутија засекогаш се отвори“, како што во тоа време нагласуваа медиумите, во земјава и во странство, сведувајќи сè на вообичаеното клише.

А од сите луѓе на овој свет токму Тој најдобро знаеше што следи. Со намуртено лице, поразен, напуштен и осамен, само чекаше како ќе се одвиваат нештата.
 
Еве како: најпрвин Република Тексас ќе прогласи унилатерална сецесија од САД. Некогашниот претседател на САД, Барак Обама, ќе се двоуми околу воената интервенција против побунетата држава, Генералното собрание на ОН за возврат брзо ќе го поддржи одвојувањето, и додека кажеш „Howdy cowboy!“, осамената ѕвезда ќе заблеска во својот целосен сјај како една од полноправните членки на оваа глобална организација. Така, после косовскиот преседан, ќе биде создаден и планетарен домино-ефект, една грозна лавина која никој повеќе нема да може да ја сопре: Квебек прв ќе се отцепи од Канада, а по него и Алберта и Британска Колумбија, Чиапас ќе се ослободи од Мексико, Невис од Свети Китс, Тобаго ќе прогласи независност од Тринидад, Порто од Рико, Сао Томе од Принципе, Антиохија од Колумбија, Малвинските острови од Аргентина. Некако истовремено ќе се отцепат Кабилија од Алжир, а независност, без многу пролиена крв, ќе добијат и Северните области на Брегот на слоновата коска, Република Кабинда ќе го прогласи остварувањето на илјадагодишниот сон на сите Кабинѓани за независност од Ангола, додека белиот орел со раширени крила со егида и крст, симболот на новородената Коптска Фараонска Република, ќе се развее на новопоставениот јарбол пред седиштето на ОН во Њујорк.
 
Воопшто, во тие години на бурни промени во светот ќе се множат јарболите од ден на ден и на многумина – и со право – ќе им се чини дека оваа светска организација не прави ништо друго освен што непрестајно крева некакви необични и дотогаш невидени знамиња, проследени со свеченото интонирање на новокомпонираните државни химни.
 
На лавината нови држави нема да и’ се гледа крајот. Бидејќи, додека припадниците на Обединетата народна армија на Република Гамбела ќе водат крвави пресметки со етиопските лојалисти, а Западна Сахара со дипломатски средства ќе се бори за отцепување од Мароко, во пост-советските републики ќе дојде до вистинска имплозија и збрка, во која Абхазија конечно ќе расчисти со Грузија, а само два месеца потоа истото ќе го стори и Јужна Осетија. Ни Нагорно-Карабах повеќе нема да се наоѓа во Азербејџан. Чеченија, Дагестан и Ингушетија – ново, ново, ново. Курдите конечно ќе се отцепат од Сирија и Ирак и ќе добијат своја држава, а и Јужен Јемен ќе престане да биде составен дел на Јемен, наспроти сите залудни графити: „Јужен Јемен е срцето на Јемен!“ со кои долго ќе биде испишана целата престолнина Сана.
 
 
Што се однесува до Европа, во неа земјите за десет години толку ќе се раситнат што на крајот ќе биде невозможно да се воочат сите на картата без лупа. Грците во Албанија ќе ја основаат својата автономна Република Северен Епир, Македонија ќе се расцепи, Истра ќе ја напушти Хрватска, за она што ќе се случи со Србија и Босна подобро да не раскажуваме, Валонија и Фландрија ќе ја наследат Белгија, над Моравија ќе се развее црвено-жолтото знаме кое ќе ја смени чешката тробојка, Данска ќе ја напуштат Фарските острови и Гренланд, Британија – Гибралтар, Шкотска, Корнвол и Северна Ирска. Бургундија, Алзас-Лорен, Бретања, Корзика, Нормандија, Баварија, Ломбардија, Тоскана, Умбрија, Сардинија, Сицилија, Фризија, Горна Шлезија, Галиција, Каталонија, Баскија – сите тие ќе станат горди млади европски земји.
 
Годините ќе се нижат, а државите и понатаму непрестајно ќе се распаѓаат; во таа глобална политичка ерозија од нив ќе отпаѓаат цели парчиња, додека светската економија, нормално, ќе бележи непрестаен пад, а кризите ќе се менуваат со нови кризи, и војни ќе избувнуваат на многу делови од планетата истовремено, а ОН за време на целиот втор мандат на Бан Ки-Мун неуморно ќе додава нови и нови јарболи, најпрвин во два, а потоа и во три реда. По завршувањето на вториот мандат на Ки-Мун, за нов генерален секретар ќе биде изгласан Аполо Гарсија Чино, некогашен победник на перуанската верзија на Големиот брат, водител на ток шоу, огромна ТВ ѕвезда и народен трибун во подем. Неговиот период ќе биде обележан со непрестајни приспособувања и работи во самото седиште на ОН во Њујорк, а во третата година од раководењето со ОН, Генералниот секретар Чино, човек на брзите решенија, ќе потпише налог за изградба на т.н. „ОН 2“ – реплика на постоечката градба во која ќе бидат сместени сите новосоздадени земји. Без оглед на тоа што двете собранија ќе бидат поврзани на сите можни начини, оваа несреќна одлука ќе резултира со нова поделба на светот, т.н. „Сала 1“ и „Сала 2“, а тоа, повторно, ќе доведе до последната светска војна и конечната пропаст на човечката цивилизација. Но не пред завршувањето на првиот и единствен мандат на Аполо Гарсија Чино, кога дваесетте постојани членки на Советот за безбедност ќе го прогласт и јубилејниот десетти Генерален секретар во историјата на ОН, воедно и најмладиот во нејзината историја – перспективниот млад косовски политичар Рамуш Харадинај.
 
 
Ете, така ќе се одвиваат нештата.
 
А Тој... остарел за овие десет години. Животот го исплескал. Често се буди среде ноќ, испотен. Ќе диши длабоко некое време, па ќе се припие за заспаната сопруга, и ќе молчи и ќе мижи. Си мисли – не, ова не се случува. Јужен Јемен –  независен, а Рамуш Харадинај – Генерален секретар на ОН? Не, ова мора да е кошмар. Сигурно сега спијам и сонувам. Ова е нешто од кое ќе се разбудам.
 
Ама не се буди. Рамуш Харадинај е Генерален секретар на ОН исто како што Јужен Јемен не е повеќе во Јемен. Реалноста е погрозна и од најлошиот кошмар.
 
Внимателно, да не ја разбуди сопругата, Тој станува од креветот и во дневната соба, на совјот лаптоп, долго ја гледа онаа снимка од Хаг, стара десет години. Во еден миг, кога неговото лице ќе се најде во прв план, бледо и одважно во поразот, со цврсто стегнати усни и резигниран поглед – така се прави тоа! така се бранат честа, достоинството и територијалниот интегритет на една земја! така, а не како овие денес! – тој стиска пауза и се гледа самиот себе од тоа дамнешно време, илјада години помлад отколку денес, и не трепка, додека солзи му навираат во очите.
 
„Што ви велев, што ви велев“, повторува низ липање, ги стиска тупаниците и чкрипи со забите, „ах, само да ме послушавте! Само да ме послушавте!“
 
Ама, ете, не го послушаа; да го ебам – не го послушаа.
 
Извор: peščanik.net
 
Слики: Wang Guangyi

 

ОкоБоли главаВицФото