Непреводлива

02.09.2017 13:26
Непреводлива

Твоите раскази навистина не можат да се преведат, заклучи денес по две недели упорни обиди да го преведеш барем оној најкраткиот на англиски. Излезе од сопствената работна соба и резигнирано рече, Не можат да се преведат ни на српски, а камоли на англиски. Всушност, го заклучи тоа уште првиот ден, но немаше срце веднаш да ми кажеш, или можеби немаше срце веднаш да си кажеш себеси, професорка по англиски јазик и книжевност, професорка по хрватски јазик и книжевност, која не може да преведе расказ од едвај илјада знаци од еден јазик на друг.

Двете професорки во тебе се обидуваа и се обидуваа, но не успеаја. Поминаа две недели во собата која не постои, со два килограми тешки речници и неколку слабо наострени моливи. Но, ништо не помогна, никогаш не дојде до превод...

Кога најпосле излезе и го призна поразот велејќи, Како и поезијата, и твојата проза е непреводлива, сакав да ти речам, Told you so, зашто јас веќе одамна знам дека моите раскази не постојат на јазик поинаков од нашиот, можат да се читаат само на овој јазик на кој ги пишувам, на малиот јазик кој исчезнува. Да, моите раскази настануваат од нешто што исчезнува. И моите раскази, како и тој јазик, еднаш ќе исчезнат, нечујно, како она дрво кое ќе падне во шумата, но нема никој да го чуе неговиот пад. Со шепот ќе падне.

И англискиот еднаш ќе исчезне, ти велам, да те утешам, сѐ ќе исчезне некогаш. И сѐ што настанува, секогаш настанува од нешто што исчезнува, така посакувам да продолжам, но сепак се откажувам. Зашто знам дека и ти веќе го знаеш тоа, зашто знам дека тоа баш и не е некаква утеха.

Настане/исчезне, разликата е само во една буква*, само во една самогласка, барем на нашиот мал јазик, а тоа и не е многу, и лесно може да се случи авторот или лекторот да се збунат, па, да речеме, наместо да настане, некој човек во некој расказ едноставно да исчезне.

Но, повеќе од сличноста на тие два збора ме загрижува минливоста на сѐ што постои, сѐ што се пишува, ме загрижуваат купиштата зборови, реченици, книги, непрочитани или површно прочитани, ме загрижуваат приказните кои останале забележани, но уште побрзо се заборавени.

Како е тоа можно?, посакувам да те прашам и тогаш овој расказ престанува да биде за тоа дали моите приказни можат или не можат да се преведат на некои други јазици, а почнува да биде за тоа колку воопшто смисла има пишувањето во свет во кој веќе постојат купишта испишани зборови, напишани, а никогаш прочитани книги, страници и страници реченици, укоричени тврдо или меко, но објавени, баш така, црно на бело, на очиглед на светот кој потоа мора да се занимава со нив, а кој всушност, што е најлошо, воопшто не се грижи за нив.

Како да продолжам да пишувам кога знам дека зборовите денес се празни?, гласи прашањето кое веќе долго сакам да ти го поставам, но никогаш не го правам тоа, зашто не сакам да те обесхрабрам. Или можеби не сакам да се обесхрабрам себеси.

Во мојата глава тоа понекогаш е неиздржливо сценарио, зашто ако зборовите само минуваат, тоа значи дека не се важни. А ако зборовите не се важни, тогаш не ни треба да ги пишуваме, така мислам, и се прашувам зошто луѓето продолжуваат да ги пишуваат, зошто јас продолжувам да пишувам.

Ова се прашања кои и сега ми се ројат во главата, додека ти вторпат се враќаш од својата соба, носејќи го во рака преводот на еден мој прастар расказ, и победоносно извикнуваш: Најубавите работи се скриени!

Потоа седнуваш до мене и со еден потег ги одвејуваш сите оние прашалници над мојата глава, целиот мој дефетизам, сите мои сомнежи. Зашто, додека го читам твојот превод, сфаќам дека во преносот помеѓу двата јазика настанал некој сосема нов расказ, некој кој повеќе не е сосема мој, некој кој не е ни сосема твој. Сфаќам дека ја сакам поезијата баш затоа што е непреводлива, затоа што на секој јазик секогаш настанува одново.

Баш како и моите раскази, баш како ти и јас.

_________________________________________________________

* Во оригиналот, nastane/nestane

Превод од хрватски: Иван Шопов

јасна јасна жмак, (Пула, 1984). Пишува кратки раскази и критички текстови, а работи како драматург и сценарист. Објавила два драмски текстови (Самици, 2011; Истовремено други, 2012), една прозна книга (Моја ти, 2015, Профил) и низа кратки раскази. Била членка на уредништвото на списанието Фракција и порталот drame.hr. Делата ѝ се преведени на англиски, италијански, германски и словенечки. Дел од нејзините раскази можете да прочитате овде: mojati.tumblr.com и cudnamjesta.tumblr.com.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото