1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
„Путин се пикна каде што не му е местото со тврдењето дека немало тајни и дека тоа и ќе го докаже“ – ова беше главниот наслов во „Њујорк тајмс“ од 18 мај. Темата на текстот беше дека Трамп наводно кажал имиња на странски агенти на состанок со руски претставници во Белата куќа. Сè уште не е јасно дали навистина направил нешто опасно, но американските медиуми ангажираа тешка артилерија во приказната што ја пуштија во оптек, а која мора да дошла од вработените во Белата куќа или од страна на агентите кои биле таму. Меѓутоа, се чини дека главната цел на статијата била да се употреби изразот „Путин се пикна таму каде што не му е местото“ – што е под секое ниво, коешто, едно време беше дозволено во „Тајмс“. Невкусот кој се граничи со отворен презир е карактеристика на известувањето за Трамп во американските медиуми уште од јануари. Тонот е сè побезобразен и поостар што би требало да води кон врвот што никој уште не успеал јасно да го формулира. Импичментот е уставен термин за големото финале на кое се надеваат: замислуваат дека на сцената наскоро ќе излезе блех оркестар, адвокати и добри шпиони, приватни детективи и кој сè не – и Трамп ќе ја напушти сцената.
Медиумите од левиот центар успеваа и по аферата Ирангејт во 1986 и 1987 година, осум години за време на владеењето на Клинтон дремеа, поспано ја одобрија војната на Чејни и Буш во Ирак, како и војната на Обама и Клинтон во Либија. Од непознати причини беа сигурни дека уништувањето на уште една од редицата арапски земји – Сирија, од страна на Западот е најбезбедниот пат кон разумна политика на Блискиот исток. Мејнстрим медиумите предводени од Си-ен-ен и Тајмс беа центри за дистрибуција на антивладини информации, лични ставови и вести очигледно измешани со лични ставови. Но тие се само почетници во „давањето отпор“ и тоа се гледа. На 27 мај, како главна тема, Тајмс објави напис со наслови во различна големина: „Кушнер наводно ја разгледувал можноста за воспоставување канал за комуникација со Русија – Состанок во кулата на Трамп – Состанок за тајниот канал на комуникација во периодот на транзиција“. Тие три реда кажуваат сè што треба да се каже – каналот никогаш не бил воспоставен, но тие ја развлекоа приказната на седум пократки пасуси врз основа на информациите добиени од „три личности запознаени со разговорите“.
Следат уште 14 пасуси во кои се истражуваат веројатните, можните и претпоставените врски помеѓу соработиците на Трамп и различни Руси, со повремено уфрлање на името на Кушнер, како потсетник за читателите. Шпекулациите во Тајмс беа поттикнати од претходно објавениот извештај во Вашингтон пост: Кушнер барал транзициските разговори со Русија да се одржат во руските дипломатски објекти во Америка, за да се спречи мешањето на американските разузнувачки служби. Стратегијата на Кушнер беше неуспешна; но, не беше помалку сомнителна претпоставката на која се темелеше целата приказна дека по тајни канали се води некаква комуникација, што со право се гледа како обид да се избегне граѓанската должност на Американците да се изложат на надзорот на државата: Сега кога знаеме сè што знаеме за Путин, никој не треба да биде ослободен од надзор: ниту претседателот, ниту неговите советници, ниту неговиот кабинет; а секако не и членовите на Конгресот. Исто така и федералните и државните судии и обичните граѓани – зошто да не?
Ерата на гадењето од Трамп е време на потпирање врз длабоката држава и доверба во „разузнувачката заедница“. Ако тие не можат да нè заштитат, кој може? Потребни им се сите расположливи овластувања за да го направат тоа што мора да се направи.
На 29 мај, Тајмс објави еден долг напис за Кушнер и тогаш нападот почна од почеток – „Најголемиот успех во кратката и бомбастична кариера на Џаред Кушнер е аквизицијата на неколку споени канцеларии во Белата куќа, на чекор од работната маса на таткото на неговата сопруга, текстот продолжува со прикажувањето на Кушнер како „несуден принц“ кој сведочи на „губењето на позициите во таа недвижност со непроценлива вредност, како резултат на откритието дека го чека нова истрага“. Тогаш следува и личен напад: „неговиот младоконзервативен стил на облекување, воздржан говор“, неговата „склоност за заткулисни дејствија, постојаната грижа за сопствените интереси“ и начинот на кој „брзо донесува конечено мислење за луѓето, понекогаш врз основа на скудни докази“ (не се дадени докази, ниту извори за начинот на просудувањето на Кушнер). „Исто така, тој има обичај“, повторно пренесуваат неименувани извори, „да исчезне кога ќе згусне“. Во есејот за сензационалистичкото новинарство од дваесеттите години на 20-от век, Хенри Луис Менкен забележува:
„Постои време и постојат околности во кои гласините се подеднакво важни како вистината – кога должноста на весникот кон читателите бара да им се каже не само што се случило, туку и како се известува за тоа, кои се заканите, што се зборува. Едноставно, сакам да кажам дека таквите квазивести, таквите недопечени и сомнителни вести треба да бидат објавени во согласност со тоа што, всушност, се јасно раздвоени од вистинските вести, кои во огромен број случаи се вистинити.“
Во секој случај се воочува еден непријатен модел. Неколку дена подоцна, Тајмс објави остро писмо до уредникот во кое се критикува весникот бидејќи ја преминал линијата што ги раздвојува вестите од навредите.
Ова е општа карактеристика на културата во времето на Трамп: тоа се гледа во весниците, списанијата и на телевизија. Мејнстрим медиумите говорат речиси во еден глас; ја губат контролата на начин што покажува дека заборавиле како изгледа контролата. ПЕН, на пример, секојдневно издава предупредувања (Daily Alert on Rights and Expression). Типичен сет на наслови од 1 мај - под општ наслов „Американскиот ПЕН се справува со најголемите закани за слободното изразување, денес“ - што меѓу другото ги вклучува: „Ноќта кога Доналд Трамп не успеа да ја уништи вечерата на дописниците од Белата куќа“; „Додека Доналд Трамп во Пенсилванија одржа собир сличен на оние од претседателската кампања, Вашингтон без него ја славеше ноќта на новинарството. Организаторите на вечерата на секој гостин му дадоа беџ на кој пишува: „Прв амандман“, додека Саманта Би во скечот „вечерата на дописниците во Белата куќа, што не е тоа, ја пофали работата на локалните весници“. Така звучеше предупредувањето на американскиот огранок на сериозна меѓународна институција за борба против цензурата. Четири недели порано, ПЕН најави дека нивната годишна награда за храброст во слободата на изразувањето (Freedom of Expression Courage Award), која во 2015 година ја доби Шарли Ебдо, во 2017 година ја добиваат два милиони луѓе кои учествуваа во маршот на жените против Трамп.
Претседателот Трамп, чудовиште и жртвен јарец, премногу е непромислен во своето однесување, недоследен кога зборува и гестикулира, премногу неприлагоден на вообичаената политичка пракса за да му се оддаде признание дури и кога од него проговара здравиот разум. Неговата идеја дека подобрите односи со Русија „не би биле лоша работа“, демократите ја турнаа во истиот лонец во кој веќе се наоѓаат неговите омразени идеи за даноците и имиграцијата, а републиканците ја игнорираа како несварлива. Како што призна сенаторката Дијана Фајнстајн од одборот за разузнавање на Сенатот (Senate Intelligence Committee), засега нема докази кои би го поткрепиле толкувањето на неговите односи кон Русија како дело на заговор и кои би го поврзале со руското хакирање на изборите во 2016 година. Многу е веројатно дека постојат врски помеѓу Трамп и неговите пријатели кои тргуваат со недвижности со руските олигарси: олигарсите од сите нации, а особено од Русија имаат големо влијание на тој пазар, а кредитот на Трамп на Волстрит, одамна пресуши. Веројатно е дека има руски пари во заднината на некои од неговите ризични кредити, а руската влада внимава на парите. Но, американските медиуми, а со нив и голем број демократи, предвремено таа поврзаност ја прикажуваат како сигурен факт кој во блиска иднина ќе биде причина за пад на администрацијата на Трамп.
Отпуштањето на директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми беше настан што ја доведе под сомнение официјалната верзија, која сега може тешко да се држи и да се сведе на вистинската мерка. Она што најмногу провоцира се различните објаснувања што ги понуди Трамп. Тој прво изјави дека Коми е отпуштен заради лошо водената истрага во врска со електронската пошта на Хилари Клинтон; но тој го отпуштил само заради тоа што така го советувале државниот обвинител и заменикот државен обвинител; но, на крајот на краиштата тоа не било пресудно, туку тоа што Трамп не бил задоволен од вообразеноста на Коми и што е најважно и што е познато, Коми не бил способен и Бирото под негова управа било во тотален хаос. Претпоставката дека Коми не бил отпуштен заради истрагата на врските со Русија е во основата на секое алтернативно објаснување, како и необичната забелешка на Коми дека Трамп лично не е под истрага. Три дена по отпуштањето, Трамп на Твитер објави закана до Коми напишана со гангстерски јазик: подобро би му било да се надева дека разговорите не се снимени. Крунскиот пример на манипулирањето на Трамп, за кој многумина мислат дека требаше да ја запечати неговата судбина, се случи кога Трамп во Белата куќа го покани рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Трамп го забрани пристапот за новинарската служба на Белата куќа (но тоа не им го забрани на руските медиуми) и му рекол на Лавров дека откако го отпуштил Коми се ослободил од товарот на истрагата за врските со Русија. Продолжението на тоа, а потребно е да се знае и продолжението, е типично за Трамп. Тој не може да оди по права линија, дури ни кога е однапред извежбана, а на половина пат да не направи пиреута, која во тој момент ми се чини како нешто паметно. На тој начин го расипува целиот настап и мора да смислува излез.
Трамп победи на изборите за највисоката позиција во американската администрација со постојано покажување презир кон администрацијата. Со тоа ги потврди тенденциите кои доминираат во неговата партија и потекнуваат од минатото, до администрацијата на Реган. За разлика од нив, демократите и натаму се партија која инсистира на прашањето: што може државата да направи за вас; голем број од нивните членови и симпатизери го оспоруваат легитимитетот на Трамп. Тие тврдат дека Трамп ги украл изборите; дека изборите на тацна му ги сервирале Коми или Путин или електорските гласови што не смееле да ја поништат волјата на тримилионското мнозинство. Трикот е во тоа, како што веруваат демократите, некако да го делегитимираат Трамп и неговата влада (па дури не е ни вистинска влада) и да го заземат неговото место, со влада која некако би го вратила легитимитетот. Освен групата на крајната десница во Конгресот (позната како Слободарски кокус) и притисокот на неоконзервативците Џон Мекејн и Линдзи Греам, американската војска непосредно да се изјасни против Русија, меѓу републиканците главно нема знаци дека ќе отстапат од опортунистичката солидарност со претседателот. Републиканците имаат мнозинство во двата дома на Конгресот; нивен е и претседателот и Врховниот суд. Во таква ситуација, делегитимизацијата од страна на демократите би подразбирала нивно откажување од верноста кон уставната демократија.
Најјасни изјави за руската вмешаност се слушнаа од авторитетот кој е познат по тоа што ја зборува вистината (и што може да ни открие некои важни вистини) на 8 јуни, кога Коми сведочеше пред Сенатот. „Се работеше за кампања на активни мерки, водена од врвот на руската влада“, изјави Коми. Неговото сведочење беше бурно проследено: „Нема никакво сомнение. Тоа се случило. Нема ништо лажно во таа вест.“ Коми дури не се трудеше да се преправа дека има некакви сомненија за причината за неговото отпуштање: „Отпуштен сум заради истрагата на врските со Русија“, а „целта е да се измени начинот на кој се водела истрагата“. Повторувањето на Коми дека Трамп лично не е под истрага, што се потврдило и во тек на сослушувањето, се заснова на легализмот кој можеше да компромитира сосема уверливото обвинение. Тој спомна дека еден од седум или осум шефови во ФБИ со кои разговарал, се спротивставиле на таква одредница, бидејќи, иако е технички точна остава погрешен впечаток. Во таа смисла, тоа езуитско нагласување дека Трамп лично не е под истрага, личеше на оние уверувања кои ги кажуваа раководителите на разузнавачките служби (особено додек Коми уште беше директор на Бирото) дека не е точно дека Обама нарачал да се прислушува Трамп. И повторно, тоа начелно беше точно.
Но, во привидната искреност на тие изјави беше искористен еден безгрижен анахронизам во јазикот на Трамп: нарачаното прислушување на некоја личност му припаѓа на светот на шпионажата од пред 50 години. Се разбира дека Обама никому не наредил да се прислушува Трамп лично, но кампањата на Трамп, како и неговата кула била под надзор на Националната агенција за безбедност (NSA); вклучувајќи го и Трамп и неговите телефони; Обама тоа лесно можел да го заклучи, дури и ако не бил директно информиран. Со оглед на тоа што разузнавачките служби се дел од извршната власт, во кое било време можело да му бидат покажани, или можел да ги побара на увид доказните материјали за Трамп. Сличен тип на недоследност е воочлив во изненадувачки широк спектар на извештаи во мејнстрим медиумите, изненадувачки – ако се има предвид колку малку време помина од објавите на Едвард Сноуден. Новинарот на Си-ен-ен, Волф Блицер, сметаше дека е упатно да покаже малку збунетост кога сенаторот Ранд Пол во интервју во средината на јуни, изјави дека Трамп веројатно бил шпиониран и дека тој самиот мислел дека е под надзор. Сите ние добро знаеме, дури и ако не ни е пријатно да размислуваме за тоа, дека сме под надзор: тоа е поентата на програмите како Prism и Xkeyscore. Обама не се откажа од нив, а ни Трамп. Тие постојат за извршната власт да ги (зло)употребува.
Две околности им одат во прилог на ордите тужители на Трамп: имено, тој знае одредени работи за врските што постојат помеѓу него, неговата кампања и руските интереси кои сака да ги сокрие бидејќи го изложуваат на законски и политички ризик. Прво, тој отпушти три личности од правосудниот систем за кои се знае дека имале долготраен увид во податоците во врска со него: едната личност е Прит Барара, јавен обинител на јужниот округ на државата Њујорк, на кој Трамп своевремено му гарантираше дека ќе може да ја задржи функцијата; втората личност е в.д. јавниот обвинител Сали Јејтс и третата личност е Коми. Втората работа е редоследот на последните две отпуштања. Мајкл Флин, кандидатот на Трамп за советник за национална безбедност, на 29 ноември, по телефон разговарал со рускиот амбасадор Сергеј Кисљак за можноста за укинувањето на санкциите кон Русија. На 26 јануари, Сали Јејтс го известила советникот на Белата куќа, Дон Мекган, дека Флин се изложил на политички ризик и дека дал изјави за кои „не знаеме дали се вистинити“ (меѓу другото, го лажел потпретседателот дека никогаш не се консултирал со Русите). На 27 јануари, Мекган ја повикал Сали Јејтс и ја прашал зошто „Министерството за правда толку се грижи што еден претставник на Белата куќа лаже друг нејзин припадник“. Таа одговорила; „Не би било во ред од наша страна да ви кажеме и да очекуваме од вас дека нема ништо да преземете“. Мекган тогаш побарал да ги види доказите; Јејтс одговорила дека ќе се потруди да ја издејствува потребната дозвола. Истиот ден, 27 јануари, Трамп одеднаш го повикал Коми да дојде на вечера во Белата куќа за да го праша дали може да смета на неговата лојалност, на што требало да добие тактичен одговор што ќе инсистира на искреност, а не на лојалност. На 30 јануари, Сали Јејтс му се јавила на Мекган за да му каже „да дојде и да го прегледа основниот доказен материјал“.
Во сведочењето пред одборот за разузнување на Сенатот, во излагањето кое се карактеризира со јасност и интегритет, таа додала дека никогаш не дознала дали Коми дошол на вечера затоа што тоа бил нејзиниот последен ден на работа; Трамп ја отпуштил на 30 јануари, наводно заради тоа што одбила да ја примени неговата антимуслиманска имиграциска наредба.
Во извештаите се вели дека потпретседателот Мајк Пенс дури на 9 февруари првпат слушнал дека Флин лажел за разговорот со Кисљак. Флин даде оставка на 13 февруари, а еден ден подоцна Трамп од државниот обвинител, советникот Џаред Кушнер и од останатите побарал да ја напуштат просторијата за да може насамо да разговара со Коми. „Се надевам дека сфаќаш дека треба да се повлечеш и да го оставиш Флин на мир. Тој е добар човек. Се надевам дека може да го заборавиш тој случај“, му рекол Трамп на Коми. Интересен детаљ, кој привлекува внимание дури кога малку подобро ќе размислите за тоа, е што Трамп му рекол на Коми дека не би му пречело некој од неговите сателити да биде жртва во истрагата за Русија. Накусо, Трамп имал волја да ги изложи своите соработници и да дозволи да бидат казнети, доколку тоа би му помогнало да ги тргне од грб руските бизнисмени. За време на сведочењето на Коми, сенаторот републиканец од Оклахома, Џејмс Ланкфорд, тоа го протолкувал како веродостоен доказ за увереноста на Трамп дека не е виновен и дека бил подготвен да го почитува законот и да ги казни виновниците, оваа интерпретација ја прифати и Коми. Но, тоа неочекувано нагласување – во ред е да ги апсите моите соработници – исто така може да го сигнализира следново: „Не ми пречи ако некој друг земете како жртвен јарец, а мене ме оставите на мира“.
Тука сигурно има нешто. Правниот тим истражители кој го состави Роберт Мулер, поранешниот директор на Бирото, а сега специјален советник поставен да ја води истрагата за руската вмешаност, вклучува искусни адвокати во деталното испитување за тековите на перењето пари и воопшто во финасиската форензика. Некои сомнежи сè уште постојат, најмногу заради тоа што наспроти редицата возбудливи навестувања, малку излезе од целата врева. Збунува недостатокот на докази во врска со самиот Трамп, по цврстите назнаки што ги даде Џон Бренан, директорот на ЦИА, во времето на Обама; тоа делува како уште еден знак дека не треба да се смета на постапка за отповикување на Трамп. „Приходи од странство“ звучи како најприфатливо обвинение, но таа фраза има призвук на нешто непознато и еден од зборовите ќе мора да биде објаснет. Сепак, идејата на ангажираните левичари и либерали за отповикување на Трамп со помош на разузнувачката заедница и генијалните адвокати, за медиумите и понатаму има силен и неодолив шарм. Водителката на емисија на кабловскиот канал MSNBC, Рејчел Медоу, пет вечери, секоја недела еуфорично го исчекува следниот неволен сведок, следниот соработник на Трамп, следниот пронајден документ или „новиот развој на настаните“ што ќе нè доведе чекор поблиску тоа тоа, на сегашниот претседател да му ставиме лисици на рацете и окови на нозете.
Тие можат да се надеваат на разузнувачката заедница и можеби на правниците, но во меѓувреме, што ќе ја одржува рамнотежата во државата? Одговорот на ова, за кој изгледа дека се усогласиле умерените од обете партии, гласи – генералите. Тој одговор го прифаќаат и голем дел од „отпорашките“ медиуми, но врз основа на кои докази - тешко е да се каже. Последните неколку месеци, Американците се најдоа во ситуација да говорат со најголема доверба и благодарност за генералот Џејмс Матис, секретар за одбрана во администрацијата на Трамп. За него се вели дека е одговорен командант со силен карактер; нема сомнение дека тоа се корисни карактеристики во опкружувањето на Трамп. Тој е генералот што ја предводеше втората опсада на Фалуџа, најразорната битка во Ирак; тој го нареди помилувањето на речиси сите војници на американската морнарица кои го извршија масакрот во Хадита, најтешкото злосторство забележано во таа војна. Пренесувањето на овластувањата на генералите за сите одлуки за деталите на ангажирањето во Сирија и Ирак што го направи Трамп е прв таков случај во историјата на САД; или барем првпат јавно беше признаено; таквата пракса не е во духот на уставните контроли и ограничувања. Буш и Обама колку и да беа креативни во водењето на книгите (со користењето на изразите како „авторизација“ и „меѓународни норми“) гледано од правен аспект, Америка денес не е војна со ниту една земја, а генералите обично имаат право да носат надворешнополитички одлуки само кога командуваат со војска во судир со непријател на кој му е објавена војна.
Потребата Трамп да се обвини за нешто конкретно, нешто страшно, дури и ако не е кривично дело, го достигна своевидниот климакс на 25 јуни кога целата последна страница на неделниот преглед на вестите во Тајмс беше претставена во форма на огромна нула под наслов „Лагите на Трамп“. Датумите на повеќе од стотина „лаги“ беа отпечатени со црни букви, лагите се ставени под наводници, а исправките во загради. Но, поголемиот дел од тие лаги беа опортунистички полувистини, воопштени ветувања, промени на тактика проследени со порекнување дека имало промена и пред сè – хиперболични претерувања. Трамп ги користи зборовите „огромен“ и броевите како „стотици“ и „илјада“ на начин кој ги ослободува од какво било значење, но тоа припаѓа на категоријата на реторички извртувања и натегања со кои се служат политичарите. Неговиот несериозен обид да го зголеми бројот на луѓето на сопствената инаугурација делуваше како пример за порекнување на реалноста, а е преквалификувано во лага, со право, кога ќе се земат предвид клеветите што ги изрече против оние кои пренесуваа проверени факти. Неговата изјава дека сме „најоданочена нација на светот“, беше дел од тирадата, неточна и замислена како хипербола за тврдењето дека „нашите даноци се преголеми“, што е вид на изјава која само ја зголемува вообичаената рамнодушност за деталите меѓу неговите следбеници и така им се додворува: тоа е лоша особина за еден претседател. Но статијата во Тајм се фокусира на сомнителните случаи како што е изјавата на Трамп дека Обама го прислушувал или „приказната дека Русите и Трамп се во дослух била фабрикувана од демократите како изговор за поразот на изборите“. И тука главно е во право, иако зборот „фабрикувана“ не е точен; немаше официјална објава за дослух со Русите, сè до сведочењето на Коми пред Сенатот, на 20 март; претходно стануваше збор за широко распространета рационализација на поразот од страна на демократите. Иако посредната врска меѓу соработниците на Трамп и Русите покажуваат дека приказната не е фабрикувана од ништо, да повториме дека сè уште нема уверливи докази што биле презентирани пред јавноста.
„Синдромот на опсесијата со Путин“, како што го нарече новинарот на „Ролинг стоун“, Мат Таиби, несопирливо се прошири како заразна сипаница. Водителот на емисијата „Late Show“, Стивен Колберт, се посвети на вообичаеното плукање на Трамп, а елементот на самопародија исчезна некаде пред оваа реченица: „Единствената работа за која што е добра твојата уста е да послужи како накурник на Владимир Путин“. Стенд ап комичарката Кети Грифин позираше со отсечена крвава глава што личеше на Трамп. До 18 јуни, „Public Theater“ во Њујорк ја изведуваше претставата „Јулиј Цезар“, во која Цезар изгледаше и гестикулираше како Трамп. Се разбира, тоа ѝ наштети на претставата, бидејќи двоумењето на Брут изгледа несфатливо кога Цезар е гадно чудовиште со ликот на Трамп, наместо ликот на слабичкиот, бледникав, суетен фалбаџија, маж на кој му поминало времето, како што го претставува текстот на драмата. Опседнатоста со Трамп стана оправдание речиси за секоја вулгарност, како и прилика за претендентите за слава да се вклучат во чиновите на артифициелната побуна и извештачена храброст; претставувајќи го филмот „The Libertine“ на фестивалот во Гластонбери, Џони Деп ја праша публиката: „Кога последен пат некој актер извршил атентат врз претседателот?“ Веќе се навикнавме да гледаме извинувања за таквите провокации кои се бесмислени и неискрени.
Најкусиот пат до здравиот разум за оние што повеќе сакаат да го поразат Трамп, отколку да се обидуваат да им го згадат на неговите следбеници, би било потсетувањето дека Трамп зад себе има целосна поддршка од Републиканската партија. Не е толку важно кој кого користи; тие нема да се разделат, а демократите мора да ја бранат сè помалата тврдина од само 18 од 50 државни капитоли и угледното, но со малку влијание малцинство во Конгресот. Денес, републиканците се тие кои себеси се гледаат како носители на револуцијата. Довчерашните демократски претседатели и по цена на интегритетот на партијата се залагаа за умереност и компромис што водат во пораз. Тоа несомнено придонесе за одлуката на Обама да не зборува за тоа што го знаел за руската вмешаност пред изборите во 2016 година. Лажната стабилност сама по себе беше нешто добро: зошто да се разбеснуваат луѓето со уште еден скандал? Тие мора да веруваат дека системот функционира – тоа беше неговата проценка. Во секој случај, се очекуваше дека Хилари Клинтон ќе победи и дека Трамп ќе добие прилика да се жали дека изборите биле наместени.
Сега ништо не би придонело повеќе за созревањето на јакнењето на демократите отколку да се откажат од секоја надеж за преродба или добрите услуги на Бил и Хилари Клинтон или Барак Обама. Беше пријатно да се размислува за нив, но нивните политики се покажаа лоши и не постои ништо што тие би можеле да го направат за нас. Демократите ги изгубија сите избори од ноември; ако утре Трамп повторно се кандидира, голема е веројатноста дека ќе победи. Мајкл Мур по поразот на последната демократска надеж Џон Осиф, на 21 јуни на Твитер напиша порака до републиканскиот противник во Џорџија: „DNC i DCCC (Демократскиот национален одбор и Демократскиот национален одбор за кампањи) немаат НИКАКВА идеја како да победат затоа што немаат порака, немаат план и немаат лидери“. Заради расправите за врските со Русија се очекувало позицијата на Трамп да биде влошена, но на 26 јуни, Врховниот суд привремено ја продолжи неговата изменета „муслиманска забрана“, 95-дневна суспензија на патувањата од шест арапски земји, заедно со забраната за влез во САД за сите бегалци, освен кога подносителот на барањето има проверена врска со некој во САД.
Антитрамповската левица и центар можат да се надеваат на одмазда кога судот ќе го разгледува случајот оваа есен, но всушност, тоа е тактичка победа за Трамп: до моментот кога за него повторно ќе се расправа, времето одредено за забрана можеби веќе ќе помине; а и забраната требаше да остане на сила само додека владата не направи обновена проценка на процесот на проверка на подносителите на барањата.
Можете да фрлате клетви врз Путин и Коми и врз мизогинијата и Вашингтон, но факт е дека Трамп маршира низ министерствата и агенциите и спроведува буџетски резови и промени на политиките што ќе се чувствуваат со години. Трамп не е само еден човек; Трамп е цело движење. Против него можете да се борите само ако се борите за некоја поинаква цел. А името на таа цел би можеле да бидат климатските промени.
Извор: London Review of Books, 13.07.2017.
Слики: Роберт Сикоријак