Локални избори 2017 - за моето Скопје / 4

04.09.2017 00:51
Локални избори 2017 - за моето Скопје / 4

Да се остранат сите бандери со кабли од улиците. Сите кабловски и интернет оператори да се договорат за заедничко користење на подземен транспорт на интернет и тв сообраќај - оптички кабел.

Мурали да. Градот нека распише конкурс. Прво за домашни автори, а потоа и интернационален.

Тинејџерите се оставени сами на себе. Во целиот свет најмногу се вложува во нив. Ние немаме ниту една тинејџ ѕвезда. Немаат ниту каде да се анимираат освен на јуниор забавите. Можеби треба да се направи културен центар за тинејџери со музички студија, школа за филм, театар, дизајн, роботика, итн...

Треба да се отвори една градска библиотека. Или да ги освежиме старите. Да се преведуваат книги на албански и турски јазик. Најслаби сме тука. Ова е одлична можност да се ангажираат младите филолози сами да креираат кои наслови да се изберат за превод. И секако, да ги преведат.

Треба да се сопре со хуманитарните акции. Некако ја губат смислата и многупати се злоупотребуваат. Сите овие повици за донации кажуваат дека системот има грешка. Мора да пронајдеме начин сите овие случаи да бидат вклучени во системот. Вакви акции само го одложуваат проблемот кој е како снежна топка која се претвора во лавина.

Полицијата мора да ги врати патролите на улиците. Кражбите низ градот се неподносливи. Тука мора итно да се дејствува. Затоа што со години граѓаните единствено што добиваат од полицијата е кревање раменици.

Итно треба да се регулираат лошите дизели и автомобили кои испуштаат црн чад како парни локомотиви.

Дали почна да се врши контрола врз големите загадувачи? Дали конечно ги поставија новите филтри или и понатаму ќе бидеме граѓани со три црни дробови?

Селектирајте отпад. Тоа е многу важно! Избегнувајте пластика, одете со плетени торби на пазар. Пошик ќе ни биде градот. И барем малку ќе дишеме почист воздух.

Немојте да садите борови во центарот на градот. Ги врзуваат сите отрови околу себе. (овој совет го слушнав на National Geographic)

Мирко Попов за директор на музичка и касетна продукција на МРТ. ❤

Радио Џез ФМ да се поддржи од градот.

Дали сте забележале дека ниту една птица не прелетува над градскиот плоштад? Сте ги забележале оние розеви нежни знаменца со птици на канделабрите на плоштадот Македонија? Тие нежни знаменца се емитери на високи фреквенции. Не ги тероризирајте птиците!

Исклучете ги глупавите музики околу фонтаните. Тргнете ги тие видеобимови од плоштадот. Оставете нѐ на раат!

Толку за денес,
Вашата севселенска градоначалничка

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото