За (не)исполнетите ветувања на сексуалната револуција (2)

04.09.2017 02:38
За (не)исполнетите ветувања на сексуалната револуција (2)

2) Соочување со реалноста

Реалноста има една непопустлива навика да биде тоа што е. Како што оксфордскиот професор Алистер Мекграт вели: „реалност е она со што се соочувате кога не сте во право. Реалноста има навика да ги разобличува нашите конструирани реалности.“ Конкретна статистичка реалност е дека наспроти ветувањата на сексуалната револуција дека со отфрлањето на какви било досегашни стеги по ова прашање луѓето би уживале многу повеќе во сексот, би имале повеќе секс, а со тоа и би биле многу позадоволни и исполнети, фактите од бројни релевантни истражувања укажуваат дека речиси ниту едно од овие ветувања не е исполнето, а буквално ниту едно од нив не се потврдило во целост. Според истражувањата за сексуалните навики на луѓето во западниот свет, сите параметри посочуваат на далеку помал неделен просек на секс меѓу денешните сексуално активни лица отколку меѓу оние пред сексуалната револуција. Ова важи и за индикаторот колку луѓето се задоволни од својот сексуален живот. Ова не значи дека со сигурност може да се потврди зошто луѓето денес имаат помалку секс. Како и да е, она што може недвосмислено да се заклучи е дека ветувањата и предвидувањата на заговорниците на сексуалната револуција не се исполнети, а промашувањето во предвидувањата многукратно ја надминува секоја статистичка грешка во пресметките.

Не само што луѓето имаат сè помалку секс, туку тие и сè почесто живеат како самци, фактор кој значително ги зголемува индикаторите на осаменоста. Една неодамнешна колумна на Њујорк пост тврди дека да се живее како самец носи поголем индекс на смртоносност отколку прекумерната телесна тежина1. Истражувањата исто така недвосмислено покажуваат дека најизложени на ризиците поврзани со радикалниот индивидуализам и модерен гностицизам се најранливите категории. Тоа се децата и оние во поодмината возраст. Луѓето на таканаречениот прв свет, онаму каде што сексуалната револуција почнала и зела најголем замав, денес припаѓаат на сè
помалку доброволни организации и поретко се среќаваат со роднини и пријатели
2.

Ова може да го илустрирам со два примери од Англија каде што живеев речиси пет години. Во малата продавница од каде што се дистрибуираа весници од врата до врата, секое утро доаѓаше човек во доцните осумдесетти години, а кој сам си го подигаше весникот на кој беше претплатен. Сопственикот на продавницата ова го објаснуваше со тоа дека ако овој човек не се појавеше наутро по весникот, тој ден ќе немаше никаква интеракција со друго човечко битие. Друг пример е патронажна сестра во Лондон која со колегите се чудела на упорното незараснување на раната на една возрасна госпоѓа која живеела сама. По недели редовни преврски, прегледи и консултации, госпоѓата признала дека намерно си ја раскрвавувала раната за да има барем еднаш неделно кој да ја посети.

Не само што идеолошките двигатели на сексуалната револуција потфрлиле во севкупното сексуално искуство, туку тие потфрлиле и во своите општи општествени ветувања. Како оние на ублажувањето, па дури и на укинувањето на социјалните разлики меѓу семејствата. Општеството не било толку поделено пред некои шеесет години. Авторот Роберт Путнам во својата книга „Нашите деца: Американскиот сон во криза“ вели дека во просек разликата меѓу зборовите кои ќе ги чујат две деца од семејство на средната класа и она од работничка класа до мигот кога ќе тргнат во училиште е 19 милиони. Иронично е дека токму кај оние со високо образование од средната, високо средната и високата класа, а особено академската заедница, бракот е сè уште стандарден и стабилен. Истите тие се заговорници за редефиницијата на бракот како темелна клетка на општеството, темата на овој есеј. За жал, последиците на таквото размислување меѓу елитата на современиот свет најмногу се чувствуваат кај работничката класа и сиромашните. Покрај огромната разлика на осмислено комуницирање со децата од бебиња до училишна возраст, современите ре-дефиниции на бракот, меѓу кои, на пример, е и вонбрачниот заеднички живот, статистиките покажуваат дека бракот колабира меѓу сиромашните слоеви на општеството. Речиси би можело да се каже дека бракот станал привилегија на богатите и образованите. Еден автор на оваа тема пишува: „Разликата во склучени бракови која речиси и не постоела пред една или две генерации се удвоила со минимална јавна дебата. Некако бракот, со сите предности кои ги носи, станува привилегија на богатите.“3

Какво влијание таквата тенденција може да има на долги патеки може да се заклучи од примерот на Советскиот сојуз и масовното колабирање на бракот во земјите кои се негови наследнички. Еден автор кој го истражувал прашањето за бракот во триесеттите години на дваесеттиот век забележува сведоштва од раната советска ера: „Некои мажи имаа и по дваесет жени, живеејќи со некои по една недела, а со некои по еден месец… Тие имаат деца со секоја од нив, а овие деца се исфрлени на улица без никаква поддршка! (Има триста илјада „безпризорни“ или бездомни деца во Русија денес, кои се буквално оставани по улиците. Тие се една од најголемите социјални опасности на денешницата, зашто се претвораат во професионални криминалци. Повеќе од половина од нив се зависници од наркотици и се сексуални перверти. Многумина комунисти тврдат дека распаѓањето на семејството е одговорно за најголемиот процент на овие деца).”4

Која е главната причина за ваквата состојба? Одговорот се наѕира во следната изјава на истото истражување: „Кога болшевиците дојдоа на власт во 1917, тие семејството го сметаа како и секоја друга 'буржоаска' институција .... и беа посветени на тоа да го уништат. 'За да го исчистиме семејството од насобраната прашина низ вековите, моравме добро да го истресеме, а тоа и го сторивме,'”5  е изјавата на една од водечките жени комунисти и активисти на тоа време.

Домаќините во една од земјите на поранешниот СССР која ја посетив неодамна ми потврдија дека феноменот на гореопишаното разбирање на бракот пред осумдесет години до ден денес остава последици во нивното општество. Една од најчестите пораки на рекламните билборди беше дека децата од бившиот брак не може да се сметаат за бивши како бившиот сопружник. Бројот на напуштени деца кои се институционализирани и малолетници кои живеат без надзор на обата родители е огромен, а државата нема капацитет ни волја да вложува во нивно изградување во одговорни и зрели личности. Со еден таков млад човек во раните дваесетти години разговарав и на моја голема жал тој не беше во состојба да го разбере концептот одоворност за сопствениот живот, или пак одоворност да се придонесе за општеството. Деновите ги минуваше во доделениот стан од државата безделничејќи и постојано очекувајќи црковните и други хуманитарни организации да му обезбедат храна и облека. Трендот на висока стапка на развод со последувателното напуштање на децата е редовно околу 70% месечно, додека во некои месеци достигнува и до 80%. Тоа се осум разводи месечно на секои десет склучени бракови! Слично е и во другите пос-советски земји.

Во случајот на разводите и на невенчаниот живот, највисоката цена е платена од децата. Во Британија повеќе од половина од браковите склучени по раѓањето на првото дете се разведени по десет години, додека тоа е случај со четвртина од оние кои прво се венчале па потоа имале деца. Таму пак, каде што родителите воопшто не се венчале, а живееле заедно, огромни две третини се разделиле во рок до десет години.6

Толкувањата за тоа што е вистинска љубов, како таа може и треба да се практикува и градациите за тоа колку некој е задоволен во разните врски на партнерство се далеку од затворени. За нив е тешко да се даде некаква објективна оценка. Но, во случајот со благосостојбата на децата постои научен консензус дека децата одгледани од двајца биолошки родители во стабилен брак далеку подобро се развиваат отколку децата во какви било други форми на семејство.7

Најлабилни по ова прашање се машките хомосексуални врски. Ова не го исклучува фактот дека некои од нив може да покажат значителна стабилност. Но таквите примери се крајно ретки исклучоци кои го потврдуваат правилото. Едно од најисцрпните истражувања на оваа тема покажува дека 41.3% од хомосексуалните врски имале не-моногамен сексуален договор кој вклучувал определни рестрикции во промискуитетот, додека 10% имале отворени врски без никакви рестрикции во односите со други партнери. Тоа се 51.3% од врските. Другите половина кои немале каков било договор не значи дека живееле во моногамна врска. Една петина од испитаниците, 21.9%, известиле дека го прекршиле договорот, а 13.2% имале незаштитен анален секс со лице со непозната здравствена состојба8. Ваквите состојби тешко дека може да се наречат „стабилни”, особено кога ќе се споредат со 85% верност кај мажените жени и 75% кај женетите мажи кои редовно се потврдуваат кај испитаниците во повеќе истражувања.

(продолжува)

 

Кон првиот дел

 

Слики: Simon Rich & Farley Katz

__________________________________________________

[1] http://nypost.com/2017/08/07/being-single-will-kill-you-faster-than-obes.... Пристапено на 20.08.2017.
[2] http://bowlingalone.com/. Пристапено на 18.08.2017.
[3] https://www.spectator.co.uk/2014/11/marriage-is-becoming-a-preserve-of-t.... Пристапено на 22.08.2017.
[4] https://www.theatlantic.com/magazine/archive/1926/07/the-russian-effort-.... Пристапено на 01.08.2017.
[5] Исто.
[6] Glynn Harrison, A Beter Story: God, Sex and Human Flourishing. IVP, 2017, стр. 100-113.
[7] Исто.
[8] https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC2810351/. Пристапено на 23.08.2017.