Компаративен идиотизам

04.09.2017 23:58
Компаративен идиотизам

„Законот за компаративен идиотизам“ (парафразирано според Е. Шафак) како базичен, системски закон во живеачката на Балканиве царува веќе толку векови според цврсти одредби/принципи, а основата ја наоѓа во следното: кога сите се идиоти, никој не е идиот! Има, се разбира, уште цела редица умни мисли и сентенци што еднакво убаво го опишуваат овој балкански синдром, ама мене некако ми се допадна токму оваа. Зашто сето ова што континуирано го гледаме од деведесеттите години наваму, а што требаше да се нарекува од кон демократијата, не е ништо друго туку само подлабоко сплотување во идиотизмот. Некаде повеќе – некаде помалку, некаде појасно – некаде подзатскриено, ама секаде доволно речито и експлицитно за да никој не се почувствува навреден, или отфрлен, или не-знам-што-друго. Скраја да е! На што би личело кога само ние би имале наше „Скопје 2014“ и само нам светот да ни се смее, а албанскиот дел од популацијата да го нема „Плоштад Скендербег“? Плоштад над булевар – извонредна балканска измислица и придонес во урбанизмот! Или, ние да го имаме онолкав Аце, а тие Скендербег во минорни димензии? Затоа му треба (барем) поголем, повисок постамент. Сигурен сум дека не го прашале авторот (Тома Томаи) за дозвола така да му го нагрдат делото. Или ние да го имаме оној фашизоиден „Споменик на паднатите херои“ од нашиот локален Томче „Тинекс“ Бонд, а тие да го немаат оној маоистички плакат распослан по ѕидовите на „плоштадот“, од засега непознат ама нивен маалски автор? Сето тоа говори за видливи напори во нивелацијата на идиотизмот – едните да не се почувствуваат позапоставени од другите, или почествувани, или како сакате наречете го тој вид идиотизам што вирее кај нас.

А компаративниот идиотизам е како вирус, airborne, се шири со идиотски прогресии. На пример, зошто, повторно, само ние да го имаме „Скопје 2014“ а соседен Белград да се резили со стари идеи и идиотизми? Го смислија „Белград на вода“, иако со прилично различна „естетика“ и финансиски импликации, но со истите балкански идиотски методи на присила и притисок, манипулации и автократија … А идиотизмите можевме компаративно да си ги мериме во сите домени на живеењето, особено во политиката и владеењето (повторно ние и Белград како брат и сестра, ама и со Хрватска, Црна Гора па и другите во регионот), во културата (пак истата дестинација северно, на околу 450 км.), во загадувањата (иако тука сепак сме шампиони), во корупцијата итн. Затоа и кога некој, во даден миг, ќе посака да излезе од прегратката на тој компаративен синдром, како новата политичка ситуација во Македонија на пример, тогаш следува реакција како (повторно) северните кошавски ветришта среде јули, а очекувани се и друг тип одговори во вид на некакви измислени временско-политички непогоди. Зашто, ако некој посака да излезе од маѓепсаниот круг на идиотизмот, веднаш се менува целата констелација на односите и геополитичката слика на идиотизмот, па камерите зујат и се вртат кон поинтересниот, понеобичниот кадар и се покажува дека не се баш сите еднакви на дното на пеколот, дека може и поинаку, и подобро.

Оттука, овие рецидиви на едно мртвородено време (ама и луѓе!) какво што беше груевизмот и неговата номенклатура, задоцнети во нивната минатост и минливост, предизвикуваат само кисела насмевка, по некој лош збор или можеби дури и пцост, ама не од немоќ, како што беше порано, туку повеќе од сожалување. И надеж дека навистина станува збор за заостанати „долгови“ на менталитетот и практики што запираат тука. Ако е тоа последното камче во идиотскиот мозаик наречен „Скопје 2014“ – платен и преплатен со наши пари во туѓи џебови – ајде и тоа ќе го голтнеме. Иако со голем срам дека вакви нешта може да се случуваат во втората деценија на дваесет и првиот век, а особено после сето она што го гледавме низ централното подрачје на Скопје. Ама и со ветување дека опашките тука прекинуваат, дека баграта не може понатаму да диктира свои „естетики“ и „културни политики“, и секакви други политики, се разбира, дека девастирањето на македонскиот (не само) културен простор конечно мора да заврши. А на сите оние клиенти на бившиот режим кои очигледно веќе нашле приклучоци и се уштекале и во новите политики мора да им се исклучи струјата. И евтината и скапата (иако тие обично работеа на најскапата струја!). Ним конечно треба да ги фати мракот, ист онаков каков што му товареа на македонското општество во целата измината деценија. И тука нема и не може да има пардон за никој од таа криминална булумента, без оглед на нивниот (октроиран) општествен статус, „важност“, „заслужност“ и слични будалаштини. Единствената нивна заслуга и важност е времетраењето на претходниот режим, кому тие и нивните поддршки му подарија цели десет мафијашки години. Таа „културна“ банда професори и режисери, актери и сликари, книжевници и сценаристи, музиканти и секакви други „анти“ беа срцевината на македонскиот компаративен идиотизам, наш придонес во историјата на човечката глупост на овие простори. Нели е време да речеме: доста е?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Култура
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото