Разочараност

05.09.2017 02:12
Разочараност

Некои ќе мислат дека се заебавам, но јас мислам дека во услови на метастазиран груевизам, во комбинација со институционалниот однос на политичките сили и легалистичкиот пристап за кој се определи новата власт, резултатите и ориентациите на екипата на Заев, се за респект.

Понекогаш ми се чини дека жестоките напади и одбраната на кадровските и други политики на новата власт, се позитивна манифестација на ослободувањето од злосторничкиот режим на ВМРО-ДПМНЕ, нешто, демек, здраво, добро, пожелно. Но, понекогаш ми се чини дека станува збор за многу несреќно дифузирање на победничката енергија во бессилие поенергично да се покренат работите во правец на рехабилитација на правната држава, демократските процедури и институции и добрите меѓународни поставености, остварувања во кои единствено можеме да го доживееме вистинското ослободување.

Дифузија која води кон ниско плафонирање на општествените бранови во време кога во однос на злосторничкиот режим и неговото наследство, но и во однос на некои стари политички и културни неотпорности, е потребна концентрираната сила на цел еден ураган.

Во губење на драгоцено време, во губење на љубопитноста и страста, во чувството дека и новата власт е само центар и медиум за распределба на бенефити.

Во опасноста да почне да активира некои ресентимани на вмровското време на строгоста и беспоговорноста.

Вклучително и околу градоначалничките кандидатури.

Клучно е следново прашање:

Во која мерка победата како општествен, културен и политички процес, доаѓа во судир со одредени интенции во СДСМ да ја сведат таа победа на себе. Во однос на кадровските решенија, принципи и импликации и, уште повеќе, во однос на политичките претензии, работи кои се, очигледно, под очекувањата и ресурсите на широкиот блок што се бореше за промени.

Сакам да прецизирам: прашањето не е дали имаме, туку каков е тој судир, колку степени има по Рихтер, одосно според Заев и Шекеринска, но и според луѓето надвор од партискиот врв на Бихаќка. И колкави се штетите, се разбира, материјалните, човечките, емоционалните, духовните, политичките, секако.

Да сум некој фактор во СДСМ, јас би размислил за овие прашања. Критичките реакции на одредени потези на власта полека се вообличуваат во разни форми на поширка разочараност. Во тој блок има и реакции на изневерени очекувања во однос на себе или незадоволство од конкретни работи, и тоа не е за потценување, но, поважно е дека расте еден принципиелен блок на незадоволство и разочараност, нешто што може да има последици и на локалните избори и на општиот капацитет на власта да води политики. Односно да има последици врз општиот проект за спас и обнова на Македонија врз модерни, европски основи.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: ШкАрт