1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Јехан Бсисо: Товарот е премногу голем помеѓу жртвите и суперхероините
Бсисо е палестинска поетеса, хуманитарна работничка и активистка. Нејзината поезија е објавувана во Warscapes, Funambulist, Electronic Intifadа и Mada Masr. Нејзината книга Се сеќавам на своето име (2016) е победничка во креативната категорија на наградата Palestine Books. Бсисо е и една од уредничките на книгата Making Mirrors, нова антологија за и од бегалците. Во моментов работи и на сопствената збирка песни со наслов Conversations Countinued, компилација од реални, погрешно запаметени и заборавени разговори. Од 2008 година работи за Доктори без граници.
Во Јордан и Либан жените и натаму успеваат да изборат нови простори за себе, и дома и на работното место. Навистина постои неверојатен прогрес, но и работа што ги чека – особено во спротивставувањето на неправедните закони, како законот кој му дозволува на силувачот да се ожени со својата жртва, или законот кој му дозволува на братот да пука во сестрата во името на „честа“ и да ги тера жените да „известат за бременоста“ кога се пријавуваат за работа.
Жените од регионите на Блискиот исток и Северна Африка во медиумите често се прикажани или како жртви или како суперхероини. Тоа е преголем товар и мора да престане. Она што навистина е исклучително е обичното, секојдневното, а ние го забораваме токму тоа. Западните медиуми се особено опседнати со наративот „угнетени Арапки муслиманки“ до мера во која таа приказна е погрешно претставена и ги засенува сите други наративи.
Кога зборуваме за промени – секој чекор, колку и да е мал, ако е во вистинска насока – е многу важен. Борбата за промени и подобра положба на жените во регионот е историска и продолжува низ децениите. Многу е постара од „Арапската пролет“ и мора да продолжи, заедно со сите други повици за системска промена.
Хинд Шуфани: Законодавството против жените
Хинд Шуфани е уредничка и писателка која работи и живее во неколку градови на Блискиот исток. Родителите ѝ се Палестинци, родена е во Либан и во срцето е девојка од Бејрут. Пораснала во Дамаск, но живеела и во Јордан и има јорданско државјанство. Моментално живее во Дубаи и сите овие места ги смета за свои. Шуфани е основачка на колективот Poeticians, кој има поети од разни земји, и кои настапуваат на повеќејазични поетски вечери во Бејрут и Дубаи. Својата поезија ја изведувала ширум Европа, САД и арапскиот свет. Во моментов работи како слободна уредничка, продуцентка и писателка ширум регионот.
Освен насилството над жените, проблемите како што се убиствата заради чест, силувањата и нападите кои поминуваат непријавени и неказнети, жените во арапскиот свет најмногу страдаат заради законодавството кое не е на нивна страна. Законите се напишани против жените, без разлика дали станува збор за оние кои се темелат на шеријатот или за граѓанските закони – жените никогаш не се третирани еднакво како мажите. Не можеме да наследуваме имот, земја и пари исто како и мажите, не можеме да го пренесуваме своето државјанство на децата ако таткото е од друга националност, на христијанките може да им се одземат имотот, парите и децата ако се омажат за муслиман и ако потоа се разведат или ако почине мажот. Либан штотуку го укина законот кој вели дека ако силувачот се ожени со жената што ја нападнал – нема да биде прогонуван.
Има настојувања во разни земји – за подобрување на положбата на жените во општеството, како полноправни граѓанки, но тоа сè уште не е ни приближно до рамноправност со мажите. Главно, причина е религијата, која е клучна референца за повеќето арбитражи на суд, без разлика дали се работи за прашања за породувањето, разводот, наследувањето или бракот воопшто. На тие закони во арапскиот свет им треба комплетен ремонт. Прашањата како што се насилството над жените се меѓународни проблеми и не се специфични за арапскиот свет, но нашиот правен систем треба навистина целосно да ги измени. Ни треба раздвојување на „црквата“ и државата. За жал, постојат многу моќни сили во регионот кои сакаат да нѐ вратат илјада години наназад, а масивниот конфликт на идеологиите на кој сме сведоци во регионот води кон многу крвав и тажен резултат.
И покрај сето тоа, мејнстрим дискурсот е мошне навредлив за арапските жени. Никој надвор од регионот не разбира колку се неверојатно силни арапските жени. Ние ѝ пркосиме на нееднаквоста и издржуваме секој ден, се креваме од мочуриштата на омразата, предрасудите, тесноградите уверувања, насилството, правниот систем кој нè третира како инфериорни, но и покрај сето тоа живееме и го создаваме животот. Ние сме докторки и поетеси и мајки и чистачки и танчарки и учителки и борци. Тоа особено важи за палестинските жени кои ѝ се спротивставуваат на суровата окупација повеќе од седумдесет години, а од неодамна и сириските жени – кои работат најдобро што можат, го држат небото и своите семејства распрскани по логори, затвори, бегалски кампови, за сите бездомни, побегнати, измрзнати, опколени и гладни.
На мејнстрим медиумите исто така им се провлекува нешто важно. Иако постојат стотици илјади жени кои се борат за подобар живот во регионот, постојат и голем број жени кои се родени слободни, во образовни, прогресивни и отворени семејства, кои водат храбри и возбудливи животи. Не се бориме сите против угнетувањето, не сме сите во кампови, не бегаме сите од ИСИС. Сите немаме брат или татко што нè тепа. Познавам стотици жени кои се високообразовани, живеат сами, заработуваат сопствени пари и економски се независни од родителите, ги избираат сопствените љубовници, лезбејки се, уметници, адвокатки, медицински сестри, учителки и поетеси. Многу од нив се атеистки, некои се духовни, некои муслиманки или христијанки. Слободни. Генерализираните наративи за арапските жени ретко ги вклучуваат таквите приказни зашто не се доволно секси.
Рула Багдади: Без мир не може да имаме ни човечки ни женски права
Рула Багдади е сириска адвокатка. Дел е од правниот тим во Центарот за граѓански права со Сирија, а примарен фокус ѝ е работата со правниот тим со кој ги штити злоставените жени. Во моментов, Багдади работи и на својата магистерска од областа на јавното право.
На меѓународниот ден на жената се надевам на мир, во целиот свет, за сите луѓе. Без мир не можеме да имаме почит за човечките права, па така ни за женските.
Жените во регионот навистина се во најлоша положба, заради учинокот на религијата и исламскиот екстремизам, но и тоталитарните режими. Нашите жени денес мораат да се борат со долгата и моќна историја на одредени мисли, војни, сиромаштија. Мораат да се борат со сите тие проблеми за да ги остварат своите права. Верувам дека женските права не можат да бидат исполнети без демократија, социјална правда и почитување на човековите права општо – во уставот и законите на нашите земји. Како адвокатка, верувам дека законите ѝ помагаат на еволуцијата на општествата, и во таа смисла во регионот нè чека долг пат кон напредокот.
На Блискиот исток, жените работат најдобро што можат. За решавање на овие проблеми ќе ни требаат уште децении, но на пат сме. Ги отфрламе старите системи, ширум светот – оние во кои постои дискриминација помеѓу мажите и жените, белците и црнците, богатите и сиромашните. Ги отфрламе режимите на профитирањето, ја отфрламе тиранијата. Тоа не е лесна задача.
Сириските жени сè уште се продаваат на пазари, ги камшикуваат, ги апсат и киднапираат. Таргетирани се и користени како оружје во војна, силувани и продавани, натерани на брак – особено малолетните. Сите страни во сириската војна се сложуваат за едно нешто – жените се мета. Затоа, уште еднаш, додека го одбележуваме Меѓународниот ден на жената, повторувам – работиме за мир, мир, мир. За целото човештво.
Фатима Идрис: Промените почнуваат со малите бунтови во секојдневниот живот
Фатима Идрис е основачка и директорка на Советот Тадамон (Египетски мултикултурен совет за бегалци) и е уредничка на истражувачката публикација за образование за бегалци, чии автори се деца и млади. Учествувала на бројни меѓународни конференции ширум Европа и Блискиот исток. Идрис работи на областа на човековите права од 2001 година и тоа со различни меѓународни организации во Египет.
Факт е дека жените ширум светот сè уште се борат за рамноправност и граѓански права и дека борбата сè уште не е готова заради мултидимензионалните фактори кои ги спречуваат жените да ги остварат основните права.
На Блискиот исток, особено во Египет, да се биде жена е секојдневен проблем. Жените на Блискиот исток се тешко потчинети од страна на „бранителите на женските права“ кои всушност се полни со непријателство и омраза спрема жените. Истите „бранители на женските права“ не се задоволни додека жената не ја заземе улогата во општеството што тие ја сакаат, зашто не се грижат за она што го сакаат жените. За секое злоставување и насилство кон жените и натаму се одговорни жените и нив ги обвинува целото општество.
Слободата не е секогаш прашање на големи политички дебати, таа често почнува со луѓето кои ги истакнуваат проблемите на секојдневието, со мали бунтови. Кога е во прашање правото на жените слободно да одлучуваат за својот живот, доминантниот дискурс е различен во земјите на Блискиот исток. На пример, оној во Тунис е сосема спротивен на оној во Египет, додека областа на Заливските земји е сосема поинаква од останатите. Кога се преиспитува доминантниот медиумски дискурс за жените како чин на праведност наспроти реалноста, одговорот секогаш е НЕ.
Во моментов сме сведоци на масовно влошување на женските права во регионот. Од преземањето активни улоги како граѓанките за време на Арапската пролет повторно се вративме кон пасивноста – заради ограничувањата што ни се наметнати преку промените во социјалната, економската и политичката атмосфера. Во моментов целото општество е под товарот на економската ситуација (во Египет), тоа ги држи зафатени со секојдневните проблеми, преживувањето. Значи, економската ситуација е приоритет и тоа го ограничи просторот за бунтови на граѓаните и граѓанките – затоа и жените сега се помалку вклучени во јавниот живот и имаат помалку можности да бидат активни.
Нагван Ел-Ашвал: Прашањето на демократијата
Наван Ел-Ашвал е од Египет. Докторантка е на Европскиот универзитетски институт во Фиренца и се занимава со истражување на џихадистичките движења во арапскиот регион. Исто така, во рамки на докторските студии била визитинг истражувач на Институтот за меѓународни студии на Беркли во Калифорнија и претседателка е на Регионалниот центар за медијација и дијалог. Ел-Ашвал учествувала во работата на бројни организации кои се занимаваат со правосудството, еднаквоста и демократијата во Европа и на Блискиот исток.
Мислам дека главен проблем за жените на Блискиот исток денес е прашањето на демократијата и слободата од репресивни режими. Тие режими се подготвени целосно да го затворат јавниот простор кога се соочени со каков било вид активизам.
Активистките во првата година од Арапската пролет уживаа голема слобода во јавниот простор, учествуваа во сите политички активности и го туркаа општеството напред за да ги остварат своите права – во смисла на политичка и економска борба. Меѓутоа, после сето тоа што се случи – без разлика дали во Тунис, Египет, Јемен или Либија, жените вклучени во активизмот се враќаат назад, на првиот чекор. Можеби ситуацијата е малку подобра во Тунис, но и понатаму е драматично лоша на сите други места.
Извор: www.h-alter.org