Прво и основно – нема деца

06.09.2017 09:45
Прво и основно – нема деца

„Децата мораат многу да им простуваат на возрасните“, вели Малиот Принц, оној од најпознатиот роман на Сент Егзипери, книга што министерката Рената Дескоска им ја препорача на децата по повод почетокот на новата учебна година.

И вчерашниот прв училишен ден беше повод се каже дека годините се менуваат, но проблемите остануваат. И тоа сосема истите, како да се вонвременски – неквалитетни учебници, распаднати училишта, субстандардни услови, неквалитетни програми, несоодветни наставници, непотребни предмети, укинат превоз, ужинка, престој… Како ништо да не се случило во меѓувреме, додека малите стигнале да пораснат. Како сега учениците да им простат на возрасните („малкумина од нив се сеќаваат дека прво биле деца“, вели Принцот) тоа што никогаш не научиле ништо ниту од сопствените грешки, ниту од туѓите искуства?

Состојбата во основното, но и во образованието воопшто е таква што сега на секое решение се гледа само како уште еден, нов проблем. Но, природно е да се надеваме дека сепак има излез и од овој бескраен, бесмислен и маѓепсан круг на образовни реформи во кој се врти општеството. Кога станува збор за учениците, проблемот од година во година е сѐ помал и помал, така што е можно еден септември сосема да го снема. Не само во штипското село Селце (200 жители), каде единствено прваче е Јашар Демиров. Беше потврдено дека вчера во училишните клупи седнале најмалку првачиња во последните пет години, а во последните десет има десет илјади помалку!

Извор: Слободен печат, 5.09.2017.
Слика: Miki De Goodaboom