За (не)исполнетите ветувања на сексуалната револуција (3)

06.09.2017 10:49
За (не)исполнетите ветувања на сексуалната револуција (3)

3) Експеримент без покритие

Прашањето за хомосексуалните бракови е тесно поврзано со идеологијата на сексуалната револуција која, како што беше кажано погоре, е идеологија на радикална индивидуализација и на потрагата по само-идентификација како единствен правилен начин да се дојде до нечија целосна благосостојба во потрагата по личната среќа.

Но и во ова ветување сексуалната револуција потфрла. Последиците на таквото интензивно нагласување дека какви било дефиниции однадвор, како што се оние на општествените институции и традиционалните позииции на авторитет и на моќ, или пак конзервативни морални вредности, се далеку од ветениот личен рај за секој поединец. Без преувеличување, ваквата слобода без ограничувања (што во суштина го поништува суштинското вреднување на слободата, но за тоа во некоја друга колумна) и без какви било квалификации освен статистичките, може да се каже дека многу повеќе наликува на личен пекол, или поточно на пеколот во кој се наоѓаме по личен избор.

Не само што денешните генерации имаат помалку секс од нивните предци пред шеесетина години, туку изборот да се дефинираат самите себеси веројатно покажува дека се многу помалку задоволни од себеси и животот што го водат. Ризиците за менталното здравје и општа благосостојба поврзана со него денес се многукратно поголеми отколку во времето пред сексуалната револуција.

Џорџ Монбиот кој пишува за Гардијан, а чија колмуна е објавена во Утрински весник, за оваа состојба го вели следното: „Иако нашата благосостојба е нераскинливо поврзана со животите на другите, секаде ни се вели дека ќе напредуваме преку конкурентен личен интерес и екстремен индивидуализам.“

Подолу во колумната тој ќе напише: „Добредојдовте во пост-Хобсовата дистопија: војна на сите против самите себе.“ Ако некој смета дека ова е претерување, авторот нуди факти: „Неодамнешна анкета во Англија навестува дека секоја четврта жена на возраст меѓу 16 и 24 се повредила себеси, а секоја осма сега страда од посттрауматски стрес."1

Очигледно е дека ваквите обиди за само-афирмација и само-дефинирање ги оставаат луѓето со ниска самодоверба и самопочит, правејќи да се чувствуваат подепресивни од кога и да било. Овие тенденции се тесно поврзани со заложбите на ЛГБТ движењето дека нормите за тоа што е „нормално“ или „прифатливо“ никако не смее да се даваат однадвор, туку тие се неприкосновено право на секој поединец да се идентификува како што тоа му го налага внатрешната перцепција за себеси.

Покрај ризикот за личната безбедност и живот, радикалниот индивидуализам и самодефинирање носат висок ризик за општеството и општочовечките меѓусебни врски. Добрите врски и заедништво се базираат врз факторот на предвидливост, доследност и континуираност. Во таков контекст секој од членовите на заедницата може да ги разбере и да одговори на потребите на другите, а и да очекува таков третман за возврат. Идејата дека флуидноста е предност за правилниот и здрав психофизички равој на едно лице, а особено на дете, едноставно се распрснува пред неумоливата реалност дека децата се во далеку поголема општа благосостојба кога нештата се стабилни и дефинирани. На пример, покрај изразениот промискуитет меѓу нетрадиционалните врски и сексуални партнерства, дополнителен фактор на нестабилност во врските на ЛГБТ лицата се трансродовите луѓе кои го промена на полот се покајале за тоа. Тешко дека децата кои растат во такви средини би можеле да сметаат на стабилност.2

Наместо да се земат овие неумоливи статистички факти предвид, денешните заговорници на радикалниот индивидуализам и самоидентификација посегаат по методите на секоја група низ историјата на човештвото која ја има реалната моќ во општеството. На јазикот му даваат значење чие толкување тие го контролираат и каде што е јасно кои се жртви а кои злосторници. Жртвите се сите оние кои сесрдно го прифаќаат јазикот на радикалниот индивидуализам и самоидентификација. Злосторници се сите кои не се согласуваат со ваквото толкување. Конкретен пример се универзитетите. Сè почесто сме известувани за сè поголем број на говорници за кои се подразбира дека треба да се забранети да им се обратат на студентите на определена тема. Она што е интересно, дури интригантно, е дека ако пред шеесет години во истиот академски контекст се користел речник против заговорниците на она што е денес ЛГБТ движењето, тој идентично се употребува и денес, само што сега е упатен кон оние кои ќе се дрзнат да не се согласат со таквиот светоглед и морален вредносен систем.

Инсистирањето традицијата да се отфрли по секоја цена оди дотаму што се прават пресметки со одамна мртви личности, особено ако по некој случај биле мажи, белци, и биле влијателни во својата сфера. На почетокот на учебната 2016/17 година студентите на прва година англиска книжевност на универзитетот Јеил потпишале петиција за укинување на изучувањето на осуммина автори: Сосир, Спенсер, Шекспир, Дон, Милтон, Поуп, Вордсворт и Елиот. Студентите со оваа петиција сакале да се „деколонизира“ англиската литература и предложиле наместо нив да се проучуваат повеќе жени и мажи од други континенти. Прашањето не е дали треба да се читаат женски автори и оние кои не се белци, туку дали може арбитрарно да се смени она кое по сите параметри претставува канон на англиската книжевност. Писателката Кејти Валдман за списанието „Слејт“: коментира, „ако некој сака да биде добро образуван во англиската книжевност ќе мора да го наведне носот и да чита огромен број поети кои се мажи и белци. Многу повеќе од осуммина.“3

Се разбира, од подалечната и поблиската историја знаеме дека дискриминацијата и маргинализацијата на определен аспект на општеството е неприфатлива и штетна за благосостојбата на севкупното човештво. Заложбите кои се највпечатливи во движењето за граѓански права предводено од Мартин Лутер Кинг се подарок за човештвото денес. Но ако ова е легитимна придобивка, легитимно е и прашањето дали ваквиот крајно позитивен апел за рамноправност и инклузија подразбира дека нема никакви објективни, рационални, морални и општествени граници. Она што всушност се случува е дека искуството на значително малцински број на луѓе се користи за да се оправда идеологијата на радикалната индивидуализација и само-дефинирање и како таква да му се наметне на огромното мнозинство. Не само што родовиот идентитет е дефиниран како социјален конструкт, туку за него се тврди дека треба да биде истражуван од најмала возраст. Сега веќе се нагласува дека и на деца од претшколска возраст треба да им се предочи дека родот и полот се две различни категории и дека родот како таков е флуиден, додека пак биолошкиот пол е само физички факт кој не значи ништо за самоопределбата на една личност, била таа и на тригодишна возраст. Обидите да им се излезе во пресрет на малкумината (дури и со најдобри намери) го изложува на конфузија и може да му наштети на мнозинството. Како што стојат работите во моментов, младите децата се заморчиња на социјален експеримент кој не е подложен на ригорозните законски норми на кој било продукт или метода ако стануваше збор за лекови во медицината, козметичките препарати или прехранбената индустрија. За оние во финансиските банкарски сфери и да не зборуваме. Луѓето се крајно внимателни и конзервативни во изборот на деловен партнер од кој зависи нечиј профит. Просто е неверојатно дека ваквата внимателност е отсутна кога се бира животен стил, па дури и се смета за штетна и угнетувачка. Да додадеме дека овој експеримент вклучува можни пречки во развојот на родовиот идентитет, а кој досега се покажал како совршено задоволителен за најголемиот број на луѓе.

Предлогот на овој есеј е дека пред да донесеме какви било избрзани заклучоци кои ќе ги преточиме во законски норми во врска со традиционалната дефиниција на родот и полот, е да ги погледнеме статистички предвидувањата и ветувањата на сексуалната револуција која почна со „слободна љубов“, а води кон редефиниција на бракот. Сакам уште еднаш да нагласам дека намерно во ова излагање не се осврнав на моралните, општествени, традиционални и други идеолошки аргументи за или против традиционалниот брак. Секако дека има простор и потреба да се дебатира околу нив. Но пред да го направиме тоа, предлагам прво да го погледнеме она кое е конкретно и мерливо. Сексуалната револуција ветуваше слобода, љубов без конвенционални стеги, рамноправност, емоционално и ментално здравје, како и стабилни врски.

Она што сега се случува покажува нешто сосема спротивно. Статистичките податоци и социјални анализи покажуваат дека децата трпат многу поголема неправда, огромен број луѓе живеат сами и се осамени, бракот меѓу сиромашните слоеви колабира, цели армии деца растат без татковци, а сексуализацијата и порнографијата застапена меѓу предадолесцентни деца достигнува вртоглави размери. Се разбира дека не може и не смее севкупната вина за ваквата состојба да се детектира во сексуалната револуција. Незаузданите политики на неолиберализмот, расизмот, етнофилетизмот и верската нетрпеливост се исто така добри кандидати. Но останува фактот дека темата на овој есеј е во најтесна врска со онаа на сексуалната револуција.

Постои уште една причина за загриженост во врска со гностичките тенденции на сексуалната револуција кој беше спомнат погоре во текстот. Тоа е дека ваквиот социјален експеримент кој се наметнува како норма, меѓу другото, и преку политички механизми, не дава гаранција какви ќе бидат последиците ако со него се продолжи со несопрено темпо. Истовремено, одличното истражување на антропологот А.Џ. Унвин направено уште во триесеттите години на дваесеттиот век нè потсеќа дека „најмалата измена на фундаменталните принципи на социјалниот закон ќе ја револуционизира социјалната традиција.“ Неговата студија ја сумира Роланд Џ. Лоутер во колумна на својот блог4  при што нагласува дека според Унвин, социјалните погледи на сексуалноста значително влијаат врз „енегијата“ на една култура. Неговите наоди недвосмислено посочуваат дека стандардната хетеросексуална моногамија произведувала највисока социјална енергија, и дека каква било „либерализација“ или проширување на ваквиот светоглед резултирала со опаѓање на нејзината енергија и последователно со опаѓање на нејзиниот економски и политички подем.5

Пред ваквите статистички вистини и боговите (би требало) молчат. Се ми се чини дека аргументите на заговорниците на сексуалната револуција и посебно на редефинирање на бракот така што тој ќе опфати и заедница меѓу двајца од ист пол, не се повикуваат на какви било богови. На крајот на краиштата токму традиционалните верувања во богови (особено на оние кои веруваат во еден Бог) според нив треба да бидат срушени за оваа слобода да стане универзална.

Ќе завршам со едно пријателско предупредување. Според зборовите на К.С. Луис, кога човек ќе престане да верува во Бог, тој не почнува да верува во ништо, туку верува во сешто. А тоа е одличен опис на она кое традиционалната Јудео-христијанска вера го нарекува идолопоклонство. Најконкретен опис на тоа што е идол е тоа дека идолот секогаш од поклоникот ќе бара сè повеќе и повеќе, давајќи за возврат сè помалку и помалку. Сè до мигот кога ќе земе сè без да нешто да ни даде за возврат. Со други зборови, идолот на камилата ѝ ветува рогови, но ја остава без уши.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Слики: Ју Ченг Лин

__________________________________________________

[1] http://www.utrinski.mk/default-mk.asp?ItemID=F97328D4B426DD4687073CCC4F3.... Пристапено на 13.03.2017.

[2] http://www.dailymail.co.uk/femail/article-2783583/Man-10-000-treatment-woman-wants-REVERSE-sex-change-criticises-NHS-lack-psychiatric-evaluation.html

[3] http://www.slate.com/blogs/xx_factor/2016/05/24/yale_students_want_to_re.... Пристапено на 19.08.2017.

[4] https://spiritandtruth.com.au/2017/08/11/the-inevitability-of-same-sex-m.... Пристапено на 22.08.2017.

[5] Исто.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото