СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ: победничките раскази од конкурсот (2)

06.09.2017 15:00
СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ: победничките раскази од конкурсот (2)

Вчера беа објвени резултатите од конкурсот за микро расказ на тема СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ, како и првите шест наградени раскази. Денес ги објавуваме и вторите шест, од дванаесетте победнички раскази.

 

ПАЛЕШКА
Сања Михајловиќ Костадиновска

Ме нарекоа Палешка затоа што нивните имиња секогаш мора да укажуваат на други нешта. Ме одгледаа во ореова лушпа за да ми ги вардат соништата или можеби да се вардат себеси од соништата. Ме грабнаа, па ми помогнаа да избегам за да ми покажат дека за слободата секогаш може да се преговара. Летав на грбот на една ластовица за да му свртам грб на едно минато што никогаш и не беше мое. Се разбудив во еден цвет за да ја почувствувам росата на моето ново предодредено јас. Оттогаш живеам добро во светот на малите нешта. Понекогаш го шетам моето минијатурно куче и силно му ја фрлам тревката за да трча, да трча, да трча далеку.

 

ДУВЛО
Златко Ѓелески

Со голема тешкотија се присетувам кога се роди првиот сомнеж. Мојата сопруга се движеше низ прашливите улици како крадец во ноќта, а јас ја демнев, небаре се осмелував да ѝ ја одземам украдената радост. Бев обессилен. Допуштив да заврши во прегратките на човекот кој молчешкум ја урна тврдината на нашиот брак. За жал, влегоа во сосмрдениот хостел (попознат како „Дувло“) и ги следев до собата која ја закупија за ноќта. Откако го наслушнав кикотот, крвта почна да ми врие во вените. Се обидов да ја отворам вратата, но наместо тоа, поминав низ неа, завршив во безмерни црнила и се разбудив.

Не можевме да негираме дека љубовта беше секната и поминат беше нејзиниот рок на траење. Неминовно беше да згасне меѓусебното насладување. Потполно не ги исполнував зацртаните идеали од илузијата за мене, а таа незадоволството подеднакво ми го возвраќаше со негрижа, рамнодушност и омаловажувања. Додека се тушираше пристигна порака на нејзиниот мобилен телефон, во која испраќачот потенцираше дека ќе ја чека во соба 103 од хостелот. Кога таа ја погледна ми соопшти дека мора да излезе. Ја повикале од работа. Беше викенд. Решив да ја следам. Таа одеше по заобиколни патичиња, настојувајќи да ги истресе трагите од грижа на совест. Влезе во скапувачкиот хостел - единственото место на кое наполно процвета нивната трула сласт. Таа влезе во собата. Посегнав по кваката, ја отворив вратата и ги пронајдов нивните заплеткани голи тела. Го извадив пиштолот, дарувајќи ги со по неколку куршуми. Се почувствував испразнет од сите натежнувачки огорчености и за првпат почувствував суштествено ослободување, наместо бесполезност. Се доближив до вратата и погледнав еден сенишен облик како држи нанишанет пиштол во моето чело. Јас бев тој со пиштолот кој ме пречека на прагот. Тогаш се разбудив во кревет до сопругата и наслушнав дека ѝ пристигна порака на мобилниот телефон.

БУДЕЊЕ
Марија Ангеловска

Беше млада, со тенка става и долги коси што како темни далги ѝ ги галеа порцеланските рамена. Можев да замислам како белите прсти и се растопуваа и соединуваа со клавишите на нејзиното пијано што се наоѓаше во станот на седмиот спрат во мојата зграда. Јас живеев на петтиот, и секој пат кога таа свиреше можев да го слушам милиот галеж на нежните дланки кои со непоколеблива сигурност им се предаваа на расфрланите ноти. Необично беше што немаше прецизен термин на вежбање. Некогаш в темни зори, некогаш в светли квечерини. Не секогаш ми се допаѓаше звукот, но секогаш ме понесуваше. Кога таа вежбаше, старата зграда ечеше од непозната мелодија. Композициите не беа од познати музичари и звучеа несовршено, но свежо. Имав чувство дека цевките во секој стан треперат заедно со жиците на пијаното, а ѕидовите ја разнесуваат енергијата од нејзините прсти, преку резонантната штица на пијаното, во секое ќоше. Одвреме-навреме таа знаеше да почне да свири доцна во ноќта со истата силина и непоколебливост. Но станарите во зградата како да беа глуви. Ниту еднаш не слушнав некој да се жали за нејзиното свирење доцна во ноќта, но исто така не чув ни некој да го пофали нејзиниот извонреден талент. Всушност, имав чувство како никој да не ни знае дека таа постои и твори. Како само јас да ја слушав нејзината мелодија која ме интригираше, но во исто време ми беше далечна. Многу пати посакував да се качам горе, да ја гледам како свири и да ја поздравам, но не знам зошто не го правев тоа. Се прашував како ли му е на дедо ѝ. Таа живееше со него, а тој беше глувонем. Сигурно не му беше лесно да ја гледа, а да не може вистински да ја чуе и почувствува нејзината мелодија. Една ноќ чув поинаков звук. Си реков, „е сега ќе се качам горе, сакам да ја видам и чујам одблизу“. Зградата се тресеше од громогласните тонови. Се качив горе, но станот беше празен. Само белото пијано стоеше осамено во центарот на собата. Погледнав низ прозорецот во портокаловата топка која ѕиркаше низ зградите зад пругата. Звукот доаѓаше од зад сонцето и беше погласен од кога било. Погледнав наоколу и здогледав сонливи и мамурни глави кои ги подаваа ушите низ прозорците на мојата, но и од прозорците на соседните згради. Најпосле, утринскиот концерт ги одзатна сите закржлавени ушни тапанчиња.

ШТО ИМАМЕ ЗА ЈАДЕЊЕ ДЕНЕСКА?
Сашо Пшенко

Решив да им подарам живот на сите животи што живеат во мене. Си ја распорив главата од темето до папокот и првото нешто што дозволив да одлета беа илјадате кокошки, кои мавтајќи со искубаните крилца се распердашија насекаде низ моето минато. Уште не беа сите отишле, кога веќе почнав да си го чувствувам телото како сѐ повеќе се стегнува и заробува во гранките боранија, компировите и морковските цветови, миризливите листови нане, кои ми се беа насобрале во ушите и белите гравчиња што ми ги набабруваа цревата. Од оваа егзотична, прехранбена џунгла, почнаа да излегуваат и слатки, розови прасенца и теленца, заедно со реки вода, низ кои пливаа риби со круни од ореви, лешници и бадеми на малечките, лигави главички. Се прашував кој сум јас и дали воопшто можам да се видам, меѓу овој хаотичен метеж, скриен во самиот негов центар... Знам, велат, ние сме само збир на нештата што сме ги виделе, прочитале и искусиле, но не сме ли и збир на сето она што сме го изеле?! Со овој чин на лотреамоновско себерасчеречување, решив со еден удар две смрдливки да смачкам - да реферирам на прататкото на надреалистите, а и да ѝ подарам слобода на мојата сакана храничка. Пријатно јадење!

ДОЖДОВИТЕ ПРЕСТАНАА
Елизабета Баковска

Ми доаѓа ноќе. Стои во ќошот на собата, малечок и мокар.
- Немој да ми се лутиш, тато, - ми вели. – Се обидов да пливам, како што ме учеше, ама водата беше многу силна.
Станувам да го гушнам, но него веќе го нема.
Во ќошот наоѓам само локвичка. Не знам дали е од него или од моите солзи.

ТОЈ И ТАА
Ѕвездан Георгиевски

Тој влегува во купатилото и ги мие забите.
Таа го гаси светлото во собата и ја пали столната ламба.
Тој застанува на вратата на собата и гледа околу како да е првпат тука.
Таа го соблекува фустанот.
Тој сѐ уште стои на вратата и воздивнува.
Таа легнува во креветот и се покрива со ќебето.
Тој влегува под ќебето на креветот.
Таа се врти на десната страна, кон вратата и ја гаси столната ламба.
Тој се врти на левата страна и гледа во прозорецот.
Таа во спалната соба од нејзиниот стан.
Тој во хотелската соба во хотелот „Белви“ во Охрид.

Слики: Макс Ернст

ОкоБоли главаВицФото