Ин мемориам: Горана Митровиќ (1976-2017)

07.09.2017 12:04
Ин мемориам: Горана Митровиќ (1976-2017)

На 6 септември 2017, почина македонската поетеса и архитектка Горана Митровиќ. Родена е во ноември 1976 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2004 година работи во своето архитектонско студио „Метрика“ во Скопје. Добитничка е на неколку награди од областа на архитектурата. Со пишување поезија се занимавала дваесетина години, но првата збирка песни „Индиго есен“ ја објави во 2014 година во издание на Блесок. Во 2016, Или-Или ја објави и нејзината втора збирка песни, „Клупа меѓу светови“, од која пренесуваме пет песни.

 

ПОРОЈ

Кога не можевме сами
дојде дождот
да нѐ опомене нас луѓето
малодушни, нервозни
од чудесни божества обележани
и понекогаш прекрасни

затоа вака врне
врне врз земјата
врне врз сето време
залудно потрошено

така дождот прави
скривница од светот
скривница од градот
полн раздор

 

МАСКЕНБАЛ

Одиграна е уште една претстава
за светот-
враќајќи се дома систематски
ги соблекувам:
штиклите во претсобјето,
ѓерданот на маста во дневна
ролката на столче
фармерките во соба
косата... во кутија.
Како трошки зад себе ги оставам,
така полесно го наоѓам патот изутрина
низ сказната во која шеќерот е забранет.

 

НЕМОЌ

Стоиме со суви и празни дланки
врз откинато парче земја
правлива, испукана под босите нозе
пред нас е огледало во кое молкум
исчезнуваат нашите идентитети,
помирени со невозможната трка
ги фрламе човечките обележја врзани во шарени крпчиња
тажно и безнадежно
со чувство како кога врз ковчег
фрламе грутка земја...
под нас, бездна
во која молкум ги туркаме нашите деца
слегнувајќи во немоќ со рамениците
за нашите пријателства, за скромноста
бездна за сите наши планови
за сето остварено и она што никогаш нема да ни се врати
животот трепка во нас
како курсор на екран
во исчекување на вистинската мисла
тупкаме, бревтаме во краток здив
во краток од, во тесна соба
во стуткан ум
од кој мислите не полетуваат,
прекинати се сите доводи
на кислород од љубов и надеж
чекаме, мечтаејќи што сѐ би можеле да сториме

 

САМО ПРИБРАНО ПРЕД СВЕТОТ

Утрото почнува
со неколку случајни солзи
на перницата,
го местиш креветот
туркајќи ги под прекривката
трошките распаднат сон
не се трудиш да го запомниш,
огледалото е расположено денес
ти дозволува со помадата
да нацрташ насмевка на лицето
демон е исправен пред тебе,
денот...
полн прашања
и изморени лица
кои постојат за да ја збришат
твојата кревка насмевка.
нова потрага по вербата
низ кршот бесмислености
понекогаш замислуваш, со некого ги разменуваш
боите на виножитото наместо
зборови во четврта димензија,
потпирајќи ја со малиот уморен прст тешката врата
меѓу световите
а потребна ти е само една
силна, ребро-кршечка
прегратка!

 

НЕЖНОСТ

Под црвениот сноп
на светилката од Хималаите
молчам стуткана
во твојот допир,
за тебе е тоа нежност
за мене потреба
да ги прегрнеш сите мои стравови

денеска мислам на
собите со расипани неонки,
на мирисот на мемливи ходници
на допирот на студените инструменти
по телото...

молчам,
и не ти кажувам дека
во една од тие соби
мојата душа доби крилја,
а моето тело само ѝ се насмевна
во одобрување

како би можел ти да живееш со тоа...
молчам во твојот допир,
те оставам да тонеш во нежноста

 

Горана Митровиќ на Окно:

Пурпурна магла
Индиго есен

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото