СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН

07.09.2017 17:05
СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН

Второто издание на ДРУГА ПРИКАЗНА, скопскиот книжевен фестивал на мали фикции, почнува во петок, на 8 септември. Годинешната тема е: СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ.
Во Музејот на современа уметност во Скопје утре во 20 часот ќе му биде доделена награда на лауреатот на фестивалот, познатиот македонски и светски писател, преведувач, книжевен истражувач и еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, Влада Урошевиќ. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.


Веднаш потоа, во 21.30, следува програмата ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ, во која на отворена сцена ќе се натпреваруваат дваесетина учесници, писатели од регионот и од Македонија. Водители ќе бидат Биљана Гинова и Ѓоко Здравески.


Во сабота (9 септември) во 19 часот ќе почне разговор токму на темата СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ, со следниве учесници: Дејан Илиќ, Влада Урошевиќ, Искра Гешоска, Мариглен Демири, Лидија Капушевска-Дракулевска и Станимир Панајотов, а водител ќе биде Иван Додовски.


Во недела (10 септември) со почеток во 20 часот на тема УМЕТНОСТА И РЕВОЛУЦИЈАТА ќе дебатираат Роберт Алаѓозовски, Миклавж Комељ, Сафет Ахмети, Владимир Јанчевски и Елизабета Шелева. Водител е Никола Гелевски.

Во сабота навечер, во 21 часот, странските гости писатели ќе ги претстави Иван Шопов.


Учествуваат:


Дејан Илиќ, уредник на издавачката куќа Fabrika knjiga и на списанието Reč. Автор е на книгите: „Како да беше вчера“ (1995), „Осум и пол огледи по разбирање“ (2008), „Транзициона правда и толкување на книжевноста: српскиот пример“ (2011), „Двете лица на патриотизмот“ (2016) „Школа за петпарачки приказни: предлог за поинаков курикулум“ (2016).


Јасна Жмак, пишува кратки раскази и критички текстови, а работи како драматург и сценарист. Објавила два драмски текстови („Самици“, 2011; „Истовремено други“, 2012), една прозна книга („Моја ти“, 2015, Профил) и низа кратки раскази. Била членка на уредништвото на списанието Фракција и порталот drame.hr.


Миклавж Комељ, словенечки поет и историчар на уметност. Важи за едно од најзначајните имиња од новата генерација словенечки поети. Објавил девет збирки поезија.Напишал обемна студија за партизанската уметност, „Kako misliti partizansko umetnost?“ (2009). Поетскиот јазик на Комељ е револуционерен, моќен и навлегува во самото јадро на трауматичната егзистенција на секое одделно битие.


Неџад Ибрахимовиќ, босански книжевник, филмски и книжевен критичар, сценарист и автор на неколку документарни филмови. Доктор е по книжевни науки. Своите документарни филмови ги снимал за холандски ТВ- куќи. Главен и одговорен уредник е на списанието РАЗЛИКА/DIFFERANCE. Ибрахимовиќ е редовен професот на универзитетот во Тузла и предава Историја на филм и Книжевна теорија. На University of Washington во Сиетл го предавал предметот Јужнословенски филм и Јужнословенска книжевност. Ги објавил книгите „Прекршување на есејот“, „Читателот на крстопат“, „За поезијата, птиците и другите мамки“, „Инкапсулирани тела“.

Теа Тулиќ, хрватска писателка која главно пишува кратки прозни текстови. Во 2011 го објавува дебитантскиот роман/збирка цртички „Коса насекаде“, кој на македонски го објави издавачката куќа Темплум. За романот ја добива наградата Прозак која ја доделуваат Зарез и Алгоритам за најдобар необјавен ракопис на автори до 35 години. Во 2014 го објавува албумот „Албумче“. Во 2017, од печат излегува нејзиниот втор роман, „Максимум на јатото“.

Томислав Вречар, поет и мултимедијален уметник, преведувач, сликар, музичар... Автор на шест поетски збирки. Преведува поезија од италијански јазик, а понекогаш и своите стихови ги пишува на италијански. Повремено твори под псевдонимот Сома Арсен. За него велат дека понекогаш е игрив како дете, а понекогаш тажен како огорчен кловн. Се смета себеси за „поет без татковина“. Живее и работи во Љубљана како слободен уметник.

Уршка Стерле, авторка на куси раскази, преведувачка, се занимава и со визуелна уметност и перформанси. За нејзината прва збирка раскази „Ред за ручек“, во 2007. беше номинирана за наградата „Фабула“ што во Словенија се доделува за најдобра збирка куси раскази. Книгата на македонски ја објави Темплум. Во 2010 ја објавува збирката раскази „Вечна воена состојба“. Авторка е на романот „Дневникот на дворскиот шут“ (2016). Освен што пишува и преведува, таа изведува политички ангажирани стенд-ап комедии, а оствари турнеја и со нејзината монодрама „Лезбејски бајки, бајки за лезбејки“.

Вуле Журиќ, автор на шест книги кратки раскази, девет романи и седум радио-драми за животот, делото и смртта на познати српски писатели. Автор е на сценариото за филмот „Слепи путник на броду лудака“ во режија на Горан Марковиќ и драмата „Последниот мегдан на Петар Кочиќ“. Добитник е на наградата „Андриќ“ за збирката раскази „Тајната на Црвениот замок“ (2015), наградата „Данко Поповиќ“ и наградата „Кочиќево перо“ за романот „Република Ќопиќ“ (2016). Живее во Панчево, Србија.

Петар Матовиќ, српски поет и есеист. Завршил студии по српска книжевност во Белград. Пишува поезија и есеи. Ги објавил поетските збирки „Камерни парчиња“, „Куферите на Џим Џармуш“, „Од каде доаѓаат дабарите“ и „Од среќната република“. Преведен е на неколку странски јазици и застапен е во повеќе антологии. Добитник е на повеќе стипендии и книжевни резиденции.


Во сабота концерт ќе одржи Томислав Вречар од Словенија. Во недела ќе настапат нашите Ненад Тонкин и Љупа Ангелов.
Книгата Велалучка колиба, под Водно, од Огнен Чемерски (1974-2017) во недела навечер, во 23 часот, ќе ја промовираат Румена Бужаровска и Славчо Димитров.

Повелете на фестивалот Друга приказна, 8-10 септември, МСУ, Скопје!

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

 

ОкоБоли главаВицФото