Барокна подморница

08.09.2017 14:51
Барокна подморница

Вечерва на фестивалот Друга приказна, во 20 часот во МСУ, главната награда ќе му биде доделена на Влада Урошевиќ.

Ќе биде презентирано и фестивалското издание на неговата најнова книга со микро раскази, Барокна подморница.

Во продолжение пренесуваме три раскази од таа книга.

БАРОКНА ПОДМОРНИЦА

Таа подморница плови помеѓу потопените градови што лежат како некакви шарени геолошки слоеви, како сплескани купишта седиментни карпи кои, како што се знае, настанале со таложење. Спирални лушпи од големи полжави, џиновски седефни школки - но не, тоа се остатоци на некогашните палати и триумфални порти, по малку заоблени од морските струи што минуваат низ некогашните улици. Подморницата има чудни израстоци од сите страни - некој вид пипала што можат да се вовлечат и пак да се извлечат, во случаите кога вкусните морски црви ќе се појават од песокот во кој живеат. Бам - и црвот е вовлечен во подморницата! Бам - и неговиот кожурец, што е несварлив, излетува пак назад! Врз подморницата има телескопи, жироскопи, а најодзади се влечкаат и две слушалки, некој вид стетоскоп. А перископ, каде е перископ? Не е можно дека перископот е заборавен! Но затоа, пак, командната кула е барокно украсена со многу архитектонски детали, раскошни балкони, дури и по некоја статуа.

Таму може убаво да се седи и, во топлите летни вечери, да се ужива во бескрајноста на морската шир. Но кој мисли на уживања во вакви кризни времиња!

НЕЈАСНА СИТУАЦИЈА

Станува збор за нешто како државен удар, за доста вешто прикриена инфлација, како и за ширење лажни вести што се дошепнуваат помеѓу две намигнувања. Насекаде само самрачни дејствија, само двосмислени насмевки. Очекувате конечен јасен потег, решавачка разврска, но во последен миг нештата се слизнуваат во неочекувана насока и добивате само неодредени објаснувања. Администрацијата сè уште функционира, упатствата се печатат, долу десно се ставаат потписи, но извесно двоумење настанува кога треба да се напише датумот - никој не е сигурен кој ден, кој месец, која година и кој хороскопски знак треба да се стави, календарите за таа година сè уште не се добиени од пренатрупаните магацини, и тоа претставува проблем што секогаш одново треба да се решава. Сметководителите се туфкаат, оваа бесмислена пречка им го расипува апетитот за појадок, па поради тоа намерно ги ставаат осминката бурек и чашата јогурт токму долу лево врз службениот акт - па таму сега изникнуваат некои нови знаци што некој во иднина допрва ќе треба да ги толкува.

МЕСТЕНКА

Вратете се. Вратете се. Вратете се! Таа улица - не е објаснето зошто - носи мошне наивно име: „Има уште време“, но зад таа наивност се крие опасна местенка. Таму не се оди. Таму нејасната мрша во распаѓање, фрлена во правта, ги привлекува малите девојчиња да истрчаат од дворовите на детството за да плукнат врз неа, за потоа да се обидат да се вратат - но таму каде што имало зелена порта со мала китка суви цвеќиња и ‘рѓосана рака-чукало, сега ги пречекува висока врата од судска палата со вратар кој секогаш гледа некаде лево, и кој се преправа дека не ги слуша молбите што треба да го умилостиват. Не помага ни да му се покажат фотографии на умрените роднини, ни потврда за платениот данок, ни старо љубовно писмо со измислена адреса. Вратете се. Вратете се. Вратете се додека уште има време! Таму не се оди.