Прв ден на фестивалот Друга Приказна #2

09.09.17 12:44

Со доделувањето на наградата на лауреатот на фестивалот, познатиот македонски и светски писател, преведувач, книжевен истражувач и еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, Влада Урошевиќ, започна Второто издание на книжевниот фестивал ДРУГА ПРИКАЗНА, посветен на малите фикции. „Особено ми е драга оваа награда зашто доаѓа како одлука на моите млади колеги“, рече Урошевиќ при доделувањето на наградата.  Самата награда, скулптура или објект во вид на мултиплицирана рака со молив е дело на сјајната уметница и дизајнерка Билјана Клекачкоска.

Фестивалот го отвори Никола Гелевски, уредник на Темплум, кој рече дека годинашната тема на фестивалот СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ, познатото мото на надреалистите, има и политичко и книжевно значење. Веднаш потоа публиката во Музејот на современа уметност го проследи разговорот со Урошевиќ, кој го водеше Владимир Јанковски. Низ прашањата беше претставен творечкиот пат на Урошевиќ, што беше и промоција на фестивалското издание на неговата најнова книга со микро раскази, „Барокна подморница“.

Во вториот дел од синоќешната програма насловена „Овде паѓаат крупни зборови“, која се очекуваше со нетрпение, т.н. натпревар со „едноминутни новели“, учествуваа 20 автори од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска. Тие на отворена сцена во неколку круга читаа свои кратки раскази, а веднаш потоа добиваа оценки од жирито. За одличната атмосфера допринесоа и водителите Биљана Гинова и Ѓоко Здравески. По жестоката борба, победи Теа Тулиќ, писателка од Хрватска.

Вечерва на програмата на фестивалот од 19 часот е разговорот на тема Слобода, сон, љубов, во кој учествуваат: Дејан Илиќ, Влада Урошевиќ, Искра Гешоска, Мариглен Демири, Лидија Капушевска-Дракулевска, Станимир Панајотов. А ќе биде прикажан и краткиот филм за Влада Урошевиќ.

Во 21 часот Иван Шопов и Никола Гелевски ќе ги претстават гостите на фестивалот кои доаѓаат од регионот: Неџад Ибрахимовиќ, Јасна Жмак, Теа Тулиќ, Уршка Стерле, Миклавж Комељ, Вуле Журиќ, Томислав Вречар и Петар Матовиќ.

Потоа публиката во МСУ ќе има можност да проследи концерт на Томислав Вречар од Словенија.

 

Повеќе фотки од настанот

Фотографии: Ванчо Џамбаски

 

ОкоБоли главаВицФото