Втор ден на фестивалот ДРУГА ПРИКАЗНА

10.09.2017 12:38
10 септември - последен ден на фестивалот ДРУГА ПРИКАЗНА

Вториот ден на фестивалот Друга приказна, одржан во сабота, 09.09.17, помина во знакот на разговорот на главната фестивалска тема: Слобода, сон, љубов. Зборуваа Дејан Илиќ, уредник на издавачката куќа „Фабрика књига“ и на списанието „Реч“ од Србија, Влада Урошевиќ, Искра Гешоска, Мариглен Демири, Лидија Капушевска Дракулевска и Станимир Панајотов, филозоф и теоретичар од Бугарија. Разговорот го водеше Иван Додовски.

„Поимите слобода, љубов и сон се модерни поими во историјата, се појавија во времето на романтизмот“, рече Урошевиќ, кој говореше и за полититичката димензија на надреализмот, за неговата врска со комунизмот која траела десет години.

„Додека европските романтичари пееле за индивидуална слобода, балканските се залагале за национална слобода, тие ја укинале индивидуалната слобода“, рече професорката Лидија Капушевска Дракулевска.

Според Дејан Илиќ, кога немаше слобода, во периодот до почетокот на деведесеттите години, книжевноста беше поважна, но не треба да да се тежнее кон таков вид значајност на писателите. „Нашите избори се ограничени со нашата култура, а сепак таа останува најголемо поле на слободата“, рече Илиќ.

Искра Гешоска рече дека слободата и отпорот се двигатели и на индивидуата и на општеството.

Според Мариглен Демири, слободата треба да се мисли во рамки на социјалната реалност, а љубовта не постои без релација.

Панајотов се осврна на концептот на љубов во комунизмот.

Разговорот го заврши Урошевиќ, кажувајќи своја песна.

Беше прикажан и краткиот анимирано-документарен филм за лауреатот на фестивалот, Влада Урошевиќ, по текст на Владимир Јанковски и во реализација на Ѓорѓе Јовановиќ.

Во вториот дел од програмата публиката во Музејот на современа уметност се запозна со гостите на фестивалот. Разговорот со Теа Тулиќ, Миклавж Кромељ и Вуле Журиќ го водеше Никола Гелевски. Се говореше за идентитетот и позицијата на писателот во регионот и како културата и литературата беа употребувани во националистички цели. Со помладата генерација гости писатели, Јасна Жамк, Петар Матовиќ, Томислав Вречар и Уршка Стерле разговараше Иван Шопов.

Вториот ден на фестивалот заврши со мошне необичниот (би рекле: мистичниот, „камерен“, интимен, но мошне возбудлив) концерт на Томислав Вречар (придружуван со рециталите на Миклавж Комељ). Концертот, за жал, се одржа пред само дваесетина смрзнати посетители, бидејќи повеќето посетители си заминаа заради студеното време, пропуштајќи многу многу интересно искуство и мошне необичен концерт, кој можеби дури доби и во вредност поради езотеричниот карактер и малобројната публика.

 

Во продолжение фотографии од вториот дел на фестивалот...

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Повеќе фотографии од вториот ден на Друга приказна

ОкоБоли главаВицФото