Интервју со Енди Ворхол: Што е Поп Арт?

10.09.2017 23:41
Интервју со Енди Ворхол: Што е Поп Арт?

Мислам дека секој би требало да биде машина.
Мислам дека секој би требало да се грижи за секого.

Дали во Поп Артот сè се врти околу тоа?

Да. За тоа се работи: да се сакаат нештата.

А, дали тоа значи да се биде како некаква машина?

Да, зашто секогаш правиш нешто што е идентично. Тоа го правиш повторно и повторно и повторно.

А, вие сметате дека тоа е добро?

Да, зашто сето тоа е фантазија. Тешко е да се биде креативен, а тешко е и да не веруваш дека тоа што го правиш е означено како креативно, зашто сите луѓе зборуваат за тоа и за индивидуалноста. Секој постојано е креативен. Толку е комично е да се каже дека кое било нешто не е такво; на пример, чевелот, за кого направив цртеж за еден рекламен оглас, беше означен како „креација“, а не цртеж. Меѓутоа, јас верувам во двете. Сите тие луѓе, кои не се навистина сосема добри, впрочем, би требало да бидат добри. Во денешно време секој е речиси премногу добар, навистина. На пример: колку глумци постојат? Милиони. Сите се мошне добри. И, колку сликари постојат? Милиони и сите се мошне добри. Како може да се тврди дека еден стил е подобар од некој друг? Ќе треба следната недела човек да стане апстрактен експресионист или поп уметник или реалист – а, притоа да нема чувство дека нешто напуштил. Мислам, уметниците кои не се сосема добри, би требало да станат како сите други, така што луѓето ќе ги сакаат и оние нешта за кои не се сосема добри. Тоа веќе се случува. Треба само да се погледне во списанијата и каталозите. Се зборува, овој стил или оној стил, оваа човечка слика или онаа: меѓутоа, во основа, тоа сепак не прави некаква разлика. На овој начин се преминува преку многу уметници, а зошто да биде така?

Дали Поп артот е мода?

Да, тој е еден вид мода, но не гледам каква разлика е направена со тоа. Штотуку слушнав една гласина, имено дека Г. престанала да работи, дека ја напуштила уметноста. И сите зборуваат за тоа колку е ужасно што А. го напуштил својот типичен стил и дека сега работи на некој друг начин. Не размислувам така, воопшто. Ако еден уметник веќе не може, би требало едноставно да прекине; а, еден уметник би требало да биде во состојба, без чувство на вина, да го промени својот стил. Слушнав дека Лихтенштајн рекол дека за една или две години веќе нема да слика комик-слики; сметам дека би било величествено од еден стил да може да се менува кон некој друг. А, верувам дека тоа е она што и ќе се случи, тоа ќе биде нова сцена. Веројатно тоа е една од причините заради кои денес работам со решеткаст печат. Мислам, би требало некој друг да може да ги прави сите мои слики за мене. Јас не можев секоја слика да ја направам јасно како и првата. Сметам дека би било величествено кога повеќе луѓе би работеле со решеткаст печат, така што веќе никој нема да знае дали мојата слика навистина била моја или на некој друг.

Тоа би ја превртело наопаку историјата на уметноста?

Да.

Тоа е вашата цел?

Не. Јас сликам на овој начин зашто би сакал да бидам машина, и имам чувство дека сè што правам, ако работам како машина, би сакал навистина и да го направам.

Дали рекламно-графичката уметност повеќе беше работење слично на некоја машина?

Не. Затоа и бев платен и правев сè што ми беше кажано. Кога требаше да нацртам еден чевел, цртав чевел, а кога требаше да го подобрам цртежот, го подобрував цртежот; правев сè што се бараше од мене; го подобрував цртежот и го правев по желба. Бев присилен да бидам разбирлив, а денес не мора да го правам тоа; по сите овие „подобрувања“, овие комерцијални цртежи по правило имаа емоции, имаа еден одреден стил. Ставот на луѓето кои ме вработија беше обземен со чувства или со нешто слично; знаеја што сакаа, инсистираа на тоа; понекогаш стануваа емоционални. Вистинската работна постапка во рекламната графика беше слична со машинската, но ставот спрема тоа имаше врски со чувствата.

Зошто почнавте да сликате конзерви со супа?

Зашто бев навикнат да јадам супа. Мислам дека дваесет години го јадев истото секој ден. Секој ден истото. Некој еднаш рече дека моите животни навики завладеале со мене; ми се допадна таа претстава. Претходно сакав да живеам во Валдроф и да јадам супа и сендвич, како во ресторанската сцена во Naked Lunch...

Во едно кино на 42-рата улица го гледавме Dr No. Филмот е фантастичен, многу кул. Кога излеговме од киното, некој фрли „Црвена петарда“ директно пред нашите нозе, среде толпата.

Имаше крв, видов крв на луѓето и насекаде околу. Имав чувство дека бев сосема прелиен со крв. Минатата недела во весниците прочитав дека има повеќе такви луѓе кои фрлаат петарди – тоа едноставно спаѓа во сцената – и ги повредуваат луѓето. Мојата изложба во Париз ќе се вика „Смрт во Америка“. Ќе покажам слики од електрични столици и кучиња во Бирмингем и хаварисани возила како и неколку слики за самоубиство.

Како дојдовте до сликите на смртта?

Таа тема ми е важна. Го гледавте Enquier неделава? Имаше „Несреќен случај што ја довел полицијата до плач“: глава пресечена на средина, а рацете и стапалата едноствно лежеа наоколу. На човек ќе му се слоши, но тоа – сигурно – се случува постојано. Во последно време запознав многу полицајци. Тие ги снимаат овие случки, само што речиси е невозможно од нив да се добијат фотографии.

Кога почнавте да работите на серијата слики на смртта?

Верувам дека тоа беше фотографијата на оној голем авионски пад, насловната страна на еден весник: 129 мртви. Тогаш ја сликав и Marylins. Ми стана јасно дека сè што правев, најпосле, би имало врска со смртта. Беше Божиќ или Денот на трудот, некој празник, и секогаш кога се вклучуваше радиото ќе кажеа нешто како „Ќе умрат четири милиони“. Почна со тоа. Но, кога ќе се погледне некоја морничава слика повторно и повторно, таа во основа нема никакво дејство.

Но, вие сè уште правите Elizabeth Taylor слики.

Со тоа почнав пред многу време, кога беше многу болна и кога сите зборуваа дека ќе умре. Сега повторно ги правам сосема поинакви и на нејзините усни и очите им давам светли бои. Мојата следна серија ќе се врти околу порнографските слики; на овие слики нема да може да се види ништо, но ако вклучиш ултравиолетово светло, ќе видиш: џиновски гради... Ако влезе некој полицаец, едноставно можеш да го исклучиш светлото или да вклучиш нормално светло: како може да се каже дека тоа е порнографија? Меѓутоа, сакам да го пробам тоа. Сегал направи една скулптура на двајца што се сакаат, но ја разори, претпоставувам зашто имаше мислења дека е премногу пронографска за да биде уметност. Впрочем, таа беше мошне убава, дури и премногу убава, или можеби имал чувство дека мора да ја заштити уметноста. Некои луѓе велат дека ако некоја книга на Генет те напали тоа не е уметност. Она што ми се допаѓа мене е тоа овозможува да ги заборавиш нештата како што е стилот; најпосле, стилот не е важен.

Дали „Попот“ е негативен поим?

Името звучи навистина ужасно. Можеби Дада била во некаква врска со попот – сосема е комично, зашто во основа двата поими се синоними. Дали некој знае што треба да значи или на што се однесуваат овие имиња? Џонс и Рошенберг – во тие години се зборувало дека се Нео-Дада, и сите мислеле дека се епигонални и неспособни на кој било начин да ги извртат нештата што ги употребувале – денес со нив се занимаваат како предвесници на Поп артот. Комично е како се менуваат работите. Според моето мислење, Џон Кејџ изврши големо влијание, можеби исто така Мерс Канингем. Дали го читавте текстот во Hudson Review (The End of Renaissance“, летото 1963) кој се занимава со Кејџ и сите тие луѓе? Во него се појавуваат мноштво големи поими како што се радикалниот емпиризам и телеологијата. Којзнае? Можеби Јап и Боб некогаш биле Нео-Дада, а сега веќе не се. Книгите по историја постојано се преплавуваат. Без разлика што прави човекот. Едноставно, сите и понатаму размислуваат исто, а униформноста од година во година станува уште поголема. Оние кои најмногу зборуваат за индивидуумот се оние кои најжестоко протестираат против секое отстапување, а за неколку години можеби ќе биде обратно. Еден ден сите ќе размислуваат како што сакаат, а веројатно тогаш сите ќе размислуваат исто: се чини дека ќе биде така.

“What is Pop Art?: Answers from 8 Painters, Part I, u: ARTnews (New York), 62, novembеr 1963

Извор: http://proletter.me/

Слични содржини

Општество / Свет / Култура
Свет / Култура
Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото