Исповеди на тројца уживатели на опиум

11.09.2017 01:20
Исповеди на тројца уживатели на опиум

Опиум за почетници

Луѓето од најстарите цивилизации знаеле за чудната моќ на светло црвениот цвет на афионот, па почнале да го одгледуваат за изведување оперативни зафати, ритуали, но и за правење на старата добра штрудла. Патем, на некој му паднало на ум дека опиумот не мора да се користи само ако умирате од болка заради отсекување на ногата, па го вкусил само така, за да ги почувствува неговите дејства и така започнала историјата на зависноста од опиум. Во 15 век во Кина опиумот се користел како популарна дрога меѓу богатите, а околу 17 век употребата почнала ненадејно да расте заради појавата на лулето и факт е дека опиумот дејствувал многу појако кога се пушел. Тоа нè доведува до следниот елемент од овој краток вовед за опиумот, а тоа е подготовката или: опиумот од поле до маса.

Пред воопшто да може да стигне до треперливите усти кои копнеат за халуцинации, зелениот дел од афионот мора да се засече и од него да почне да тече млечно бел сок. Тој дел од афионот се засекува три-четири пати во период од неколку дена, а секое утро внимателно се собира сокот кој, впрочем, уште тогаш почнува да се згуснува и да добива кафеникава боја. Секако, постојат варијации во начинот и бројот засекувања зависно од земјата во која се одгледува афионот, но основната идеја секаде е иста. Потоа, лепливата кафена маса може да се продаде, но бидејќи малку е незгодно да се пренесува како таква, главно прво се преработува до својата морфиумска база и потоа оди на пазарот. По бројните препродавања и пазарења опиумот пристигнува до треперливите усти, а меѓу нив се и уметниците:

 

Семјуел Тејлор Колриџ

Семјуел Тејлор Колриџ, познат англиски поет, е еден од најпознатите конзументи на опиум. Се обидувал да ја сокрие својата зависност од јавноста, но Томас Де Квинси го разоткрил во својата позната книга Исповедите на еден англиски уживател на опиум. Колриџ упорно се обидувал да ги убеди сите дека опиумот го користел само заради болки и меѓу другото тврдел дека првпат пробал заради отоците на колената. Сепак, утврдено е дека отоците на колената не биле почетокот на зависноста на Колриџ, туку дека почнал да користи опиум пред тоа, кога го добивал со рецепт заради реума, и дека потоа едноставно продолжил да го користи во периоди на стрес.

Освен што живеел во ера кога било исклучително лесно да се набави опиум, на Колриџ му се случиле серија лоши менаџерски потези кои го натерале употребата на опиумот, дотогаш вешто криена, во еден момент да почне да ја користи како реклама и да пишува „опиумски песни“. Мислел дека тоа ќе привлече повеќе читатели, и веројатно бил во право, но тоа и натаму не значи дека не треба да ни е мака од неговите обиди да биде „занесен уживател на опиум“ кои често ги изнесувал и во писмата.

Сепак, и покрај лошиот маркетинг, Колриџ успеал да го создаде своето најпознато дело, Кублај Кан, наводно инспириран од опиумски сон, и така себеси да се вброи во врвот на светската книжевност. Критичарите и денес дискутираат за тоа колкаво влијание можел да има опиумот на ова дело, а научниците упорно тврдат дека не е докажано дека опиумот може да има какво било влијание на креативноста и творештвото. Како и да е, Кублај Кан постои и ние го сакаме, па дури и ако е само опис на зависноста на уметникот, или токму заради тоа.

Томас де Квинси

Томас де Квинси не само што пишувал под дејство на опиум, туку пишувал за опиумот и така разоткрил многу современици кои пушеле опиумски лулиња. Исповедите на еден англиски уживател на опиум е задолжителна литература за секој што го интересира како изгледала зависноста од опиум во англиското општество во 19 век, како и кои познати ликови го користеле (како на пример, Колриџ).

Зависноста на Де Квинси почнала невино, за време на неговите студии на Оксфорд каде ги запознал Вордсворт и Колриџ. Наводно, опиумот го користел за да се ослободи од неиздржливите болки во стомакот кои биле последица на глад и сиромаштија во детството. Но, оваа „медицинска“ употреба, како и вообичаено, брзо ескалирала во опасна зависност од лауданум (најчистиот опиум). Де Квинси не се обидувал да изгради слика на занесен корисник на опиум како Колриџ туку мудро собирал искуства и информации за во 1821 година да го напише делото кое ќе го вознемири општеството и со него ќе обезбеди неколку договори и доволно пари за да се издржува. Му останал верен на Колриџ, иако овој бил лут зашто го разоткрил, па дури и анонимно му испраќал пари кога му биле потребни.

Освен што им помагал на пријателите во неволја, Де Квинси им помагал и на психолозите и психијатрите да сфатат како изгледа зависноста од агол на зависниците, благодарение на деталните описи на сите стадиуми при земањето опиум, па дури и негативните страни. Иако, една од почестите критики е дека Де Квинси посветувал поголемо внимание на уживањето, отколку на болките, поголемиот дел од книгата е посветен токму на лошите последици. Значи, вредноста на автобиографската исповед на Де Квинси е повеќекратна – не само што напишал една од најотворените автобиографии, туку со неа инспирирал и други уметници и така го продолжил кругот на опиумските остварувања.

Хектор Берлиоз

Колриџ бил разоткриен од Исповедите на Де Квинси, па останува само оној што го инспирирало ова дело. Хектор Берлиоз компонирал делови од својата позната Фантастична симфонија под влијание на опиумот, па не зачудува што таа е толку психоделична и поинаква од она на што била навикната тогашната публика. Освен што користел опиум, Берлиоз кога компонирал имал и мошне лоша грозница, но и ги читал Исповедите на Де Квинси. Никогаш нема да знаеме што го инспирирало композиторот најмногу, како што веројатно ни тој не знаел тогаш, но факт е дека опиумот е голем дел од Фантастичната симфонија. Впрочем, Симфонијата раскажува за уметник со голема имагинација кој се отрул со опиум заради несреќна љубов. Тука, Берлиоз го користел опиумот на сличен начин на кој го опишува Де Квинси; Симфонијата не е за опиумот, туку за уметникот кој е посматран преку призмата на опиумската зависност.

Она што може да го најави односот помеѓу Исповедите на Де Квинси и творештвото на Берлиоз е тоа што овој успеал да собере неколку трикови од познатиот уживател на опиум и така дрогата да ја користи за да го искристализира она што веќе постои во неговата имагинација и да го организира она што е надвор од дофатот на неговиот ум. Ако тоа е вистина, а Берлиоз тврди дека тој веќе бил опседнат од мноштво идеи кои не можел да ги артикулира, можно е свесно да ги користел ефектите од опиумот за најпосле да го искаже својот внатрешен свет преку музиката. И, го направил тоа, и тоа како! Фантастичната симфонија го изненадува и опседнува секој слушател и денес.

Извор: http://kulturkokoska.rs

ОкоБоли главаВицФото