Кралчиче

11.09.2017 20:51
Кралчиче

На половина растојание меѓу мојата барака на улицата број седум и суводолицата што ја викаат Орешанска река, порасна еден самоникнат багрем. Јас го викам бегалец оти кој знае од каде долета во форма на некоја семка совладувајки ги сите гранични и референдумски бариери, за да се настани во мојот двор во Орешани. Да бил во тоа време ветерот посилен можеби би се спуштил во дворот на брат ми во Свети Николе. Таму би го викале кралчиче. Со Ристо Лазаров еднаш расправавме за убавото име на оваа бодликаво растение во источните говори, можеби и во поширокиот дијапазон на македонскиот јазик. Но, не се сеќавам дека дојдовме до некаков одговор за потеклото на оваа убаво и чудно зборче. Од каде тој супердеминутив, зошто кралчиче за растенијата што се извишуваат и по десетина и повеќе метри и пуштаат најдлабок и најразгранет коренски систем, за оваа дрво со благи, бели, гроздести цветови што ги јадевме како деца и преторијанска гарда од долги и остри боцки. Дали, можеби, некој отруен принц или принцеза од старите времиња се разбудиле од кома откако се боцнале на боцка од багрем!? Или обратно, паднале во бессознание!? Како растението успеало да го сочува оваа аристократично име и дали багремот го загрозува идентитетот на кралчичето или е обратно? Јас само знам дека дрвото е крал на својот живот, сѐ што му треба си има во себе, се размножува брзо и лесно, не бара полевања и окопувања или, не дај боже, хемиски третмани со прскање и ѓубрење, расте и се развива наспроти сѐ, не сум сретнал мртво кралчиче, можеби кога ќе им дојде редот вечерно време се повлекуваат и исчезнуваат на своите тајни гробишта.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Џорџ Барет

ОкоБоли главаВицФото